1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона-протести во Германија: Оркестриран бес

Ханс Фајфер
12 јануари 2022

Десетици илјади луѓе секој понеделник протестираат ширум Германија против мерките воведени поради коронавирусот. Во градот Фрајберг, Саксонија, ваквите протести траат со месеци и стануваат сѐ поагресивни.

https://p.dw.com/p/45Pi4
Вонредна состојба во Фрајберг, Саксонија: Стотици луѓе се собираат секој понеделник и покрај забраната
Вонредна состојба во Фрајберг, Саксонија: Стотици луѓе се собираат секој понеделник и покрај забранатаФотографија: Hans Pfeifer/DW

„Би се убила да сум на ваше место“, вика една лута жена постојано повторувајќи ја оваа реченица. Пред неа, рамо до рамо, стојат тешко вооружени полицајци. Нивните возила ја оградија улицата. Ангажирани се стотина полицајци. За учесниците на демонстрациите против мерките воведени поради коронавирусот тука нема поминување. Омразата и насилството ескалираат. Неколку десетици мажи се обидоа да ја пробијат блокадата. Доаѓа до тепачка и апсења.

Во Фрајберг е понеделник вечер (10.01.2022). Секој прв ден во неделата во овој мал саксонски универзитетски град се собираат стотина луѓе да демонстрираат против корона-политиката. Фрајберг стана жариште на таквите протести во Германија. Оние кои излегуваат на улиците себеси се нарекуваат „шетачи“. Повикуваат на укинување на ограничувањата поврзани со пандемијата и демонстрираат против можното воведување на задолжителна вакцинација. Овој понеделник се собраа околу илјада луѓе.

Протестите, инаку, се забранети. Со оглед на големиот број заразени, во моментов во покраината Саксонија смеат да се соберат најмногу 10 луѓе. Демонстрантите забраната ја претворија во игра мачка и глушец со полицијата.

Мали групи луѓе се собираат разделени по паркот во центарот на Фрајберг. Се договараат со помош на свирежи и довикувања, се движат едни кон други и се собираат. Кога ќе се зголеми отпорот на полицијата, брзо се разделуваат и продолжуваат да шетаат во групи. Секаде по улиците можат да се видат групи, главно момчиња, кои ја играат таа игра.

Конците ги влечат десноекстремистички групи

На социјалните мрежи тие се претставуваат како бесни и загрижени граѓани од соседството. Сосема е сигурно дека меѓу нив има и обични граѓани, но на протестот во понеделникот доминираа крупни мажи кои носеа облека карактеристична за десничарските екстремисти или за хулиганите.

„Многумина од нив не се од Фрајберг и допатувале само поради ова“, вели Астрид Ринг. Таа веќе со месеци известува за протестите за весникот „Фрајберг фри прес“. Се забележува, вели, дека собирите стануваат сѐ поагресивни.

Покрај новинарката е и нејзиниот колега фотограф. Учесниците на демонстрациите постојано фрлаат петарди на нив. „Денеска расположението е особено агресивно.“ Астрид Ринг се јавува во редакцијата и јавува дека дошло до апсења. „Не сум сама тука!“, ја уверува својата уредничка.

Десничарските групи ги прогласуваат новинарите на терен за непријатели. Еден човек од таквата група ѝ се обраќа на Ринг со зборовите: „Имам чувство дека вие новинарите не разговарате со луѓето“.

Оштетено полициско возило во Фрајберг: полицајците уапсија двајца учесници во корона-протестите
Оштетено полициско возило во Фрајберг - полицајците уапсија двајца учесници во корона-протеститеФотографија: Hans Pfeifer/DW

На заштита од полицијата новинарката може да смета само донекаде. Играта мачка и глушец ја прави ситуацијата во градот непрегледна. Насекаде по мрачниот град се раштркани групи мажи.

Полицијата во суштина капитулираше уште пред почетокот на забранетиот собир. „Нема да може да уапсиме и да приведеме што е можно поголем број луѓе“, изјави однапред еден претставник на полицијата. Недостасува и брза помош.

Растечки отпор против десничарите

Сибил Матес е загрижена за својот град Фрајберг. „Вообичаените начини на меѓусебно однесување веќе не се практикуваат“, се жали оваа заболекарка. Не разбира зошто политиката и полицијата не им ставија крај на овие собири уште многу порано. „Речиси сѐ излезе од контрола“, вели Матес, која овој понеделник беше на контрадемонстрациите кои ги организира иницијативата „Фрајберг за сите“.

Повеќе: Што се крие зад корона-протестите во Европа?

Тие сакаат да преземат нешто против „таа улична мафија“. Иницијативата „Фрајберг за сите“ веќе ја поддржуваат над 5.000 граѓани, меѓу кои и градоначалникот. Тие себеси се доживуваат како вистинско мнозинство во Фрајберг, кое веќе не сака да молчи.

Во покраината Саксонија веќе постојат многу слични иницијативи, во многу градови и општини. И имаат сѐ повеќе поддржувачи.

На улица за демократијата: заболекарката од Фрахберг Сибил Матес
На улица за демократијата: заболекарката од Фрајберг, Сибил МатесФотографија: Hans Pfeifer/DW

„Култура на страв“ во Фрајберг

Нивниот проблем, меѓутоа, е тоа што ги почитуваат правилата. Во Фрајберг нивните контрадемонстрации на улица се мали, бидејќи се придржуваат до условите поставени од политичарите: можно е собирање на максимално десет луѓе.

Џени Фриче е една од нив. Неа ја мачи тоа што има таква омраза и насилство во градот. И ѝ се закануваат, затоа што води кампања против десничарскиот екстремизам. И тие закани оставаат трага. Таа вели дека во градот владее „култура на страв“. Но, споредено со другите, и натаму, вели таа,  се чувствува привилегирано: „Моите пријатели од Сирија и од Авганистан веќе не се осмелуваат да излезат на улица во понеделник“.

Притоа, во Фрајберг дури е и добро. „Во селата околу градот, политичките неистомисленици се социјално жигосани од десничарските екстремистички групи“, вели Џени Фриче. Како и многу ангажирани граѓани во Саксонија, и таа се прашува колку долго ќе може да издржи. И зарем не би било подобро да се отсели, како и многу други образовани и ангажирани луѓе, меѓу другото и поради децата. Но, засега таа сепак нема да си замине: „Некој мора да остане“.