Заболена директорка испрати во изолација цела клиника
9 март 2020Клиниката за кожни болести во Скопје ќе биде затворена, 64 вработени во оваа институција се испратени во домашна изолација и ќе бидат тестирани, а истата мерка ќе опфати и уште стотина лица- претежно лекари- кои учествувале на стручно предавање за време на викендот. Во изолација се и пациенти на клиниката, како и други лица кои се лекувале во амбулантата.
Тоа е краткорочниот епилог од откривањето на коронавирус кај директорката на Клиниката за кожни болести. Таа престојувала во Северна Италија- регион кој е најтешко погоден од вирусот Ковид-10 на европско тло- но по враќањето во земјава не се тестирала ниту доброволно ги пријавила симптомите, туку пет дена одела на работа. Нејзината состојба е добра, но дали заразила и други лица, ќе се знае во следните денови.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека сака да ја разреши од функцијата директорката, но вели дека му се врзани рацете поради предизборниот период. Тој остава простор таа и кривично да одговара, доколку таква одговорност утврдат другите надлежни институции.
„И покрај тоа што антиципиравме ризици многу пред време и и уште многу пред соседните земји ги спроведовме сите мерки на претпазливост како на аеродромот, така и на влезовите во државава, ова со што се соочивме денеска е нешто што навистина многу не разочара“, изјави на прес-конференција Филипче.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвинија министерот дека потфрлил и бараат оставка од него и кривичен прогон на директорката. Расправала и комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ која меѓудругото препорачува “распуст за децата од предучилишна и училишна возраст и строго евидентирање на сите лица што влегуваат во државата од кризни зони со коронавирус.“
Филипче денеска уште еднаш повика да не се шири паника и да се почитуваат препораките, особено од страна на лицата кои престојувале во ризични региони.
*Вкупниот број на заразени од коронавирус во земјата, во меѓувреме, порасна на седум лица, откако вечерва (09.03.2020) Министерството за здравство информира дека болеста била откриена уште кај три лица кои претходно беа испитувани.
*Информацијата беше ажурирана со дополнителен број на заболени од коронавирус во 23:49 часот на 09.03.2020.