Конфликтот околу Косово и можноста од негово замрзнување
9 февруари 2019Деновиве пред 20 години во француското место Рамбује започна меѓународната мировна конференција за решавање на деценискиот конфликт помеѓу Србија и Косово кое е речиси целосно населено со Албанци. Белград ги одби сите предлози кои му беа понудени. На 24 март 1999 година НАТО ја започна својата прва воена интервенција по Втората светска војна. Бомбите на Алијансата ја примораа српската војска и паравоените групи да се повлечат од Косово, откако тие претходно протераа околу 800.000 Албанци. Оттогаш Косово, кое од 2008 година и официјално се отцепи од Србија и стана најмладата држава во Европа, е помалку или повеќе под меѓународен надзор. Силите за заштита КФОР, предводени од НАТО, ја гарантираа безбедноста. ЕУ веќе десет години се обидува, со најголемата странска мисија (ЕУЛЕКС) да го направи Косово демократска правна држава.
Состојба
Косово сѐ уште важи за една од најкорумпираните држави. Медиумите и правосудството се оковани од политиката. Нелегална трговија со оружје, дрога и луѓе се најважните „економски сектори". Невработеноста е огромна. Кој може, емигрира во Западна Европа. Во Србија ситуацијата е речиси иста, и покрај тоа што земјата официјално е кандидат за ЕУ. Европската комисија како можен датум за влез во Унијата ја посочи 2025 година. Иако ЕУ веќе со години посредува помеѓу непријателски настроените соседи, не се направени големи чекори за ублажување на долготрајниот конфликт. Неодамна ЕУ повторно беше исмеана во српскиот парламент како „беззаб тигар“.
Зошто нема напредок во решавањето на оваа криза, иако САД и ЕУ таму ставија на располагање редица дипломати и експерти, како и милијарди евра? Состојбата во последниве недели е уште повеќе заострена. Линиите на комуникација помеѓу Белград и Приштина во голема мера се прекинати. Косовските Албанци се решија за основање на сопствена армија. Реакцијата на Србија се движи меѓу лутина и немоќ. Приштина воведе увозни цариниод 100% за српски производ, бидејќи Белград не сака меѓународноправно да го признае Косово. Економските штети за Србија официјално се проценети на над 100 милиони евра. Претходната недела косовскиот парламент со посебен закон го национализираше рудникот Трепча, иако ова претпријатие одамна е предмет на спор помеѓу соседните земји.
Нема интерес за напредок во косовскиот конфликт
Постојат голем број фундаментални пречки кои спречуваат да се најде решение за косовската криза. Практично никој нема интерес од брза и трајна деескалација на конфликтот. Актуелниот српски претседател Александар Вучиќ е многу добар играч на шах. Дали и неговиот руски колега Владимир Путин е одушевен од шахот, не е познато. Но, во секој случај, двајцата политичари се шампиони во тактиката на балканската политичка шаховска табла. Според најновите студии, Москва нема интерес косовското прашање да се затвори засекогаш, бидејќи така Русија ќе го загуби своето влијание во регионот. Конечно, таа во Советот за безбедност на ОН секогаш става вето на заклучоците за Косово кои се против интересите на нејзиниот близок партнер – Србија. И така цврсто ја врзува оваа најважна и најголема земја од Западниот Балкан како свој сојузник.
Србија
Вучиќ стана значаен токму со темата Косово. Прво како помлад партнер на Слободан Милошевиќ, кој во 2006 година почина како затвореник обвинет за воени злосторства во Хашкиот трибунал, и кој се товареше за поголемиот број војни по распаѓањето на Југославија во 1990-те години. Вучиќ веќе седум години е на власт. Токму и благодарение на неговите ветувања кон Берлин, Вашингтон и Брисел дека ќе се заложи за изнаоѓање решение за Косово. Поради тоа Западот му остави одврзани раце на внатрешнополитички план. Никој искрено не го критикува Вучиќ за тоа дека изгради автократски систем. Ако претседателот навистина го реши косовскиот конфликт, посебниот третман од Западот ќе го снема. Вучиќ тогаш ќе мора да смета на вистинска критика за неговата злоупотреба на демократските институции, како и контролата врз правосудството и медиумите. Освен тоа, Белград според сопствени наводи секоја година префрла 500 милиони евра за српското малцинство на Косово. Овие пари во голема мера се трошат без контрола. И, секако, дел од нив завршуваат и во приватни џебови.
Косово
И на Косово водечките политичари не се заинтересирани за долгорочен мир со соседна Србија. Претседателот Хашим Тачи и премиерот Рамуш Харадинај станаа значајни по нивната вооружена борба против Србија. И денес нивниот углед кај народот се должи на нивното антисрпство. И во Србија и во Косово опозицијата е порадикална од власта. Во Белград националистичката опозиција го обвинува Вучиќ за предавство, пред сѐ поради неговата подготвеност за преговори со Приштина. Националистичката косовска опозициска партија Ветевендосје порадо веднаш би прекинала секаков контакт со Србија, сѐ додека Белград не ја признае независноста на Косово.
Прогноза
САД со претседателот Донал Трамп има други поважни светски проблеми и го остави Балканот настрана. ЕУ, по голем број неуспешни обиди за посредување, очигледно ја намали својата заложба. Никој не верува дека високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, со оглед на претстојните европски избори во мај, уште еднаш со сета сила ќе се обиде да пронајде некакво решение за косовскиот конфликт. Сѐ укажува на замрзнување на косовскиот конфликт. Опасноста од вооружени судири со тоа не се намалува.