Колапс на Иран не е на повидок
18 јануари 2020Отсвирувањето на крај на Исламската Република Иран доаѓа прерано. Од признанието на чуварите на револуцијата дека случајно го собориле украинскиот патнички авион и го криеле тоа три дена, многу Иранци го споредија тоа со нуклеарната катастрофа во Чернобил во април 1986 година. Советското раководство тогаш воведе повеќедневна забрана за информации. Во ретроспектива, катастрофата и справувањето со неа станаа симбол на потфрлањето на Советскиот Сојуз, чие распаѓање започна повеќе од три години подоцна. Ова не мора да се повтори во Иран.
Паралелите со исламската револуција се исто така прерани: во февруари 1979 година безбедносните сили повеќе не пукаа кон демонстрантите, сè повеќе и повеќе од нив преминуваа на страната на револуционерите. А тие имаа харизматична фигура, ајатолахот Хомеини, околу која се собираа сите.
Нема предуслови за успешна револуција
Вакви предуслови за успешна револуција не постојат денес. Бидејќи чуварите на револуцијата, формирани во жарот на војната против Ирак од 1980 до 1988 година, се решени да продолжат да стрелаат со огнено оружје кон демонстрантите. Тие се безусловно лојални на системот од кој тие исто така имаат и економска полза. Демонстрантите, сепак, не се во состојба да постигнат критична маса за да и се спротистават на оваа сила. И тие немаат водач околу кого би можеле да се соберат сите.
Сепак, ритамот на протестите во Исламската Република Иран ќе се забрзува, паролите ќе станат порадикални, а протестите ќе бидат покрвави. Првиот голем протест во 1999 година траеше една недела - студентите протестираа против затворањето на реформски весник. Нивниот протест во околината на универзитетот во Техеран беше задушен со насилство.
Повеќе на темата:
-Украинскиот авион соборен со две ирански ракети
-Иранците сакаат да завладее закон и ред
-Иранците демонстрираат против лагите на својата влада
Десет години подоцна, по манипулираниот реизбор на претседателот Махмуд Ахмадинеџад, демонстрантите, претежно од средната класа, и припадниците на Басиџ милицијата- составена од доброволци лојални на режимот - за првпат водеа улични битки во Техеран. Тогаш три милиони луѓе демонстрираа мирно и бараа изборите да бидат поништени. Но, и тие не формираа критична маса за да ја разнишаат Исламската Република.
На преминот од 2017 кон 2018 година, десетици илјади, претежно сиромашни Иранци излегоа на улиците низ целата земја, протестирајќи против високата инфлација и невработеноста. Потоа, во минатиот ноември, трикратното зголемување на претходно ниската цена на бензинот го предизвика досега најголемиот бран протести. Во сите провинции, и во големите и во малите градови, луѓето демонстрираа против раководството на Исламската Република, згради на државните банки и на безбедносните сили беа запалени. Безбедносните сили во разбивањето на протестите употребија огнено оружје и повеќе од 1.000 демонстранти беа убиени.
Искрата не се распламте натаму
Најновите протести по соборувањето на украинскиот авион тргнаа од два универзитети во Техеран, каде се одржа бдеење за жртвите. Искрата не се распламте и во другите слоеви на населението и протести има само во неколку други градови. Безбедносните сили користеа солзавец и гумени куршуми но не пукаа од огнено оружје, како што беше случајот во ноември минатата година. Протестот брзо стивна.
Соборувањето на патничкиот авион несомнено ја забрзува ерозијата на довербата во Исламската Република. Сепак, 80-годишниот револуционерен водач Хамнеи не покажува никаква подготвеност да извлече заклучоци од ова и да иницира реформи. Напротив, Советот на чувари на револуцијата дисквалификуваше голем број кандидати за парламентарните избори на 21 февруари, дури на секој трети од сегашни пратеници веќе не му е дозволено да се кандидира. Хамнеи сака да се погрижи за тоа една нова генерација на млади пратеници кои му се посветени нему и на принципите на револуцијата да го контролира парламентот, кој и онака има малку да каже во иранската политика. Во иранското општество врие. Па сепак колапсот на Исламската Република не е неминовен, барем не во блиска иднина.