Колку е веќе отворена Куба?
21 март 2016Сол Мартинез седи во сенка пред својата куќа во Хавана, во населбата Вадедо. Замислено го набљудува брачниот пар туристи од Шпанија кој штотуку ја напушта една од двете соби кои таа веќе неколку години ги изнајмува. Многу е задоволна: „Толку многу гости досега немало. Сега веднаш ќе дојдат наредни туристи, еден пар од Германија.“
По шпанските туристи дојде Фран кој ги вози гостите на Сол. Ни тој нема на што да се пожали: „Вчера имав возење до центарот на островот, до Кајос. Задутре имам договорено возење до Вињалес“, објаснува додека ги става во автомобилот куферите на шпанските туристи. Автомобилот всушност не е негов, тој само го „работи“- како што се вели на Куба. Но и така, со плаќање на сопственикот, заработува повеќе отколку што на Куба би заработил некој со завршен факултет во државна фирма.
Изнајмување на соби и возење такси се професии кои на граѓаните на Куба од 2011. година им се дозволени. Списокот на дозволени професии опфаќа 20-тина услуги, меѓу кои се некои егзотични како „полнач на бензински запалки“. Но најдобро се заработува таму каде што има некоја врска со туризмот, особено по најавеното подобрување на економската соработка помеѓу американскиот претседател Барак Обама и кубанскиот претседател Раул Кастро во декември 2014. година.
Треба да се побрза пред поплавата од Американци
Тоа беше знак и за останатите граѓани од другите земји да одат побрзо на Куба пред таа повторно да биде преплавена со Американци. Граѓаните на САД веќе започнаа да доаѓаат на, за нив до неодамна, „забранетиот остров“. Само во првите два и пол месеца годинава се забележани повеќе од милион посетители, што е нов рекорд. Сместувањето во хотелите е сѐ поскапо, но без оглед на тоа соба едвам да може да се резервира и во втората половина- во наредната година! Голема побарувачка има и за приватно сместување, а во Хавана насекаде никнуваат нови барови и ресторани.
Веќе некое време на Куба владее политика на внимателно економско отворање. Освен на подрачјата во кои е дозволено да работат и приватни претприемачи, донесен е нов закон за странски вложувања. Сѐ уште се држат под контрола: владата на Куба објави каталог на можни инвестиции со околу 300 проекти со вкупна вредност од над 8 милијарди долари. Проектите опфаќаат разни нешта, од фарми со пилиња и фабрики за вакцини, па се до турбини на ветер. Интересот е огромен: веќе со месеци во Хавана редовно пристигаат странски државници, најчесто во придружба на голем број претставници од економијата.
Изгледа дека Куба во поволен момент ја отвори својата врата за странски инвеститори: голем број други земји од Латинска Америка ги потресуваат скандали со корупција, владее инфлација или рецесија. Но и покрај еуфоријата, инвстирањето на Куба останува бизнис ризик. Постојано можат да се слушнат поплаки за невозможната кубанска бирократија и правната несигурност за странски инвеститори.
Многу проекти, малку реализирани
Маријел е посебна економска зона пред вратите на Хавана, но две години по отворањето се реализирани едвам 12 проекти. Три фирми се всушност кубански: една е логистчка компанија, една банка и контејнерското пристаниште Маријела кое е изградено со инвестиции од Бразил и со кое управува фирмата „ПСА Интернешанал“ од Сингапур. Покрај нив има и една фабрика за месо на концерн од Мексико, а од Мексико е и една фабрика за бои и лакови, една белгиска транспортна фирма, произведувач на прехрамбени производи од Шпанија, градежна фирма од Бразил, а од од Бразил, заедно со Куба таму е отворена и една фабрика за тутунски производи.
Непосредно пред посетата на Обама, Вашингтон ѝ дозволи и на една американска фирма да отвори погон на Куба. Секако дека не станува збор за некаква висока технологија: фирмата „Клебер ЛЛЦ“ од Алабама на Куба веќе од наредната година сака да произведува околу илјада мали трактори. Забраната за извоз на Куба за цела низа производи е сѐ уште на сила, а и од Куба не е дозволен увоз на фармацевтски и биотехнолошки производи во САД.
Формални проблеми и пречки за економска соработка меѓу САД и Куба има уште многу- и од еднта и од другата страна. Но нашата домаќинка Сол не гледа причини за брзање и ионака не му верува на големиот осед од север, кој некогаш диктираше буквално сѐ на Куба: „Нека не мислат дека можат да го вратат времето 60 години наназад. Да дојдат и брзо да заработат пари- тоа нема да може. Мора да се придржуваат до нашите правила.“
Некои правила на слободниот пазар и на законот на понуда и побарувачка Сол веќе ги има научено. Кога станува збор за туристите од САД, вели, слободно нека доаѓаат. „А ако побарувачката биде уште поголема, тогаш веројатно набргу ќе ги зголемам цените“, вели сопственичката на две соби за изнајмнување на Куба.