1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чернобил и источниот блок

Роберт Шварц/сн26 април 2016

Експлозијата во нуклеарната централа Чернобил важи за најголема нуклеарна катастрофа во 20. век. Комунистичкиот режим со денови ја криеше експлозијата од јавноста. Вистинските последици до денес не се познати.

https://p.dw.com/p/1IcLF
Фотографија: Skyba Anton Vladimirovich

Крајот на април 1986. година. Чудна сцена на еден булевар во центарот на романскиот главен град Букурешт: една необично долга колона црни државни лимузини чека пред зградата на едно министерство. Автомобилите со ред возат внатре, по неколку минути повторно возат надвор и исчезнуваат.

Стоењето во ред за храна или гориво во тоа време беше составен дел од секојдневието на романското население. Но во овој „нов“ дотогаш непознат ред на букурешкиот раскошен булевар на „победата“ има и нешто страшно. Учениците од една гимназија во соседството ја открија тајната: еден од возачите од колоната раскажува оти водството на државата и (Комунистичката) партијата од длабокиот бунар во дворот на министерството полнат чиста вода во пластични канистри бидејќи водата од водоводот, вели, е радиоактивно загадена. Официјална информација за зголемено радиоактивно зрачење и причини за тоа во тој момент се’ уште нема.

Ukraine 30 Jahre nach Tschernobyl Katastrophe
Фотографија: Skyba Anton Vladimirovich

Радиоактивни облаци

На 26. април 1986. година во 1 часот и 23 минути по полноќ експлодираше нуклеарниот реактор во украинскиот Чернобил. Оваа несреќа имаше масовни последици за животната средина, не само во деловите на тогашниот Советски Сојуз, туку и во северна, средна и југоисточна Европа.

Радиоактивниот облак над Чернобил брзо се прошири во насока на Белорусија и Русија и 3 дена подоцна веќе се најде над Скандинавија, Полска, Германската Демократска Република (ГДР) и јужните делови на Сојузна Република Германија. Контаминиран дожд паѓаше и на подрачјата на Романија и на Бугарија. Радиоактивните облаци во рок од неколку дена се проширија над целата северна земјина полутопка.

Разубавување на последиците од страна на Штази

„Да се држи се’ под контрола“ беше девизата на безбедносните служби на ГДР кога 3 дена по катастрофата од своите советски колеги ги добија првите информации. Три дена за време на кои дел од населението во ГДР веќе имаше информации со помош на западните радио и телевизиски станици. Станицата на ГДР објави само информација за катастрофата која тајната полиција Штази ја разубавуваше. Така партиското и државното водство сакаа да ја прикријат не само вистинската состојба од катастрофата, туку и да спречат последици за економијата.

Чернобил создаде еден длабок јаз помеѓу населението од поранешните комунистички „братски земји“. Тоа е заклучокот на стручњаците кои се собраа на една манифестација во Берлин на тема „Големата нуклеарна катастрофа и Штази“. Оваа катастрофа на виделина пред сѐ покажа како една диктатура и нејзината политичка тајна служба реагираат на „антрополошки шок“, порачуваат стручњаците.

Загадена храна

Затоа ракводството на ГДР не ги објави мерните вредности за можна радиоактивна контаминација на зеленчукот и млекото, и производите веќе не беше можно да се извезуваат, па се продаваа во земјата. „Никогаш порано рафтовите во продавниците не биле толку полни како тогаш“, се сеќаваат сведоците на тоа време. Загадените прехранбени производи тогаш беа распоредувани во училишните кантини, вели физичарот и порашен борец за граѓански права во ГДР Себастијан Флугбаил. Учениците чии родители на „телевизиите од Запад“ гледаа вести и на своите деца им велеа дека е можна контаминација на храната, не ја јадеа таа храна. На радост на „неупатените“ кои одеднаш смееја да изедат 2-3 порции. Официјалната информација од страна на властите на ГДР гласеше дека ниту во еден момент немало ситуации опасни по здравјето, објаснува Флигбаил.

Ukraine Region Tschernobyl Sperrzone Sarkophag Ruine Denkmal
Фотографија: DW/F. Warwick

Слична политика е водена и во „братските земји“. Во Бугарија со денови по катастрофата во сила беше ембарго за објавување информации. Параскева Нинова, докторка и професорка, која тогаш била одговорна за сите детски болници во Бугарија, им давала тајни упатства на главните лекари дека децата во клиниките не смеат веќе да пијат свежо млеко ниту да јадат салати- така изгледале првите заштитни мерки против зголемената радиоактивност. Но на јавноста на почетокот ѝ била ускратени тие информации. Дури и првомајските поворки во Софија се одржани додека паѓал радиоактивен дожд.

Неистражени последици

За бројот на жртвите, како и за здравствените последици од Чернобилската катастрофа до денес нема точни податоци. „Истрагите за тоа се прилично слаби“, вели во разговорот за ДВ поранешниот борец за граѓански права Себастијан Флугбаил.

Првите години, вели тој, било забрането да се води протокол за жртвите, вредностите на нуклеарното зрачење и можните заболувања. „Нема никакви доказни податоци, бројките се манипулирани“, тврди Флугбаил. Светската здравствена организација поаѓа од вкупно околу 8.000 случаи, наведувајќи оти половината од тие луѓе умреле од подоцнежни последици од зрачење.