1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали тарифите на Трамп и штетат на Кина?

Артур Саливан
17 мај 2019

Кинескиот извоз во САД е предмет на царини што Трамп ги воведе минатиот јули. Според американскиот претседател, тие и предизвикуваат проблеми на кинеската економија, но дали Кина сепак има повеќе сила за трговска војна?

https://p.dw.com/p/3If4M
Xi Jinping und Donald Trump
Фотографија: Getty Images/T. Peter

Растот во кинеската економија континуирано опаѓа во изминатата деценија. Од 12 проценти годишен раст на БДП во 2010 година, бројката сега е повеќе од преполовена.
Минатата година кинеската економија забележа раст од 6,6 проценти. Таквиот пораст би бил причина за голема прослава во речиси секоја поголема западна економија, но всушност е најбавниот раст за Кина од 1990 година наваму. 2018 е годината во која Доналд Трамп воведе казнени царини на кинески импорти, пракса која ја продолжи изминативе денови со нов бран на давачки. Груба пресметка би можела да извлече директна врска меѓу тој факт и најниската стапка на раст во Кина во изминативе 29 години. Но, дали е се толку едноставно?
„Мислам дека намалувањето на растот е 50 проценти благодарение на трговската војна, а 50 проценти се должи на неправилностите во банкарскиот сектор кој резултираа со проблеми за кредитирање на приватниот," вели Алан Ван Мерен, главен аналитичар на Данске банк, за ДВ. Тој смета дека најголемото влијание што го имале американските казнени царини врз кинеската економија минатата година била неизвесноста што ја предизвикале и последователната штета на подготвеноста за бизниси. „Тоа зададе удар на потрошувачката и на инвестициите во приватниот сектор, а секако и на извозот," вели тој.

Проверка на штетата

Податоците кои беа објавени за кинеската економија изминатава среда не се охрабрувачки. Малопродажбата во Кина е падната на најниско ниво од 2003 година што ја потврдува анализата на Мерен дека потрошувачите ги намалуваат издатоците. Друг индикатор дека ситуацијата е проблематична е податокот за индустриското производство во земјата. Растот значително е опаднат во април годинава во однос на претходниот месец. Сепак, ако се гледаат во глобала економските податоци не укажуваат на тоа дека царините на Трамп предизвикале диретна штета на кинеската економија, освен веќе споменатото влијание на бизнис расположението што пак предизвикало намалени инвестиции и потрошувачка. Според Ван Мерен, таквото влијание опфаќа многу сектори, но еден исклучок е градежниот каде владините пакети за поддршка придонеле секторот да остане стабилен.

Преживување со пакети субвенции

Кинеската влада пак, го сфати влијанието што трговскиот конфликт со САД го имал врз економијата. Во март годинава владата го ревидираше својот таргет за економски раст за 2019 на 6 до 6,5 проценти додека премиерот Ли Кечијанг како причина наведе "темелни промени во нашата екстерна околина," и со тоа јасно алудираше на трговскиот спор со САД.

Од јули кога американските царини постигнаа целосен ефект, Пекинг воведе фискални мерки за стимулација на инвестициите и потрошувачката. Покрај тоа, владата се обиде да го подобри пристапот до кредити за приватниот сектор со оглед на "крахот” во црниот банкарски сектор, индустрија на нерегулирани позајмици кои функционираат надвор од регуларниот банкарски систем. Фактот што економскиот раст се намалува и покрај ваквите мерки укажува на значајни предизвици со кои се соочува втората најголема економија на светот како последица на мерките на Трамп. Според Ван Мерен друг ризик е што некои компании кои се занимаваат со производство ќе го префрлат од Кина во други азиски земји, како Виетнам. "Многу тешко е да се квантифицира тоа, но податоците укажуваат на тоа дека ова се случува," вели тој.

Infografik Was importieren die USA aus China EN
Што увезуваат САД од Кина?

Кој ги плаќа царините?

Се почна со соларните панели. Потоа на ред дојдоа челик и алуминиум. Сега практично сите увози од Кина во САД во вредност од 476 милијарди долари годишно се предмет на некаков вид на царини почнувајќи од 10 проценти па нагоре. Но, треба да е земе в предвид дека царините не ги плаќаат автоматски кинеските извезувачи. Во многу слуачи американскиот увозник избира да ги преземе дополнителните трошоци. Иако волуменот на увоз од Кина почна да се намалува откако беа воведени американските царини во јули минатата година, сепак три пати повеќе се увезува од Кина во САД отколку во обратен правец. Дури и за поголем трошок, американски фирми избираат да купуваат кинески производи во голем обем. Тоа може во еден дел да објасни зошто Трамп се обидува да го зголеми притисокот врз Кина во изминатите недели, а најнова мерка на Трамп беше што телекомуникациска опрема произведена од "странски противници" – со што јасно се алудира на Хуавеи – ја декларираше како национална вонредна состојба.

Проширување на конфликтот?

Иако според Ван Мерен Кина е способна да се справи со ескалација на трговски непријателства тој вели: "Не мислам дека резолуција е итна за Кина и дека тие ќе сменат нешто поради зголемениот притисок," и додава: "Мислам дека тие се подоготвуваат за долгорочна трговска војна и сега веруваат дека имаат поголема моќ на издржливост." 
Иако тој верува дека потребата за пакет владини стимулативни мерки одложи некои долгорочни цели на Кина како на пример транзицијата на компаниите кои се во државна сопственост и инфраструктурни проекти, сепак вели дека трговските конфликти на многу начини се "стратешки подарок" за Кина бидејќи ја зацврстија потребата од одредени економски реформи во земјата. „Најважно за кинеската перспектива се реформите, образованието и инвестициите во развој на производството," вели тој. "Се додека Кина покажува посветеност на ова верувам дека изгледите се генерално позитивни. "

Точно, постои длабока загриженост којашто произлегува од трговскиот конфликт, настрана од чисто економски аспект, а тоа е севкупно влошување на кинеско – американските односи.

"Се чини анти-кинеското расположение во САД брзо се шири и стравувам дека САД ќе почне да ја предизвикува Кина на сите фронтови," вели тој. Дали тоа ќе значи некаква форма на воен конфликт, околу Тајван или територијалните прашања околу јужно Кинеско море, во таков случај актуелниот трговски конфликт би бил минорен.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема