1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Трамп го прекори својот експерт за заразни болести

СН/дв
17 септември 2020

Американскиот претседател прекори врвен владин здравствен работник поради неговите изјави во Сенатот. Спорното прашање е кога вакцината за Ковид-19 ќе биде достапна за целото американско население.

https://p.dw.com/p/3iaek
USA I Anhörung von Dr. Robert Redfield im Senat
Фотографија: picture-alliance/CNP/A. Moneymaker

Американскиот претседател Доналд Трамп им вети на Американците вакцина за КОВИД-19 за многу брзо време во доволни количества. „Штом Агенцијата за лекови на САД (ФДА) ја одобри вакцината, ќе можеме да распределиме 100 милиони дози до крајот на годинава - и голем број многу порано“, рече Трамп во Белата куќа. Директорот на американскиот здравствен орган ЦДЦ, Роберт Редфилд, пак, наведе временски хоризонт до средината на 2021 година.

„Ако ме прашате кога ова ќе биде општо достапно за американскиот народ, за да можеме да ја користиме вакцината и да се вратиме во нормалниот живот, тогаш мислам дека гледаме кон крајот на вториот или третиот квартал од 2021 година“, изјави Редфилд на сослушување во Сенатот. Тој беше под заклетва.

„Мислам дека тој најверојатно погрешно го сфати прашањето“, рече Трамп пред новинарите за зборовите на Редфилд. „Мислам дека беше збунет“.

Trump Coronavirus Press Conference
Фотографија: picture-alliance/CNP/A. Drago

„Маските поважна од вакцината“

Редфилд, исто така, објасни во Сенатот дека маските во моментов се „најважната алатка“ во борбата против пандемијата. Тој дури, како што изјави, смета дека маската нуди подобра заштита од коронавирус отколку вакцинацијата.

Повеќе:

-Германија: „Веројатни“ се повеќе корона-вакцини

-Науката и националното се судираат во трката за вакцина

-Запрено истражување на вакцина против Ковид-19

Трамп му противречи и за ова: „Не, вакцината е многу поефикасна од маските“. Тој додаде дека му се јавил на Редфилд и му рече дека  погрешно го одговорил прашањето.

Тече финалната клиничка фаза на корона-вакцината на Модерна

Пандемијата во предизборната кампања

Корона-кризата со повеќе од 195.000 смртни случаи во САД стана важна тема во предизборната кампања за Белата куќа. Трамп неколку пати најавуваше дека вакцината може да се одобри до крајот на октомври - а со тоа и пред претседателските избори на 3 ноември. 

Поради ваквите изјави, неговиот предизвикувач Џо Бајден истакна дека Трамп е несоодветен за највисоката функција во земјата. „Првата задача на претседателот е да го штити американскиот народ, а Трамп нема да го стори тоа. Тоа целосно го дисквалификува", рече кандидатот за претседател на Демократската партија по состанокот со здравствени експерти во сојузната држава Делавер.