Конвој од Македонија на митингот на Ердоган во Сараево
17 мај 2018Во Македонија владее голем интерес за посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Босна и Херцеговина, најавена за 20 мај, објави турската новинска агенција Анадолија. Агенцијата го цитира Салих Утас, претседател на Унијатa на европски турски демократи (УЕТД) во Македонија, кој најавил дека е организирано доаѓање на сите заинтересирани за 6. Конгрес на УЕТД што ќе се одржи во Сараево, а на кој ќе присуствува и турскиот претседател.
„Нашите граѓани во Македонија веќе резервираа места, така што оттука ќе имаме речиси 50 полни автобуси. Сакам да нагласам дека од 2.000 резервации, околу 90 отсто се на нашите браќа и пријатели од Македонија. Aко даде Бог, на 19 мај во вечерните часови сите заедно ќе тргнеме кон Сараево“, изјавил Утас.
Toj потенцирал дека претставништвото на УЕТД во Македонија ќе учествува на Конгресот исто како и другите претставништва на оваа Унија во Европа, за кои „доаѓањето на Ердоган претставува посебна радост и среќа“.
Утас изјавил дека многу Турци кои живеат во Македонија се среќни поради претстојната посета на Ердоган, и дека во седиштето на УЕТД примиле бројни телефонски повици поврзани за оваа посета. Очекува доаѓање и на луѓе од Албанија, Косово, Црна Гора и Санџак „за во Сараево да ги поддржат Ердоган и Турција“.
Повеќе: Раката на „султан“ Ердоган стига и до Македонија
Три дена пред митингот, во Скопје никој не е подготвен јавно да зборува за големиот интерес за присуство во Сараево. Неофицијално, бројката на луѓе кои ќе патуваат во БиХ може да биде намалена по барање на босанските власти, пред сѐ, поради безбедносни мерки. Сепак, имало и многу семејства кои со свој превоз планирале да заминат во Босна, а колкава е таа бројка - никој не знае.
Страв од политичко влијание
Планот на Ердоган да одржи митинг во босанскиот главен град Сараево на 20-ти мај пред турските претседателски и парламентарни избори во јуни, го покажува степенот на неговото влијание во регионот, оценија повеќе западноевропски медиуми. Тие потсетуваат дека голем број европски земји забранија такви митинзи на своја територија, исто како и пред турскиот уставен референдум минатата година. Магазинот „Политико“ во анализа под наслов „Враќањето на Турција на Балканот“, пишува дека „додека ЕУ се грижи за улогата на Москва во нејзиниот двор, Анкара исто така го зголемува своето влијание таму: еден век откако Османлиите го изгубиле Балканот, наследниците на империјата уште еднаш одново се пробиваат“.
Магазинот констатира дека европските лидери се загрижени од проширувањето на влијанието на Турција во Западен Балкан по растечките авторитарни тенденции во таа земја.
„Говорејќи пред Европскиот парламент минатиот месец, францускиот претседател Емануел Макрон ги стави Анкара и Москва во ист кош, велејќи дека не сака Балканот 'да се сврти кон Турција или Русија'“, пишува „Политико“.
Повеќе: Teşekkürler Recep, Спасибо Влади́мир
Официјалните статистички податоци покажуваат значителен пораст во трговијата на Турција со Западен Балкан, од 364 милиони евра во 2002 година на 2,5 милијарди eвра во 2016 година. Сепак, Западен Балкан претставува само мал дел од турската трговија, ако се има предвид дека нејзиниот обем на трговија со ЕУ изнесува околу 145 милијарди евра.
„Но, економското присуство на Турција воопшто не е она што ги загрижува европските сојузници на Анкара. Тие стравуваат дека Турција може да добие политичко влијание на сметка на Брисел“, оценува магазинот, додавајќи дека политичкиот дострел на Анкара има и потемна страна - турски притисок врз земјите од Западен Балкан да преземат мерки против следбениците на Фетула Ѓулен, кого Анкара го обвинува за обидот за соборување на турската владата во 2016 година.
Опасни копчиња
Сепак, многумина во Турција, вклучувајќи ги и критичарите на владата, тврдат дека улогата на нивната земја во Западен Балкан не се натпреварува со плановите на ЕУ таму, туку ги надополнува нејзините напори.
„Турција не е Русија. Турција не е во обид да ги одврати земјите од Западен Балкан да се приближат кон ЕУ - напротив“, изјавил Синан Улген, поранешен турски дипломат.
Според „Политико“, некои аналитичари сепак стравуваат дека агресивниот пристап на Ердоган кон политиката би можел да ги зголеми тензиите меѓу и во етничките групи на западен Балкан.
„Тие тактики може да бидат наменети за домашна употреба, но тој начин на зборување има последици", смета Весела Чернева, која раководи со Канцеларија на Европскиот совет за надворешни односи во Софија.
„Притискањето на националистички и верските копчиња има многу потешки последици на Балканот отколку на други места“, изјавила таа, оценувајќи дека планот на Ердоган за одржување на предизборен митинг на Балканот е особено загрижувачки.
Најавениот митинг во Сараево во старт предизвика многу контраверзи, бидејќи изјавата на Ердоган дека ќе го посети Сараево стигналa пред кој било од босанските власти да добие такво известување по вообичаените дипломатски канали, што во јавноста заврши со критики дека „е очигледно оти Ердоган ја доживува БИХ како свој пашалак“.
Саревскиот митинг бил тема на разговор и на неодамнешната средба меѓу претседавачот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ и германската канцеларка Ангела Меркел.
„Ѝ кажав дека заедно со Ердоган ќе присуствувам на собирот на Унијата на европски турски демократи. Ниту Меркел, ниту Ердоган не се шефови на БиХ, но се добредојдени во нашата земја. Кога ќе го погледнете списокот на сè добро што направил Ердоган за БиХ и списокот на нешто лошо, ова второво нема да може да го најдете. Никому не би требала да биде спорна посетатата на Ердоган на Сараево“, изјави Изетбеговиќ.
Сепак, Анкара постојано изразува поддршка за плановите за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ и тврди дека единствено блиските културни, историски и верски врски ја прават Турција природен и емотивен партнер за земјите од Западен Балкан.