Кои доселеници ги сака Германија?
4 март 2015Германија долго ја избегнуваше темата доселување. Прво земјата не го сакаше епитетот доселеничка земја, едноставно не сакаше да го прими на знаење тековното доселување. Ставот на земјата кон доселените странци ништо не го отсликува подобро од долгоприсутниот израз „гастарбајтери“, - работници на гостување, на привремена работа. Слично беше подоцна и со терминот „доселување“, кој исто така има призвук на привремен престој, а токму тоа беше и намерата. Првенствено партиите на Унијата(ЦДУ и ЦСУ) како ѓавол од крстена вода бегаа од поимот имиграција, делумно до денешен ден, за да не ги уплашат своите гласачи. Во меѓувреме, не се потребни никакви статистики за да се докаже фактот што Германија, по САД, е втора најчеста цел на доселениците: земјата минатите години стана видливо пошарена. Денес ниеден сериозен политичар не го порекнува фактот за Германија како доселеничка земја.
Разликата меѓу стварноста и желбите
Сепак, многумина и понатаму како и порано ги мешаат фактичката состојба и посакуваната или бараната: ако се каже дека Германија е доселеничка земја, тоа не значи оти таа и треба да биде таква. Се чини дека барем во политиката и стопанството, ова прашање добива претежно позитивен одговор. Притоа, се поставува веќе следното прашање-кои доселеници ги сака земјата. Прекупотребна е широка дебата на таа тема. Други земји многу порано од Германија ги формулираа приемните критериуми. Зашто, постои меѓународен натпревар за квалификувана работна сила. Германија тука одамна има лош пласман. Причините често се јазични, бирократски или политички. Но, една од причините е и тоа што Германија едноставно не се гледа себе си во тој натпревар.
Кој ќе остане пред вратата?
Оние кои ја поздравуват новата отвореност, треба да се свесни и на одредени последици. Прво: Оној кој кажува кого го сака, со тоа кажува и кој е непожелен. Притоа тука лесно се меша врбувањето работна сила со политичкиот азил, каде економскиот интерес на државата не игра никаква улога. Имено, претприемчивите политичари и претставници на стопанството брзо осознаа дека и меѓу луѓето кои бараат азил има такви кои се толку драгоцени за германската економија, што може да им се дозволи да работат. Прашањето дали тие имаат право на политички азил, по овој аргумент веќе не се поставува. Вредноста на еден бегалец, еден човек, следователно многу брзо почнува се мери само врз основа на неговите професионални квалификации.
Држави - добитници и губитници
Второ, мора да се има на ум тоа што меѓународниот натпревар во придобивање на најспособните и најпаметните одамна ги подели државите на табори на победици и губитници. Сиромашните држави ги губат најталентираните преку процесот на одлив на мозоци, бреин-дреин и така дополнително го намалуваат потенцијалот да создадат благосостојба. Наспроти нив, богатите држави долгорочно можат да сметаат на армија релативно лошо платени, но високо мотивирани образовани работници. Неодамна низ медиумите курсираше информацијата според која во британскиот град Манчестер работат поголем број лекари од Малави отколку во самата африканска држава Малави. Дали е тоа точно, не е толку битно, важно е принципиелното постоење на проблемот. Да биде поголема иронијата, европските хуманитарни организации потоа, за да ја ублажат ситуацијата, испраќаат европски лекари во Малави, платени со европски донации.
И во Европа се зацврстува нееднаквоста меѓу државите. Како една земја како Грција некогаш повторно ќе застане на нозе, ако од неа си заминуваат најспособните млади луѓе? Тоа пак, обратно, не смее да биде аргумент за спречување на мобилноста на работната сила, но мора да поттикне на размислување.
Огромно интеграциско постигнување
Крајно, мора да се присетиме на еден фактор кој е можеби најважен во дискусијата: тоа е прашањето на прифаќањето на доселениците. Кога германските работодавачи се жалаат на недостиг на стручна работна сила, зад тоа се крие нивниот економски интерес и тоа нема врска со општата благосостојба. Стопанството е задоволно да добие што е можно повеќе луѓе во чие образование инвестирале другите држави и кои главно поставуваат помалку барања од домашните вработени. Исто како што мнозинството „гастарбајтери“ не останале гости и не заминале, во Германија ќе останат и овие стрчњаци, дури и тогаш кога на стопанството ќе му тргне на полошо.
Ако вистински целта е на пазарот за труд да се замени генерацијата на „беби бум“, која заминува во пензија, тогаш станува збор за двоцифрена милионска бројка од доселеници во само неколку години. Кој гарантира дека општеството може да изврши толкава огромна интеграција? Освен тоа, не е воопшто јасно дали развиените економии во иднина воопшто ќе имаат потреба од толку многу работници како денес. Но, луѓето кои веќе дошле не можете така едноставно да ги вратите назад.
Сето ова не зборува против дебата за доселувањето, напротив. Крајно време е таа во Германија сериозно да се поведе. Зашто, се работи за патокази кои долгорочно масовно ќе го променат општеството. Мора многу добро да се размисли што ќе се направи.