Колку сме, толку сме, (не)токму сме
29 март 2022По објавувањето на резултатите од пописот наредните денови не очекуваат силни расправи, застрашувања, разочарувања и обвинувања за нови предавства на нациналните интереси и закани за идентитетските посебности. Уште пред да се објават резултатите првите предупредувачки топовски салви се веќе испукани.
Најголемата стопанска мирновременска операција ќе биде жешка политичко партиска пропагандна тема број еден подолго од три дена, колку што траат сите чуда кај нас. Меѓутоа, бројките од нагазната мина колку сме, кои сме и што сме ќе се активираат секогаш по потреба штом некој згазне на минското поле на етничките поделби, колективните и веќе стекнати права. Се така до следниот попис по 10, 20, или 30 години, поточно до денот кога ќе созрее сознанието дека припадноста на државата не се мери со проценти и колку не има различни, туку колку сме еднакви во правата и пред законот.
Со други зборови додека не се изгради вистинско уставно гарантирано и граѓанско општество каде сите граѓани припаѓаат на Македонија подеднакво, без оглед на националната и етничка припадност, дотогаш опасноста од поделба на државата ќе биде постојана закана. Првиот чекор во таа насока е неопходноста од бришење на процентите од Охридскиот договор и изедначување на сите конститутивни етнички заедници кои живеат во Македонија.
Ексклузивните прва на едни обесправуваат други
Ексклузивните колективни права со над 20 проценти и помалите права со под 20 проценти како предуслов и праг за рамноправна застапеност се претвораат во обесправување на сите други кои живеат во Македонија, а се помалку од 20 проценти. Така, станавме веројатно единствена држава во светот која има помалку од два милиона жители, а која во својот устав ги набројува засега конститутивните народи Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Власи и Роми. По таа аналогија оправдано се очекува да бидат внесени и Црногорци, Хрвати, Бугари, Египјани, Македонци муслимани и сите други кои живеат во Македонија.
Со изедначување на правата и воспоставување на граѓанско општество ваквото уставно набројување на националната и етничката припадност е непотребно во држава која припаѓа подеднакво на сите. Се разбира, тоа е лесно да се напише во било кој устав, но тежок, долг и скап процес на демократизација е да се изгради таква свест кај мнозинството граѓани кои се подготвени да прифатат таква определба.
Повеќе од авторот: Како голтарите станаа милионери
Во поновата историја на национални држави има многу идеални граѓански устави, дури и кај членки на Европската унија кои се сметаат себеси за развиени демократии каде еднаквоста е запишана само во уставот, а сите идентитетски, национални, јазични, културни и верски посебности се само за по дома. Во името на таквите граѓански устави во блиско минато бевме сведоци и во нашата поранешна држава на крвави војни, разорувања и геноциди, каде милитантниот национализам беше изедначен со највисок степен на патриотизам.
Правата не се резултат само на демократијата
Македонија направи голем исчекор во делот на етничките права, по многу нешта најмногу на целиот Балкан, па и пошироко. Но, тежиштето е главно сведено само на двонационалноста и на процентите над 20 отсто кои не беа резултат само на демократските процеси, туку и на воениот конфликт 2001 година и на подоцнежни условувања во коалиционите партнерства за поделба на власта што ги засени еволутивните процеси на зреење на демократијата, кое од трн во окото во некои соседни земји и страв од прелевање кај нив стана „доказ“ дека е невозможна мисија за изградба на мултиетничко и мултикултурно општество со негување на сите посебности.
Во тоа најмногу помогнавме самите во перманентната војна за власт потпирајќи се во најголем дел на колективните права на сметка на индивидуалните. Прагот од над 20 проценти пренесен по автоматизам во севкупната национално етничко партиска застапеност во поделба на власта со игнорирање на способноста, знаењето и чесноста се претвори во формална и карикатурална демократија зад која безуспешно се задскрива национализмот, лажниот патриотизам и неодговорното владеење со висок степен на организиран криминал и корупција која го блокира најзначајниот предуслов за побрз севкупен развој на Македонија, а тоа е владеењето на правото.
Повеќе од авторот: Тројанскиот коњ на Ангел Димитров
Тука се кријат најголемите причини за нашата децениска пописна криза и политизација на една стопанска операција без која не може да се планира идниот развој на ниту една држава. Да не се врши редовен попис на десет години е тешко злодело против сопствената држава. Од тоа полошо е повикот на бојкот, а најлошо е да не се признаваат пописните резултати, речиси еднакво како да се фалсификуваат. Таквиот амбиент од 20 годишно пролонгирање на пописот е само поради тој страв од резултат под и над 20 проценти национална припадност кои ги даваат, или одземаат веќе стекнатите права. Таквото уставно условување при веќе само легално иселени над 300.000 граѓани во последните 15 -тина години е единствената причина пописните резултати да предизвикаат уште една криза покрај пандемијата и последиците од војната во Украина.
Темен период на изјаснување
За тоа колку е тој страв од пописот безразложен и бесмислен ќе потсетам на една ситуација во осумдесеттите години на минатиот век. По објавата на неколку информации во македонските медиуми дека наталитетот во Тетово и тетовско е поголем од Бангладеш се објавија неколку анализи на истакнати универзитетски професори и политичари дека за 20 години Албанците во Македонија ќе бидат мнозинство. Тоа беше вистинска тревога до паничност.
Работата стаса до Централниот комитет на Сојузот на комунистите. Се отвори жестока дебата на едномисленици за големата опасност од целосна албанизација на државата. Тоа беше темен период на изјаснување на Албанците наречен диференцијација кога за да се дојде до функција, или до работно место мораше да се докаже подобноста.
Повеќе од авторот: Зошто немаме дописници од војната и страдањата во Украина
И тогаш имаше умни луѓе кои укажуваа дека тие пресметки се погрешни, без оглед што се пласирани од научници, но во големата врева што се крена за опасноста над Македонија нивниот глас беше нечуен и во најмала рака сметан како непријателски. И конечно кога по цели 40 години, а не по 20 години, како што беа драматичните предвидувања, Албанците беа 23 отсто од вкупното население никој не се сети да праша кој и зошто ги пласира тие „научни“ откритија.
И сега се чувствува истиот наплив на пописна драма каде бројките уште необјавени го матат умот, што е идеален терен за политичките партии за своите пропаганди со сеење страв од едната страна, а од другата за онеправданоста и потребата од поголеми права и праведна застапеност со поголеми привилегии и учество во власта. Другите вистински засегнати страни остануваат маргинализирани и натаму да ја докажуваат својата лојалност кон државата без возврат.
Единствениот излез за надминување на ваквиот амбиент е да се напуштат националните проценти како единствена мерка за правата и да се забрзаат процесите за Македонија да тргне по патот на современо граѓанско општество со еднакви права на сите граѓани. Дотогаш можеме да бираме дали ќе ја прифатиме досетката на големиот македонозналец Гане Тодоровски колку сме, толку сме, токму сме, или колку сме, толку сме, нетокму сме.