Кога светот немо гледаше - 75 години по „кристалната ноќ“
9 ноември 2013„Сѐ уште многу добро се сеќавам на утрото на 10. ноември“, вели В. Михаел Блументал. „Татко ми беше уапсен рано утрото и среде возбудата на мајка ми можев да истрчам на улица. Јас ги видов скршените излози на Курфирстендам и синагогата на Фазаненстраше која веќе не гореше, но излегуваше чад од неа.“ Блументал тогаш беше мало момче, имаше 12 години. 75 години подоцна тој е повторно во Берлин, како директор на Еврејскиот музеј и како Американец кој некогаш бил Германец.
Омаловажувани и тепани
Ноќта меѓу 9. и 10. ноември во Германија и Австрија се случија страшни протести против Евреите. Стотици синагоги и молитвени денови беа ограбени, уништени и запалени. Луѓето беа омаловажувани и тепани на улица, во некои случаи дури и убиени - само затоа што беа Евреи. Полицијата гледаше, пожарникарните служби не го гаснеа пожарот во синагогите и еврејските продавници, туку единствено во околните куќи.
И тоа беше само почеток. Веќе на 10. ноември 30.000 Евреи мажи беа однесени во концентрационите логори во Дахау, Заксенхаузен и Бухенвалд. Меѓу нив и татко му на В. Михаел Блументал. „Сѐ уште се сеќавам на зборовите на мајка ми кога го одведоа двајца полицајци. 'Што се случува? Што правите со него? Што сторил?' Дури и како дванаесетгодишно дете се чувствува стравот на возрасните, во овој случај на мајка ми“.
Зошто 9. ноември 1938?
Телесни напади и заплашувања на Евреите беа на дневен ред во Германија уште од преземањето на власта од страна на националсоцијалистите во 1933. година. По Нирнбершките закони од 1935. година, од Евреите многумина веќе беа отстранети од нивните професии. Други закони го ограничуваа пристапот до јавниот простор, исто така еврејската сопственост веќе на големо беше „во рацете на ариевци“.
Но: „Важно е ноември 1938. да се сфати како пресврт во историјата“, вели историчарот Рафаел Грос, кој раководи со еврејскиот музеј Франкфурт. „По 1938. она што се нарекува епоха на германското еврејство е минато. Германското општество потоа се смени“.
Како добредојден повод за погромот на националсоцијалистите им послужи атентатот во Париз на еврејскиот тинајџер Хершел Гринсзпан врз германскиот дипломат Ернст вом Рат на 7. ноември. Откако германското радио јави за случајот, во некои германски градови избија антиеврејски немири. Во цела Германија протестестите почнаа по два дена - откако Хитлер лично издаде наредба за тоа.
Од Минхен, каде беше собрано целото раководство на националсоцијалитите на годишнината на пучот на Хитлер, министерот за пропаганда во Третиот Рајх Гебелс одржа говор, во кој тој издаде наредба да се уништуваат еврејските продавници и да се палат синагогите. Полицијата не треба да се меша, пожарната служба да го чува само имотот на ариевците. Пљачкосувања се забранети.
Ова беше спроведено уште истата ноќ. Не само во Берлин, исто и во Келн, Хамбург, Франкфурт, во помали градови, села, во цела Германија. „Од сите можни причини Германците или соучествуваа или гледаа настрана“, се сеќава Блументал. Иако ова не значеше, дека им се допаднало, што се случило „но никој ништо не кажа“. „Ноември 1938. се случи пред очите на сите, пред очите на печатот во светот, пред пратеништвата, пред сите граѓани“, смета историчарот Рафаел Грос.
„Курфирстендам изгледаше како бојно поле“
И покрај официјалната забрана на 9. и 10. ноември се пљачкосуваше. „На улиците се гледаа банди млади луѓе, кои ги покажуваа култните предмети од израелските Божји храмови (...)“, информираше бразилската амбасада. Сите дипломати акредитирани во Германија известуваа во нивните татковини. „Извештаите се полни со гадење и паѓаа зборови како 'варварство врз културата'“, вели Херман Симон. На директорот на Центрум јудаикум му успеа да собере извештаи од Хамбург до Инсбрук, од Келн до Бреслау - напишани од дипломати од 20 земји, кои во 1938. беа на служба во Германија. Наскоро тие ќе може да се прочитаат на една изложба.
Таму е на пример полскиот генерален конзул во Лајпциг. Тој информира за семејството на полскиот државјанин Шперлинг. „Сопругата на Шперлинг била соблечена гола, и тепачите се обидоа да ја силуваат“. Или летонскиот амбасадор, кој пишува: „Курфирстендам изгледаше како бојно поле“. Финскиот претставник информира за „погубната критика“ од населението. „Се срамам како Германец“ била многу честа изјава, која се слушала.
Светот гледаше
Конкретни барања или предлози за делување дипломатите меѓутоа не испратија до нивните влади. „Владееше исчекување и лажна надеж, дека би можело некако да се спогодат со режимот“, вели Херман Симон. „Оттука ехото на извештаите е релативно слабо“. Рафаел Грос противречи: „Како последица на ноември 1938. започнаа транспорти на деца во Англија. Секако дека реагираа некои држави, но тоа беше премалку.“
Дека националсоцијалистите ќе исковаат план, да ги убијат сите Евреи на светот, во тој момент сѐ уште не можеше да се согледа, смета тој. Така италијанскиот амбасадор на 16.11.1938. година напиша: „Незамисливо е (...), 500.0000 луѓе еден ден да се стават пред ѕид или да бидат осудени на самоубиство или да се затворат во огромни концентрациони логори“. Фатална погрешна проценка. Семејството на В.Михаел Блументал во 1938. година успеа да пребега во Шангај. Тоа беше единственото место каде во тој момент бегалците можеа да влезат без виза.