Сѐ повторно од нула?
3 октомври 2016Колумбијците на референдум кажаа „не“ за мировниот договор меѓу владата и герилските бунтовнички Револуционерни вооружени сили на Колумбија (ФАРК), со кој требаше да биде ставен крај на вооружениот конфликт кој трае повеќе од половина век. Историскиот ден се претвори во шок и разочарување за поддржувачите на договорот. Противниците пак долго го славеа успехот, порачувајќи дека резултатот на референдумот е повик до владата одново да преговара за подобар мировен договор со ФАРК
Колумбијскиот претседател Хуан Мануел Сантос по објавувањето на резултатите изјави дека нема да поднесе оставка и оти „ќе продолжи да се залага за мир“, потврдувајќи притоа дека прекинот на огнот со ФАРК останува во сила.
Командантот на ФАРК, Родриго Лондоно, познат како Тимоченко, изјави дека врз мислењето на гласачите влијаела „деструктивноста на оние кои сеат омраза и раздор“, но додаде дека неговата организација во иднина „ќе се служи исклучиво со зборови наместо со оружје“.
Против договорот на референдумот се изјаснија 50,21 насто од Колумбијците кои излегоа на гласање, додека позитивно гласаа 49,78 проценти.
Излезноста на референдумот изнесуваше 37,28 насто, а набљудувачите оценија дека тоа е една од причините за неуспехот на гласањето. Анкетите спроти референдумот покажуваа излезност меѓу 55 и 66 проценти од гласачите, од кои мнозинството требаше да го поддржи договорот.
Иднината на договорот потпишан на 26 септември годинава сега е неизвесна, иако тој е поддржан од најголем дел од меѓународната заедница, и со кој се очекува окончување на најдолгиот судир во Латинска Америка, во кој загинаа повеќе од 260 илјади луѓе, 45 илјади и натаму се водат како исчезнати, а 6,9 милиони се раселени. Договорот меѓу колумбиската влада и ФАРК, предвидува трансформација на герилската група во политичка партија и предавање на оружјето на Обединетите Нации.