1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контроверзен генијалец фасциниран од вселената

21 јули 2009

Вернер фон Браун е контроверзна личност: тој е злогласникот кој конструираше ракети за нацистите и истиот оној чиј ракетен носач Сатурн 5, го однесе на пат кон месечината Аполо 11.

https://p.dw.com/p/It8m
Вернер фон БраунФотографија: AP

„При освојувањето на вселенскиот простор треба да бидат решени два проблема: гравитацијата и папирологијата. Проблемот со гравитацијата е решен“. Овој цитат му се припишува на германско-американскиот инженер за ракети Вернер фон Браун. Него го сметаат за еден од татковците на модерната астронаутика, генијален инженер и конструктор на ракети, а истовремено и како политички превртливец. Вернер фон Браун – контроверзна личност: во Германија беше член на хитлеровата национал-социјалистичка партија, за хитлеровиот рајх ги правеше озогласените ракети „Фау цвај“, за што ангажира и принудни работници. По војната доби американско државјанство и меродавно учествуваше во американската ракетна програма - не само во развојот на вселенската програма, туку и во развојот на атомски ракети со краток дострел.

Вернер фон Браун ги сакал ракетите, вселената, науката, техниката. Уште од дете бил фасциниран од астрономијата. Неговите родители ја поддржале страста на својот син: „Во 1925 година, кога имав 13 години, од моите родители добив мал астрономски телескоп. Долго во ноќите се занимавав со телескопот и ја набљудував месечината и ѕвездите“, велеше тој.

Опасен пакт со Нацистите

40 Jahre Mondlandung
Конструктор на „Фау цвај“, но и на ракетата - носач Сатурн 5Фотографија: AP

Вернер фон Браун уште од почетокот си постави само една цел: сака да гради ракети и да ја освои вселената. Приказните за месечината и Марс го фасцинираат. Има визии, големи планови, уште пред првото стапнување на Американците на месечината: „Мора да обезбедиме сместувалишта на месечината, за да им овозможиме на астронаутите по пристигнувањето да се ослободат од своите скафандери. Потребни ни се возила, кои ќе бидат специјално конструирани за несекојдневните услови на површината на месечината и кои ќе им овозможат на астронаутите да прават излети до интересните објекти во блиската околина."

На многумина сето тоа им изгледало многу откачено, како чисто фантазирање. Но, за Вернер фон Браун тоа е само логична последица. Со голема истрајност, уште за време на студиите по машинско инженерство во Берлин, гради, конструира и развива голем број ракети. Нацистите го поддржуваа и помагаа - опасен пакт. Фон Браун констурира за Хитлер ракети за воена намена, пред се‘ „Фау цвај“, оружје, кое со дотогаш невиден дострел и брзина можело да понесе еден тон експлозив кон Лондон или Антверпен и против кое не постоела одбрана. Вернер фон Браун за изградбата на ракетите ангажирал и затвореници од концентрационите логори и дури добил и чин.

Американците го дочекаа со раширени раце

По втората Светска војна, во 1945 година, тој е еден од повеќе од стоте конструктори на ракети од Германија кои се преселија во САД. По пристигнувањето фон Браун е изненаден колку великодушно таму се однесувале со неговото нацистичко минато. „Во Тексас не‘ прифатија изненадувачки пријателски“, изјави фон Браун.

Не е ни чудо, бидејќи Американците знаат колку талентиран истражувач и инженер добија за себе. Вернер фон Браун, пак, ги поддржуваше нив со сето свое знаење и умеење во развојот на воени ракети и во трката со Советскиот Сојуз за освојување на вселената: „Се‘ уште не можам да верувам во тоа дека еден ден ќе градиме некоја голема ракета, која ќе работи со советски мотор, но ќе има американско управување.“

Explorer 1 startet
Со „Експлорер 1“ го возвраќа ударот на РуситеФотографија: NASA

Вернер фон Браун стана технички советник на американската ракетна програма и ги турка своите визии за успешно патување во вселената со човечки екипаж. Објавува многу текстови на таа тема, настапува заедно со Волт Дизни на телевизија и станува популарен во САД. Тој дури и ја спасува гордоста на Американците. Откако Советскиот Сојуз ги лансира првите сателити „Спутник“ 1 и 2, а САД беа во шок, Вернер фон Браун во име на Американците го „возвраќа ударот“ со сателитите „Експлорер“.

Во 1958 година се појавува на насловната страница во магазинот „Тајм" како „творецот на проектилите“. Американците го слават како херој и спасувач. Во 1961 година доаѓа најголемата задача за фон Браун: според волјата на тогашниот американски претседател Џон Кенеди, треба да ги однесе Американците на месечината. На Фон Браун му се исполни еден животен сон кога неговата ракета-носач Сатурн 5, го однесе на пат кон месечината вселенски брод со човечки екипаж Аполо 11. „Трајната вредност на ’Аполо‘ за човештвото не е само во тоа што луѓето навистина стапнаа на месечината. Подеднакво вреден е фактот што со ’Аполо‘ природните науки и техниката направија квантен скок нагоре, од кој ќе има полза за целиот свет“, вели Фон Браун.

Но, по Аполо-програмите, владата го скрати буџетот за НАСА. Големи проекти за патување во вселената со човечки екипаж веќе не можат да се реализираат, и во почетокот на 70-тите години, по многубројни несогласувања, фон Браун ја напушта НАСА. Кратко потоа тој заболе од рак на бубрези и умре во 1977 година, на возраст од 65 години во Александрија во сојузната држава Вирџинија.

Автор: Јудит Хартл / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска