1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Концептот на Хан ја турка Македонија во диктатура

Борис Георгиевски20 јануари 2016

Демократијата во Македонија одамна е сведена на фарса. Тоа добро се вклопува во актуелното „петто годишно време“- периодот на карневали во Европа. Со амин на Хан и на ЕУ, македонската демократија веќе е среда пепелница.

https://p.dw.com/p/1HgK0
Фотографија: MIA

Стабилност пред демократија - неофицијалната мантра, која Европската Унија ја практикуваше во односите со редица европски земји, со изјавите на комесарот за проширување Јоханес Хан добива официјална потврда и во однос на Македонија.
Уште во петочната изјава на еврокомесарот во Скопје, дадена по неуспехот на преговорите со лидерите на политичките партии, можеа да се насетат контурите на понеделничката одлука на Никола Груевски по секоја цена да оди на избори на 24 април. Немуштите и контрадикторни изјави на Хан кои следуваа во деновите на викендот и во понеделникот, внесоа одредена магла, но клучните пораки беа испратени уште во петокот и очигледно беа примени. Доколку ѝ имаше некакви дилеми, самиот Хан ги расчисти во понеделникот вечерта со изјавата дека тој „преферирал консензуално решение на сите партии“, но што е тука е...

Две поенти од изјавата на Хан ноќта на 15 јануари можат да послужат како одредници во таа насока. Првата беше оценката дека „Македонија се наоѓа во многу тешка стратешка ситуација“. Конкретно, Хан ја наведува бегалската криза во Европа, која „со сигурност ќе продолжи и во 2016 година“. И во тој контекст, тој стравува дека „растечката тенденција во повеќе европски држави да ги затвораат границите, би можела да има ефект и врз состојбата во земјата (Македонија)“.
Втората поента на Хан се однесуваше на опасноста од губење на препораката за почеток на преговори со ЕУ. Во тој контекст тој наведе дека „верува во важноста на силна одлучна влада која ќе може да носи одлуки“.
Ги споменуваше еврокомесарот во меѓувреме и извештајот на Прибе, и проблемите со медиумите и другите незавршени обврски од Договорот од Пржино, но бројните недоследности не најдоа место во неговата главна порака. Одеднаш, или можеби така делува од страна, решението за кризата во Македонија се сведе на грижа за безбедноста на државата и стабилноста на нејзината извршна власт.

Низ Македонија во 2015 година, во екот на длабоката политичка криза, минаа речиси еден милион бегалци. Што поразлично може да ја очекува земјата во 2016-та, што би му дало повод на Хан јавно да ја подели својата загриженост? Што е тоа што само идната „стабилна“ влада на Груевски може да го гарантира, вети или оствари?

Нафрлањето на евро-атлантските интеграции како јаготка на шлагот кој Хан го сервираше, на македонската јавност треба и помогне полесно да го подголтне сувиот колач, а на владејачкиот двоец да му даде доволно муниција во предизборната кампања. Затоа што е навистина тешко да се верува дека постои сериозен политичар во ЕУ кој на Македонија денес ќе и' одобри датум за почеток на преговори за членство. Уште помалку тоа ќе се случи по избори без опозиција кон кои ита владејачката гарнитура во земјата.

Маските паѓаат

Клучните параметри: демократија, човекови права, владеење на правото, борба против корупцијата, слобода на медиуми; одамна, долго пред Извештајот на Прибе се мислена именка во Македонија. Но, изгледа како тоа да не ги интересира ни Хан, ни Европската Комисија, ниту пак било кој од лидерите на ЕУ.

Случајот на Турција веќе покажа дека ЕУ е подготвена да ја заврти главата пред секој проблем доколку тоа и’ е од интерес. Најголемиот проблем сега е бегалската криза, се’ друго е споредно, вклучително и кревките демократии во земји како Македонија, Турција, па и Србија.
Концептот на авторитарни режими завиткан во обландата на „илиберална демократија“ кој го промовираше унгарскиот премиер Виктор Орбан, во Брисел не само што веќе не се критикува, туку и премолчено се одобрува. По првичните реакции, тоа полека се покажува и во случајот на Полска.

Демократијата во Македонија (одамна) е сведена на фарса. Тоа добро се вклопува во актуелното „петто годишно време“- периодот на карневали во Европа. Поворката се движи, луѓето се исти, но маските паѓаат. Со амин на Хан и на ЕУ, во Македонија веќе нема потреба да се прогласуваат ни „црни петоци“ ниту „црни понеделници“- за нејзината демократија одамна е среда пепелница. Feria quarta cinerum. Демократските пости и овојпат ќе продолжат, долго по Велигден.