Кои се всушност Слободните избирачи?
16 октомври 2018Каква партија е тоа и кој е заслужен за нејзиниот успех? Слободни избирачи. Така се викаат. Во името не им пишува ни дека се „христијански“, ни „социјални“, ниту пак „демократски“. Бојата во спектарот политички партии- е непозната. Ниту се претставуваат како „алтернатива“ некому или на нешто.
Во поголемиот дел на Германија луѓето едвај и да слушнале за нив. Каква партија е тоа која на изборите во Баварија во неделата доби дури 11,6 насто гласа, па сега би можела да стане партнер во власта во најбогатата германска покраина? Одоворот може да се даде во два збора: Хубер Ајвангер. Тој е носител на листата на Сободните избирачи. На некој начин тој е целата партија.
Конзервативни, но различни
Слободните избирачи се закотвени во Баварија и во соседната и нешто помалку богата покраина Баден-Виртемберг. Особено се јаки во селските предели. Единствениот покраински парламент во кој се застапени е токму баварскиот, но неделниот резултат им е рекорд. За првпат таму влегоа во 2008 година со 10,2 отсто гласа, па тоа го повторија во 2013 година со 9 насто. Бројат само 4.500 члена.
Тие се конзервативни, исто како и вечните баварски владетели, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ). Се залагаат за традицијата, сакаат да ги поттикнат дијалектите и во училиштата да се учи за родниот крај и за татковината.
Повеќе на темата:
-Политички земјотрес во Баварија
-Голем удар за сестринската партија на Меркел во Баварија, голем успех за Зелените
Во бегалската политика, која со волја на ЦСУ стана доминатна тема на покраинските избори, Сободните избирачи не се разликуваат многу од водечката партија. И тие сакаат засилени гранични контроли, помалку доселувања на бегалски семејства, консеквентни депортирања и побрзи одлуки за азил.
Со тоа Слободните избирачи станаа алтернатива за гласачите на ЦСУ на кои десничарската Алтернатива за Германија (АфД) им е сепак премногу радикална. Така Слободните избирачи се главна причина што АфД за првпат влезе во баварскиот Ландтаг со двоцифрен резултат (10,2 насто), но сепак помалку отколку што се надеваше.
Додуша, Слободните избирачи имаат теми во кои значително се разликуваат од ЦСУ. Тие се залагаат за бесплатни градинки, повеќе буџетски субвенции во областа за домување- но, тоа не се преголеми препреки доколу навистина се впуштат во сериозни преговори со ЦСУ.
Постои сепак црвена линија кај која договорот ќе биде потежок: Слободните избирачи со сета сила одбиваат големиот меѓународен аеродром во Минхен да се прошири и да добие и трета писта. Тоа експлицитно го напишаа во својата програма.
Човек-партија
И ете нѐ повторно кај Хуберт Ајвангер, кој е алфа и омега во партијата. Потребен е цел пасус да се набројат неговите функции: тој е сојузен шеф на Слободните избирачи и, исто така, шеф на Слободните избирачи во Баварија, шеф е на пратеничката група во покраинскиот парламент, а учествува во локалната власт во градот Ротенбург, како и во регионалната власт во областа Ландсхут. Ајвангер е роден 1957 година и почнал да се занимава со политика кога имал 30 години- во Слободните избирачи за кои тогаш баш никој не знаел. Наводно, секогаш сметал дека баварската ЦСУ е премногу арогатна, премногу самоуверена. И сега Ајвангер ја доведе својата партија до врвот. Но, што понатаму?
Шефот на партијата тврди оти во неговиот табор се „последните разумни конзервативци“, но сепак ја гледа ЦСУ како природен партнер. Можно е Германија да се наслуша долнобаварски дијалект кој со гордост го зборува овој хоби-ловец.
По изборите го прашаа што ќе се случи ако премиерот на Баварија, Маркус Зедер, го повика во коалиција. „Би бил подготвен. Ако тој каже 'да', тогаш одиме.“