Ковид-19 повторно ги наполни болниците
15 март 2021Болничките капацитетите брзо се полнат поради зголемениот број на заболени од Ковид-19 во С. Македонија. Поради притисокот за хоспитализирање на сѐ поголем број заболни, вратите за пациентите повторно ги отворија ковид-центрите на Клиниката на нефрологија, Клиниката за гастроентерохепатологија, Клиниката за очни болести и Клиниката за уво нос и грло.
Во моментов има 11.640 активни случаи, а во ковид-центрите во земјата вкупно се хоспитализирани 1.040 пациенти - од нив 436 се во болниците во Скопје, а останатите 604 во другите градови. Надлежните соопштија дека се останати уште 370 слободни кревети, од кои околу 50 во главниот град, кој е најголемо жариште уште од почетокот на пандемијата. На Инфективната клиника во Скопје има и најмногу хоспитализирани – 131 пациенти. Во Градската општа болница „8 септември“ се лекуваат 73, во Детската болница во Козле 29, а на Клиниката за гинекологија и акушерство 4 пациенти.
-повеќе на темата: Како да се издржи март, без вакцини?
Ковид-19 забрзано се шири и во останатите градови. Прилеп, Куманово и Тетово се меѓу првите на листата со најголем број заразени. Според извештаите од Министерството за здравство, од 604 пациенти сместени во болниците надвор од Скопје, најмногу има во кумановската – 100 пациенти. Потоа следуваат Прилеп со 96 пациенти, Охрид - 75, Кавадарци - 64, Битола - 60, Велес - 47, Штип - 37, Струмица - 29, Гостивар - 28, Тетово - 20, Струга и Гевгелија - 15, Кочани - 7 и Кичево исо така 7. Од Министерството за здравство велат дека доколу има потреба, ковид-одделенијата дополнително ќе се прошируваат.
Британскиот сој станува доминантен
Британскиот сој на коронавирусот, кој е лесно пренослив и се смета дека е многу позаразен, станува доминантен кај новозаразените. Лекарите укажуваат дека меѓу новозаболените сѐ поголем е бројот на оние кои имаат под 36 години. Во очекување да започне масовната имунизација на населението, се намалува бројот на асимптоматските случаи, но затоа сѐ поголем е бројот на оние коишто бараат лекарска помош и хоспитализација.
-повеќе на темата: Кои се вакцините- адути на човештвото против Ковид-19
Според официјалните податоци на Институтот за јавно здравје, вкупно ковид-дијагностицирани во земјата од почетокот на епидемијата се 112.646 лица. Истражување на Институтот за имунобиологија, спроведено во текот на изминатите две недели во Скопје, покажало дека секој трет граѓанин има антитела на Ковид-19. Како што објави порталот „Сакамдакажам“, анализата е спроведена врз 1.000 случајни минувачи на шест локации во Скопје и тоа во Карпош, Аеродром, ТЦ „Мавровка“, во Градскиот парк и на улица Македонија и Плоштад Македонија. Притоа, се внимавало испитаниците да не се од исто семејство, односно да се земат примероци од различни групи и возрасти. Ваквите разулатите кажуваат дека земјата е на половина пат кон создавање колективен имунитет, за што е потребно болеста да ја прележат најмалку 60 отсто од граѓаните.
Според официјаланите податоци објавени на Worldometer, сервис кој ја следи статистиката поврзана со Ковид во целиот свет, С. Македонија е на петто место во регионот по смртност, за разлика од пред неколку месеци, кога беше прва на листата. Во С. Македонија има 1593 починати лица на 1 милион жители, за разлика од Бугарија со 1625 починати на милион жители, БиХ со 1667, Црна Гора со 1797 и Словенија со 1892 починати на еден милион жители.