Колку непристрасно информираат грчките медиуми?
1 јули 2015Дали во Грција се известува објективно? Прашањето е погрешно, вели Јоргос Плеиос. Секој новинар има свое сопствено субјективно гледиште, но треба да ја запазува непристрасноста. А тоа во Грција не е случај, сметаат признати медиумски експрети од Атинскиот универзитет. Со мали исклучоци, грчките медиуми известуваат пристрасно.
Најчесто се известува против Сириза
На пример, убедливо мозинство медиуми пред парламентарните избори во јануари ја поддржуваа претходната влада и жестоко ја напаѓаа сегашната владејачка партија Сириза. Причината за ваквото однесување се безмилосните економски интереси, објаснува професорот Плеиос. Грчките приватни медиуми се обично презадолжени и со тоа зависни од банкарски кредити. Бидејќи банките се во државни раце, околу доделувањето кредити одлучува фактички актуелната влада. Врз нејзината одлука може да се влијае со позитивно или негативно известување. Причина за тоа што големите приватни телевизии сега продолжуваат да ја оцрнуваат новата влада, очигледно е најавата на Сириза за примена на веќе постојните закони. Така на пример, треба да се врши оданочување на телевизиските реклами. Медиумските претпријатија би добиле кредити само ако се навистина кредитоспособни. Но, можеби нема да се отиде толку далеку. Ако се верува на јунското издание на истражувачко политичкиот месечен магазин „unfollow“ од Атина, во скоро време односите меѓу владата на Сириза и најважните приватни телевизии ќе бидат олабавени. Никос Папас, близок човек на Алексис Ципрас и надлежен министер за медиумите, наводно подготвува промени во медиумската сфера, односно, клима во која тие ќе бидат попријателски настроени кон Сириза.
Интересно насочено информирање
Како се одвива информирањето насочено од интереси, отсликува познатиот грчки новинар и автор на бројни политички книги, Тасос Папас. Досега околу 80 проценти од печатот известуваше негативно околу новата влада, вели тој. Испробано средство е цитирање на странските медиуми, кои пишуваат против Сириза, против „неискусната“ грчка влада, за „чудното однесување“ на грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис. Истите медиуми, кои со месеци речиси ја притискаа сегашната влада да направи компромис со кредиторите, го променија ставот во моментот кога на повидок беше решение. Сега тенорот гласи: „Каков е овој договор кој ја влошува состојбата на луѓето и ја гуши економијата“?
Тасос Папас е уредник во „Ефиремида тон Синтактон“ (Уреднички весник), кој е во сопственост на вработените. Од своето основање пред двеипол години, овој весник, претежно левоориентиран, се разви во еден од најтиражните и најавторитетни во земјата. Покрај либерално конзервативниот „Катимерини“ и економскиот весник „Нафтемпорики“, тој спаѓа во медиумите кои публицистот Јоргос Курцос ги преферира ако сака објективно да се информира околу преговорите меѓу Грција и нејзините кредитори.
Сопственички односи
Јоргос Курцос, кој 35 години работел како новинар, уредник и издавач, смета дека мнозинството грчки медиуми се фокусирани на внатрешните настани. Нивниот ксенофобичен однос се огледа и во насловите како „Меркел сака да не‘ уништи“, „Шојбле, човекопрезирникот“, „Лагард, која привидно сака да ни помогне, е луда“. На ваков начин тие не придонесуваат кон објективно информирање и суштината на дискусијата околу должничкиот спор, туку стануваат „дел од проблемот“. Подлабоките причини за ваквото информирање се наоѓаат во сопственичките односи. Сопственици на медиумите се градежници, бродоградители, директори на рафинерии, кои налагаат „политичките настани да се интерпретираат според нивните интереси“. Друг проблем е квалитетот на новинарскиот персонал. Мнозинството новинари немаат факултетски дипломи, не располагаат со доволни аналитички способности и затоа често бегаат во стереотипи и популизам, вели Курцос, кој се школувал на повеќе странски универзитети.
Би било од голема полза кога би постоела функционална јавна телевизија, со плуралистичко и содржинско непристрасно информирање. Тоа кај приватните телевизи би го зголемило притисокот за квалитативно надоградување на понудата. Иако Јоргос Курцос во меѓувреме стана европратеник од конзервативната Нова демократија, тој ја критикува одлуката на оваа партија од пред две години за затворање на јавниот телевизиски сервис ЕРТ. Фактот што сегашната влада во овој месец во повторно отворената телевизија ЕРТ како директор и програмски директор ангажира луѓе без партиска припадност, за Курцос е позитивен, но тој препорачува да се исчека натамошниот развој.