Колатералните жртви на откритијата на Викиликс
23 август 2016Американската новинска агенција Асошијетед прес (АП) откри дека интернет сајтот Викиликс, настојувајќи да открие владини тајни, предизвикува коларатерална штета кога станува збор за приватноста на стотици невини луѓе, вклучувајќи и жртви на сексуално насилство, болни деца и ментално хендикепирани лица.
Платформата Викиликс во последнава година објави голем број медицински документи на обични граѓани, а на сајтот се објавени и чувствителни семејни, финснсиски и лични податоци на стотина луѓе.
Во два случаја, наведува Асошијетед прес, Викиликс навел имиња на тинејџери кои биле жртви на силување, а го објави и името на еден саудијски државјанин кој е уапсен бидејќи е хомосексуалец, што во таа земја се казнува со смрт.
Без одговор од Асанж
Викиликс како своја цел го постави објавувањето на државно цензурирани материјали кој се однесуваат на војни, шпиунирање и корупција. Објавувањето на лични податоци е во спротивност со тврдењата на оваа организација дека ја штити приватноста, што предизвика критики дури и кај нејзините сојузници.
Асошијетед прес наведува оти не успеал да добие одговор од основачот на Викиликс Џулијан Асанж.
Во текот на минатата година се објавени половина милион документи од Демократскиот национален комитет, турската владејачка партија (АКП) и саудиското министерство за надворешни работи. Меѓу документите, меѓутоа, има и лични податоци за обични граѓани. Во саудијските дипломатски телеграми има најмалку 124 медицински документи, според примерот кој го анализираше Асошијетед прес. Во некои од нив се опишани пациенти со психијатриски проблеми, тешко болни деца или бегалци. Американската новинска агенција разговарала со 23 лица, главно од Саудиска Арабија, чии податоци се објавени на Викиликс. Некои од нив не знаеле ништо за тоа, бидејќи Викиликс е цензуриран во нивната земја. Викиликс објави и податоци за индентитетот, броеви на телефони и други информации кои лесно можат да бидат злоупотребени од криминалци, наведува Асошијетед прес.
Итноста на мисијата поважна од приватноста?
Во документите од Демократскиот национален конгрес објавени минатиот месец има над 20 броеви од социјално осигурување и кредитни картички, според анализата на Асошијетед прес. Две лица изјавиле за Асошијетед прес дека биле жртви на кражба на идентитетот, а еден пензиониран америкаски дипломат морал по објавувањето на документите да го промени својот телефонски број. Асошијетед прес нашол околу 30 извештаи кои се однесуваат на семејни и многу лични работи во телеграмите, вклучувајќи и пораки за бракови, разводи, исчезнати деца и борби за старателство. Професорката по медиуми и комуникација на американскиот Универзитет Друб, Лиза Лине, која со години го следи Викиликс, изјави дека Асанж можеби нема доволно луѓе да ги проучат документите како што треба или можеби смета оти итноста на неговата мисија е поважна од приватноста и дека целта ги оправдува сретствата.
Иако на почетокот Асанж ангажираше новинари да ги редигираат документите пред објавување, подоцна ја напушти оваа пракса.