Конститутивна седница на косовскиот парламент
26 декември 2019Седницата на косовскиот парламент е закажана за попладнево. Двете партии со најголем број пратенички места - Самоопределување и Демократската лига на Косово, не успеаја да постигнат коалициски договор. По повеќе од два месеца преговори, лидерот на самоопределување, Албин Курти, вчера во видео-порака на својот Фејсбук-профил објави дека нема договор со ЛДК и додаде дека не сака нови избори. Според Курти, неговата партија направила неколку компромиси, но ЛДК, како што тврди тој, не е подготвена за такво нешто. Затоа на конститутивната седница на парламентот ќе се оди без компромис.
На тоа реагираше претседателот на ЛДК, Иса Мустафа, кој оцени дека не пропаднале преговорите за коалиција помеѓу неговата партија и Самоопределување, туку дека пропаднала стратегијата на Самоопределување да ја обвини ЛДК за неуспехот. Мустафа на Фејсбук напиша дека тој и ЛДК сметаат оти преговорите не се пропаднати, туку „пропадна стратегијата на Самоопределување да си обезебеди пред јавноста епитет на широкограда и принципиелна страна во преговорите, а за неуспехот да ја обвини ЛДК“,.
„Ние сметаме дека балансирана поделба на одговорноста, согласно резултатите од изборите, треба да ја има оваа формула: претседателот на Собранието на Косово, претседателот на Косово - кога функцијата ќе биде слободна, треба да ѝ припаднат на ЛДК, исто како и половина од владата, доколку Самоопределување сака да го добие раководењето со владата и половина од владата“, напиша Мустафа.
На изборите одржани на 6 октомври Самоопределување освои 29 пратенички места, а ЛДК - 28 од вкупно 120 места во парламентот.