1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку одлуките на Меркел (ќе) зависат од бројките

Кај-Александер Шолц
23 мај 2020

Бројките ги диктираат потезите на политиката во корона-кризата. Паралелно со тоа унапредена е дигитализацијата. Податоците наскоро може уште повеќе да влијаат врз нашите животи и политиката, смета Кај-Александер Шолц.

https://p.dw.com/p/3cCpF
EU-Gipfel in Estland, Tallinn | Digital Summit | Angela Merkel
Фотографија: Getty Images/AFP/I. Znotins

Политиката во кризата со Ковид-19 се прави во прва линија врз основа на бројки, криви и за многумина неразбирливи параметри како „вредноста Р”. Докторот по природни науки Ангела Меркел во времиња ориентирани на факти го доживува финалето на нејзината кариера.

Опаднат бројот на невработени лица, пораст на приходите од даночните обврзници, помалку долгови - нејзината политика од секогаш ја засновала врз бројки и податоци. Во таа смисла нејзиниот стил на работа и носење одлуки одговара на потребите за борбата против пандемијата. Тоа сигурно е и една од причините што Германија барем засега помина релативно добро во кризата.

Само предвесник

Во месеците пред кризата стилот на Меркел изгледаше некако застарен. Наместо тоа на многу места политички кариери беа во знакот на емоции, патетика, па дури и гол популизам. Но, поглед наоколу покажува дека стилот на Меркел можеби е само предвесник за иднината: политика заснована на податоци има потенцијал уште посилно да ги крои нашите животи во иднина. Актуелниот напредок со дигитализацијата тоа го овозможува.

Повеќе:

-Коронавирус: Што е репродукцискиот број Р?

-Следење преку мобилните телефони во време на корона

-И довербата е фактор во битката против Ковид-19

Се уште човекот Меркел носи одлуки врз основа на бројките. Но, колку покомплексна е ситуацијата, толку посилен во иднина може да биде притисокот такви одлуки да се препуштат на вештачка интелигенција - како што во берзанското секојдневие веќе е реалност само алгоритми да оценуваат компании и да решаваат за инвестиција во акции. 

Scholz Kay-Alexander Kommentarbild App
Кај-Александер Шолц, автор на коментарот

Во канадскиот град Торонто требаше да настане Смарт Сити. Алфабет, компанијата зад Гугл, таму сакаше да изгради целосно конектирано маало. Иако проектот сега е запрен од економски причини, тоа сепак е глобалниот тренд. Од Ден Доктороф, чија компанија „Сајдвок лебс” го смисли концептот, се пренесуваат цитати кои привлекуваат внимание. Се работело за тоа „комплетно на ново да се измислат концептите за социјална политика и политичко лидерство” со помош на податоци и сензори.

Неговата претходна компанија „Блумберг гаврнмент” на поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, за неговата работа му стави на располагање “алатки за носење одлуки врз основа на податоци”.

На пат кон дигитална диктатура?

Во Кина актуелно настанува еден вид дигитална диктатура. Во сеопшт систем на оценување во кој секое дело се наградува или казнува, алгоритми носат одлуки за личната иднина на граѓаните. Кој ќе биде унапреден? Кој ќе добие место на факултет или поголем стан? 

На други места пак се работи како што сме гледале во научно-фантастични филмови, на тоа вештачка интелигенција да ја предупредува полицијата каде со голема веројатност ќе се случи следното злосторство. Тука уште сега се поставуваат интересни прашања за местото на вештачката интелигенција и алгоритмите, како и влијанието на компаниите кои ќе ги продаваат таквите алатки и кои сакаат да го заменат нашиот аналоген живот.

На улиците во Германија веќе неколку недели има протести против политика премногу фиксирана на бројките на заразени, како и улогата на виролозите која се доживува како доминантна. Иако меѓу демонстрантите има многу екстремисти и теоретичари на заговор, ако малку пошироко размислиме, таквите критичари може да се предвесник за идните дебати што ќе се водат на долг рок.