1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Летото си замина, вирусот останува

Кај-Александер Шолц
1 октомври 2020

Со доаѓањето на есента расте и бројот на заразени лица. Брзо да се прекинат синџирите на зараза е клучниот потфат во против Ковид-19. Колку е подготвена Германија?

https://p.dw.com/p/3jGel
Corona I Sommer im Monbijou-Park in Berlin-Mitte
Фотографија: Kay-Alexander Scholz/DW

Летоска сѐ беше полесно. Можеше како тука во паркот Монбижу во Берлин, да се најдеш со луѓе на отворено или да седнеш пред ресторан. На есен времето повеќе се поминува во затворено. Нервозата расте. Внатре ризикот да се заразиш е многу поголем, предупредуваат виролози.

Гастрономијата уште пролетоска воведе т.н. белешки за контакт на кои се запишуваат имињата, адресата итн. Ако се дознае за заразен сите кои би можеле да бидат заразени се информираат, барем таква беше замислата. Но, со давање лажни имиња како „Петар Пан” или „Пајо Паторот” не е можно да се следат контактите, предупреди неодамна локалниот политичар Фалк Гросман.

Нерепрезентативна студија на 1500 такви ливчиња покажала застрашувачка слика. Само третина од лицата ја пополниле белешката така што и де факто би можеле да бидат контактирани. Пробата била направена во област позната по забави, се вели од хамбуршките власти. Во класичните ресторани сигурно не била толку лоша ситуацијата.

Но, со оглед на тоа дека актуелно не се старите лица, туку младите возрасни кои се разболуваат и го пренесуваат вирусот за многумина тоа е застрашувачко. Веќе се гласни барањата за дигитални белешки со лични податоци. Но, во Германија токму нивната заштита игра голема улога и тоа е тешко изводливо. За околу 400 здравствени служби тоа значи уште повеќе работа. 

Coronavirus I Beispielformular für Datenangabe
Пример на корона-формулар за контакт во германски ресторанФотографија: Kay-Alexander Scholz/DW

Потребен е многу персонал за следење на контактите

Различно од соседна Франција која е централно уредена, во Германија општините од почеток имаа голема одговорност во однос на борбата со корона пандемијата. Сојузните покраини и сојузните власти даваа насоки, но здравствените власти во градовите и општините решаваа што ќе се прави конкретно.

Проблемот е дека здравствените власти со месеци работат на работ на капацитетите, вели Уте Тајхерт, претседателка на Сојузното здружение за јавно здравје, односно на здравствените служби. „Тоа ме загрижува”, вели таа. Сојузните власти на почетокот на септември ветиле 5000 нови вработувања, но за есента таа смета дека нема да има олеснување за вработените. Преговорите околу тоа кому колку места ќе му припаднат штотуку започнаа, вели Тајхерт.

Повеќе:

Во корона-пандемијата потребен е повеќе здрав разум

-Германија: Нова стратегија против коронавирусот, Меркел е загрижена

-Германија планира нови корона-мерки спроти сезоната на грип

И владиниот портпарол Штефен Зајберт предупреди дека здравствените служби актуелно делумно работат на лимит. Веројатно и од тие причини сега ќе биде вклучена и војската. Околу 950 барања за поддршка примиле од почетокот на пандемијата, вели портпарол на Министерството за одбрана за ДВ. Околу 900 војници се актуелно ангажирани околу короната.

Коронавирус: Како работат рестораните и баровите во Германија по повторното отворање

Голем дел од нив помагал за тестирање на повратници од патувања. 220 работат во 33 здравствени служби на епидемиолошки анкети. Во Берлин, каде бројот на заразени повторно е пораснат, контингентот сега се зголемил на 200, односно три пати повеќе војници од претходно. Сепак, трасирањето на контактите функционира само ако и тестовите имаат брзи резултати.

Нова надеж се брзите тестови

Националната служба за здравство, Институтот Роберт Кох, редовно објавува преглед на капацитетите за тестирање во земјата. Во актуелниот неделен извештај се вели дека „слободните капацитети во следните недели би можеле да се намалат”.

Бројот на тестови неодамна нагло порасна, на нешто повеќе од милион неделно. И натаму постои тампон простор. Капацитетите за крајот на септември се околу 1,5 милиони тестови.

Институтот предупредува и дека колку повеќе се тестира, толку подолго се чека на резултати. Веќе сега имало застој од околу 13000 тестови. Но, брзината била клучна за да се прекунат брзо ланците на зараза.

Политиката бара паралелен развој на побрзи начини за тестирање. Неодамна сојузните власти соопштија дека поддржуваат нов брз тест на компанијата Бош со кој резултат би се добил за 39 минути, а не како до сега за неколку часа. И други компании работат на развој на брзи ПЦР-тестови во кои се проверуваат брисеви на присуство на генетски материјал од вирусот. Уште подалеку се чини прашањето каква да биде распределбата на вакцините.

Кој треба најпрво да биде вакциниран? До крајот на месецов Министерството за здравство на Германија заедно со експерти треба да разработи „Основни принципи за распределбата на корона вакцината”, се вели за ДВ од министерството. Со тоа ќе се удоволи на фактот дека „дебатата за распределба не е само медицинска, туку има и етичка и социополитичка димензија”. Концепт за распределба на вакцината ќе бил конкретизиран дури откако ќе биде јасно “на кој начин дејствува вакцината”.