Коронавирус: Кои залихи ви се потребни во кризни ситуации
Кризата со коронавирусот доведе до прогласување вонредни состојби во многу земји. Неретки се случаите на панично купување во супермаркетите. Дознајте што ви е потребно во домот во вакви ситуации, и избегнете паника.
Подгответе се за криза
Германската влада во 2016 година изработи нов план за цивилна заштита со листа на неопходни производи кои во меѓувреме се ажурирани. Германците добија препорака да направат залихи на храна за 10 дена и питка вода за пет дена. Идејата е луѓето да имаат се што им е потребно, вклучително готовина и лекови, за да ја надминат кризната состојба.
Доволно течности
Листата со препораки опфаќа и список на залихи за период од 14 дена. Најважната работа на листата е водата- 28 литри по човек за период од 14 дена, или два литри дневно. Луѓето можат да преживеат неколку недели без храна, но без течности само четири дена.
Потребни залихи
Германското министерство нуди и онлајн „калкулатор“ со кој можете да пресметате каква храна да имате во резерва. Се препорачуваат 4,9 килограми ориз, леб и тестенини по човек за две недели. Потоа, 5,6 килограми зеленчук по човек, по 3,7 килограми млечни производи, овошје и јатки, и 2 килограми риба и месо. Водете сметка храната да трае и без ладење. По избор, снабдете се и со масло, шекер и сол.
Хигиената е витална
Иако храната и водата се клучни во вакви ситуации, хигиената е исто толку важна за превенција од болести. Имајте на располагање доволно сапун, детергент, паста за заби, влажни марамчиња, кеси за смет и тоалетна хартија.
Лекови
Се препорачува да имате снабдено медицинско шкафче доколку се случи да не бидете во состојба да отидете до аптека или болница. Меѓудругото, тоа предвидува комплет за прва помош, неопходни лекови на рецепт, лекови за настинка, против болка, анти-диареа лекови и електролити, како и термометар и средство за дезинфекција.
Доколку снема струја
Не е честа појава, но може да се случи да снема струја на неколку часа или на подолго. Тоа значи дека ќе нема светлина, мобилни телефони и греење. За да се подготвите за таква евентуалност, чувајте во резерва батериска светилка и свеќи, како и кибрит или запалка.
Торба за итни ситуации
Создавањето залихи претпоставува дека мора да останете во домот, но некоја кризна ситуација може да ве натера и итно да заминете. Затоа е мудро да се има подготвена патна торба. Германската влада советува во неа да сместите: комплет за прва помош, храна за два дена, најважни лични документи, шише вода, вреќа за спиење, неопходна гардероба и дел од нештата кои беа наведени во претходната листа.