1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конгрес за заштита од природни катастрофи во Бон

19 мај 2005

За да се сумираат искуствата од катастрофата во Југоисточна Азија, како и да се постигне подобра координација на меѓународната помош во слични прилики, во Бон се одржува меѓународен конгрес за заштита од природни катастрофи.

https://p.dw.com/p/AexQ
Помош за погодените од цунами катастрофата
Помош за погодените од цунами катастрофатаФотографија: AP

Нов тежок земјотрес со силина од 6,8 степени вчера го потресе северот на индонезискиот остров Суматра. Епицентарот се наоѓал во Индискиот океан на околу 240 км западно од градот Сиболга. Во главниот град на покраината Банда Ацех луѓето во паника истрчаа на улиците. Овој регион беше меѓу најтешко погодените од цунами катастрофата на 26 декември минатата година, која само таму однесе преку 160.000 животи.

„Не смее да ни се случува кога има некоја катастрофа, како во Југоисточна Азија на пример во декември минатата година, три, четири, пет или дури десет организации од европските земји некоординирано и без план да тргнат во погодениот регион и кога ќе стигнат таму да мораат да заклучат дека дел од подготвената опрема воопшто не им е потребна„ – нагласува Уве Прол, говорник на Конгресот. Во иднина, според него, работата треба да ја координира германскиот Црвен крст за да не се случи повторно ќебиња и лекови да остануваат во магацините.

Дитер Хиртен од Германската служба за техничка помош, пак, посочува дека што е поголема катастрофата, тоа е понепрегледна ситуацијата на теренот:

„Тие мораат токму за тие ситуации дури од напред да планираат, не можат да реагираат кога ќе се случи. Оти никој не може да дојде на првата бензинска пумпа и да каже, е мене сега ми требаат 9000 литри бензин. Купувам се што имате!„

Затоа Службата за техничка помош веќе има преземено подготвителни мерки, нагласува Хиртен:

„Во регионот на Блискиот исток, како и во делови на Африка нашата Служба одржува големо стовариште со градежен материјал, бидејќи огромен проблем е да се организира брз превоз. Војската не ги става нејзините транспортни капацитети туку така на располагање, бидејќи поголемиот дел од нив веќе се користи. А и приватните претпријатија не можат така брзо да се прилагодат, бидејќи си имаат редовни нарачки од муштериите.„

Голем проблем е и распаѓањето на телекомуникациските мрежи во кризниот регион, посочува експертот за компјутери при Мајкрософт, Хуберт Циоб:

„Мораме да сметаме и со распад на мрежите. Помислете само дека во ситуација на природна катастрофа одеднаш сите сакаат да се јават кај роднините и да проверат дали се живи и здрави.„

Природните катастрофи се менуваат и поставуваат нови и нови предизвици пред организациите кои се занимаваат со помош во такви ситуации. Затоа е добро што на првиот ваков меѓународен Конгрес во Бон учествуваат претставници на преку 30 земји.