Конференцијата за Сирија на 22 јануари
25 ноември 2013Бан Ки Мун денеска (25.11) им се заблагодари и на Русија и на САД за иницијативата за мировна конференција за Сирија. „Во Женева одиме со мисија на надеж“, ги пренесува зборовите на генералниот секретар на ОН негов портпарол.
Средбата треба да даде основа за мирен преоден период во Сирија. Според намерите, на сите граѓани во Сирија треба да им се обезбедат мир и сигурност.
Во меѓувреме, високи дипломати на САД и Русија, денеска во Женева разговараат со специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија, Лакдар Брахими, за деталите околу организацијата на конференцијата. Бан Ки Мун објаснува дека непосредна цел е да се создаде преодна влада со полни егзекутивни права, чиј дел е и овластувањето за издавање наредби на армијата и на безбедносните сили на Сирија.
Според соопштението на генералниот секретар на ОН (на насловната фотографија), сириските претставници во Женева „мора да дојдат со јасни намери за ставање крај на војната“.
Конференцијата за Сирија првично требаше да се одржи уште во текот на оваа година, но постоеше судир околу тоа кој ќе учествува на разговорите. Од почетокот на судирите во Сирија, во март 2011 година, според групи за човекови права, животот го загубија повеќе од 120.000 луѓе.