Над 2.250 деца се заразиле со Ковид-19
17 март 20212.254 деца до деветгодишна возраст и 4.938 млади лица на возраст од 10 до 19 години заболеле од Ковид-19 од почетокот на пандемијата. Вирусот бил детектиран и кај 412 бремени жени, од кои 58 биле хоспитализирани во текот на болеста. Досега се регистрирани 3 смртни случаи кај бремени жени и 24 смртни случаи кај здравствени работници, заклучно со 4 јануари годинава. Од вкупниот број на регистрирани бремени жени, 119 биле асимптоматски случаи.
Ова го покажуваат анализите на Институтот за јавно здравје, кои потврдуваат дека Ковид-19 сѐ почесто предизвикува здравствени проблеми и кај децата. Иако првично се мислеше дека тие полесно го пребродуваат вирусот, искуството на медициНските лица коишто се во првите редови во борбата со Ковид-19, покажува дека вирусот може да предизвика сериозни оштетувања на одредени органи кај најмладите. Директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, д-р Аспазија Софијанова за ДВ неодамна изјави дека само за два месеца со соочиле со пост-ковид компликации кај 42 деца коишто го прележале вирусот.
-повеќе на темата: Софијанова: За два месеци 42 деца имаа пост-ковид компликации
„Децата реагираат на ковид на најразлични начини. На почетокот сметавме дека вирусот е безопасен за нив, но сѐ повеќе гледаме дека тој може да направи огромна штета на одредени органи во детското тело. Тие немаат можеби симптоми како возрасните - висока температура и кашлица, но кај децата се појавуваат пост-ковид компликации кои можат да бидат многу сериозни“, изјави Софијанова за ДВ.
Голем дел од децата се асимптоматски за време на вирусот, но тоа не значи дека Ковид-19 не остава последици врз нивното здравје. Вирусот најчесто удира на стомакот, бубрезите, мозокот и срцето кај децата. Предизвикува нарушувања и проблеми при функционирањето на бубрезите и срцето.
-повеќе на темата: Ковид кај децата: „Ќерка ми не можеше да стане од кревет, пиштеше од главоболки“
Најчести симптоми коишто ги имале заболените се температура (68,8%), кашлица (40,8%), малаксаност (40,1%), ослабен осет за мирис и/или вкус (27,0%), главоболка (21,9%), мускулна болка (18,1%), болка во грло (14,1%) и отежнато дишење (9,8%). Кај 17.126 или 23,7% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето.
Најстариот заболен има 101 година
Според податоците на ИЈЗ, најстарото лице, пак, коешто се заразило со опасниот вирус има 101 година. Најголем број на заболени се на возраст над 60 години, односно 26.952 лица од вкупно 112.930 случаи на Ковид-19. Со коронавирус се заразиле и голем број здравствени работници. Статистиката покажува дека се регистирани 3.439 (4,8%) случаи на заболување меѓу лекарите и медицинските сестри.
Анализите покажуваат дека повеќето од заболените имале и претходни здравствени проблеми. Па така, кај 22.444 лица се утврдени хронични болести. 15.323 лица имале кардиоваскуларна болест, 5.842 дијабетес, 3.256 се со хронична белодробна болест и 3.986 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 4.800 (63,3%) се присутни коморбидитети, наведуваат од ИЈЗ.
-повеќе на темата: Зголемена смртност и сѐ повеќе заразени од Ковид-19 во С. Македонија
Досега од Ковид-19 починале 3.340 лица, а најголем број на смртни случаи имало на 30 ноември минатата година. Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години. Од Ковид-19 починале 2.094 мажи и 1.246 жени. Кај 2.398 случаи било утврдено дека претходно имале или кардиоваскуларна болест, дијабетес или пак белодробна болест.
Широко распространета трансмисија
Република Северна Македонија е во фаза 4 (широко-распространета трансмисија во заедницата), подниво 3, со умерени капацитети за одговор. Во оваа фаза се препорачува затворање на несуштински деловни активности или работење од дома, што е можно повеќе.
Неопходно е да се применуваат мерки како што се хигиена на рацете, посебно марамче за кашлање, да останат дома оние што не се чувствуваат добро, да носат маска, да се држи физичко растојание и да избегнуваат затворени простори, преполни места со можност за близок контакт. „Да се размисли за ограничување на наставата со физичко присуство на универзитетите и да се промовира е-учење. Службите за згрижување на деца и основните и средните училишта треба да останат отворени со соодветни мерки за безбедност и надзор доколку тоа го дозволува локалната епидемиолошка состојба. Посебна проценка е потребна за одржување спортски и слични настани кои треба да се одржуваат според строги безбедносни правила, на пример без публика. Другите масовни собири треба да бидат прекинати, а големината на сите социјални собири треба да се намали“, се дел од препораките на СЗО.