Кои се можните наследници на Ангела Меркел
Ангела Меркел се повлекува од лидерската позиција во ЦДУ, но ќе остане канцелар - веројатно до следните сојузни избори во 2021 година. ДВ истражуваше кои се нејзините можни наследници на партиското кормило.
Анегрет Крамп-Каренбауер, ЦДУ
Крамп-Каренбауер, позната и како АКК, беше избор на Меркел за генерален секретар на ЦДУ во 2018. Наводно таа е изборот на Меркел за иден партиски лидер. АКК ја предводеше коалицијата на ЦДУ и социјалдемократите во покраината пред да стане генерален секретар. Се смета за умерена политичарка која би ги продолжила центристичките политики на Меркел.
Јенс Шпан, ЦДУ
Овој 38-годишен политичар е најмладиот и најистрајниот критичар на Меркел. Влезе во Бундестагот во 2002 година и стана министер за здравство во 2018. Шпан, кој не ја крие својата хомосексуалност, е популарен во конзервативното крило на ЦДУ. Тој е против двојното државјанство за младите странци, ги критикува обидите за релаксирање на законите за абортус и јавно повика на забрана на бурката.
Фридрих Мерц, ЦДУ
Поранешниот лидер на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот се повлече од мејнстрим политиката откако го напушти Бундестагот во 2009. Но, овој 62-годишник ја најави намерата да ја наследи Меркел само неколку часа по веста дека таа се повлекува. Мерц наводно имал судир со Меркел откако таа го замени како шеф на пратеничката група во 2002 година. Од 2016 е на чело на корпорацијата Блекрок.
Армин Лашет, ЦДУ
Лашет стана премиер на покраината Северна Рајна Вестфалија во 2017. Неговата победа означи и голем пораз за социјалдемократите во една од најбогатите германски покраини. Католикот и поранешен новинар, 57, од критичарите често е прогласуван за „премногу фин за политика“. Тој е еден од водечките функционери во ЦДУ.
Јулија Клекнер, ЦДУ
Клекнер стана министерка за земјоделство во 2018, ја предводи ЦДУ во покраината Рајнланд Пфалц од 2011. Во 1995 година, пред да влезе во политиката, беше прогласена за германска „Винска убавица“. Како и Шпан, и таа му припаѓа на конзервативното крило на ЦДУ. Во 2016 предизвика изненадување кога предложи алтернативен план на бегалската политика на Меркел.
Петер Алтмајер, ЦДУ
Алтмајер, познат и како „телохранителот на Меркел“, ја поддржува политиката на канцеларката на сите фронтови. Потекнува од Сар, а во Бундестагот влегува во 1994 година, откако претходно работи во ЕУ. Поранешниот министер за животна средина, сега раководи со економијата, и се смета за мајстор на задкулисната дипломатија.
Урсула фон дер Лајен, ЦДУ
Фон Дер Лајен стана министерка за одбрана во 2013 откако претходно раководеше со ресорот труд. И покрај нејзините реформски напори, инвестициите во одбраната и натаму се многу мали, а армијата и натаму страда од недостатоци во многу сфери. Фон Дер Лајен, која студирала во САД и Велика Британија, поддржува засилена германска улога во странство и подобрување на врските со армиите на земјите од ЕУ.
Фолкер Буфие, ЦДУ
Буфие е премиер на покраината Хесен од 2010 година. Претходно беше и министер за внатрешни работи и на двапати ја доби „наградата“ Големиот Брат од активистите за заштита на личните податоци, поради мерките за следење на полицијата. Освен што е премиер во Хесен, тој е и во врвот на раководството на ЦДУ.