Брегзит без договор би бил скап
8 декември 2020Прогнозите е често прилично неодредени. Иднината сака да се крие. Во случај на разделба на Велика Британија и Европската унија, за која решително се залага Лондон, јасно е само едно: ако 31 декември не се постигне важечки договор за разделба , тогаш за двете страни важат правилата на Светската трговска организација (СТО). Тоа значи гранични контроли и низа нови давачки.
Бидејќи е тешко да се предвиди како ќе се развиваат работите, сега се зборува многу за контролите и застојот. Ова може да настапи на 1 јануари 2021 година во 00:01 часот ако не биде постигнат договор помеѓу Лондон и Брисел, што не изгледа веројатно во моментот.
На еден ден на крајот на ноември, Британците и другите Европејци можеа да видат што би можело да се случи во меѓусебната трговија: Кале од француската страна на границата ги тестираше граничните контроли, а од британската страна, во Довер, настана застој на камиони долг пет километри. И самата британска влада во Лондон поаѓа од тоа дека од 1 јануари до 7000 камиони ќе бидат во застој кај Довер.
Застојот како симболика
Застојот е слика на новите царински трошоци кои би настанале доколку се тргува според правилата на СТО: за извозот на производи на ЕУ во Велика Британија, тоа би било просечно 3,1 процент царина и 1,4 проценти други давачки, пресмета Оксфорд Економикс. И за увозот на британски производи во ЕУ исто така би морало да се плажа просечна царина од 3,3 проценти. Но, постојат и големи разлики во однос на видот на производот: за автомобили и земјоделски производи царината би изнесувала 10 проценти, за млечни производи дури 36 проценти.
Повеќе:
-Брегзит: Топката е кај Британците
-Брегзит: Џонсоновата стратегија на хаос
Финансискиот сектор беше изоставен од разговорите за слободна трговија меѓу Лондон и Брисел. Но, без лондонскиот финансиски центар, работите изгледаат лошо и за финансиската индустрија во Европската унија, е претставата која изгледа преовладува во ЕУ.
Но, независно од финансиската индустрија, во трговијата помеѓу двете страни станува збор за многу пари. Во 2019 година, стоки во вредност од околу 500 милијарди евра беа разменети помеѓу Велика Британија и ЕУ. Германскиот извоз во Велика Британија вредеше речиси 79 милијарди евра. Во исто време, Велика Британија меѓу германските надворешнотрговски партнери веќе падна од третото место од пред четири години на петтото место - што е последица на Брегзит и пред да се случи.
Овој тренд веројатно ќе продолжи, убедени се повеќето набљудувачи. Затоа не изненадува решителноста на владата на Борис Џонсон во тековните преговори, кои сѐ повеќе се претвораат во партија покер. Бидејќи, британската индустрија е многу позависна од меѓународните ланци на снабдување отколку обратно. Според студијата на институтот Ифо од Минхен, британската индустрија увезува многу полуготови производи од ЕУ и за нив нема алтернатива. И поради ова, на Велика Британија ѝ се заканува раст на цените.
Ќе поскапат дури и чадорите
Кредитната агенција Ојлер Хермес говори за 15% поскапување на увезената стока во Обединетото кралство. Инфлацијата би можела да порасне на околу пет проценти во наредната година, а фунтата да девалвира за десет проценти.
Дури и чадорите би можеле да поскапат за Британците, забележува германскиот дневен весник „Билд“. Но, и тоа е омилено нагаѓање, бидејќи сигурни податоци - нема.
Дека последиците од т.н. тврд Брегзит ќе бидат потешки за Британците отколку за остатокот од ЕУ, а трошоците поголеми е нешто за кое се согласуваат многу набудувачи, доколку не се приврзеници на партијата на Борис Џонсон. По првичниот шок поради резултатот од референдумот за Брегзит пред четири години, „во меѓувреме сме опуштени“, забележува Марк Тенбиг од Сојузот на германските средни претпријатија ДМБ во интервју за весникот „Велт“. „Очекуваме тврд Брегзит“, вели Тенбиг, додавајќи дека германските компании се подготвиле за тоа.
За една таква опуштеност од британска страна не може да стане збор. За тоа се погрижи корона-кризата, која особено тешко ја погоди Велика Британија. Британската економија годинава ќе забележи пад од 11,3 проценти, според проценките на независната служба за буџетски прашања во Лондон (ОБР). Во случај на Брегзит без договор, следната година би следел пад од дополнителни два процента, прогнозира ОБР.
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) е уште попесимистична. На среден рок, британската економија, дури и со договорот за Брегзит, ќе расте послабо за 3,5 проценти отколку што би се развивала доколку остане во ЕУ. Но, во случај на напуштање на ЕУ на 1 јануари без договор, ОЕЦД по две години очекува минус до пет проценти. Се чини дека не е добра зделка. Не изгледа дека тоа е добар „дил“.