1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Како Европа да избегне втор целосен карантин?

Мирјам Бенеке
21 септември 2020

Празни градски центри, затворени дуќани и фирми – многу Европејци сѐ уште страдаат од последиците на драстичните корона-мерки од пролетоска. Владите апсолутно сакаат да спречат втор ваков удар.

https://p.dw.com/p/3imEg
Spanien Barcelona,  Coronakrise Ausgangssperre leere Straßen Geischtsmaske
Фотографија: picture-alliance/Zuma/X. Herrero

„Катастрофално“, „очајно„ и „поразително“: зборовите со кои шефовите на европските држави и влади ги опишуваат последиците од можен втор целосен карантин се повеќе од јасни.

За да се спречи ширењето на коронавирусот, пролетта јавниот живот насекаде низ Европа беше буквално запрен. Во летните месеци, ситуацијата на многу места беше олабавена. Но со недели наназад бројот на новозаразени расте во речиси сите европски земји.

Според Светската здравствена организација, СЗО, во Европа дневно се регистрираат меѓу 40.000 и 50.000 нови случаи. Тоа не е само поради фактот дека насекаде се прават повеќе тестови. „Бројките од септември треба да ни бидат аларм за сите,“ изјави директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге. Бројката на заразени на неделно ниво, според СЗО, во меѓувреме ги надминува и бројките од пикот во март.  

Земјите се потпираат на регионални ограничувања

Со растот на бројот на новозаразени расте и загриженоста од повторно воведување на целосен карантин во земјите. Особено во Шпанија и Франција драстичните ограничувања кои беа воведени пролетта доведоа до огромен пад во економијата  - но токму во овие две земји бројот на нови инфекции сега е особено зголемен. Франција сепак сака, доколку е возможно да избегне воведување целосен карантин. Наместо тоа властите се потпираат на заострени мерки во особено погодените градови Париз, Марсеј, Бордо, Ница и Тулуз. Таму има забрана за собири, ограничено работно време на барови и ограничени посети во старечки домови. Во Париз и останати области, по напуштање на домот задолжително е носење маска.

Драстични мерки стапуваат на сила од денес (21 септември) и во шпанскиот главен град Мадрид. Жителите на шест градски населби и седум општини во околината смеат да ги напуштат домовите само во итни случаи – за работа, посета на лекар, за на училиште или доколку некој има покана за на суд. Ова го најави регионалната претседателка Изабел Ајуси. Слични ограничувања на движење има и во други делови на земјата, меѓу кои и на островот Мајорка.

Со мерките се опфатени области во кои бројот на новозаразени е над 1000 на 100.000 жители во последните 14 дена. Тоа е „навистина лоша бројка“ која не принуди да се преземат мерки, вели Ајусо. За споредба, во Германија оваа седумдевна идникативна бројка во моментов е 13.

„Сакаме да избегнеме целосен карантин, тоа ќе биде чекор назад и катастрофа за нашата економија,“ вели регионалната претседателка за главниот град Мадрид. „Ако се придржуваме до новите правила, нашиот регион повторно бргу ќе се опорави.“

Економските последици од втор карантин не биле тешки само во Јужна и Западна Европа. Стопанските комори и во Германија предупредуваат од можни бранови на банкрот.

„Една петтина од сите комапнии веќе го гледаат својот опстанок како загрозен поради короната,“ вели претседателот на комората Марио Оховен. При втор карантин во овие компании со сигурност „ќе го изгасат светлото засекогаш“.

Повеќе:

Германски Ковид експерт: Маските ќе ги носиме до крајот на 2021

Тестирање во Германија: Што се менува за повратниците?

Пандемија- како стојат работите со солидарноста во ЕУ?

СЗО предупредува од раст на бројот на починати од Ковид-19 наесен во Европа

Иако бројот на инфицирани расте и во Германија, втор карантин нема на повидок. „Едно нешто е најважно оваа есен: лична одговорност, лична одговорност, лична одговорност,“ порача министерот за здравство Јенс Шпан на почетокот од септември. „Ако ова го спроведеме тогаш нема да има потреба да зборуваме за карантин,“ рече Шпан.

Но, во случај на зголемена трансмисија на локално ниво мора да се преземат соодветни мерки. Ни германското министерство за финансии не смета дека ќе има втор карантин. Во нацрт буџетот за 2021 предвидени се околу 96 милијарди ново задолжување за борбата против корона-кризата. Сите планови се темелат на тоа дека Германија во корона-пандемијата нема да биде приморана на втор целосен карантин. Од министерството велат дека вакво сценарио не е земено во предвид при планирањето на буџетот.

Велика Британија спремна за втор карантин 

Нешто поразлична е ситуацијата во Велика Британија. Британскиот министер за здравство Мет Хенкок за БиБиСи пред неколку дена изјави: „Сакаме да избегнеме национален карантин, но подготвени сме за него”. Обединетото кралство со речиси 42 илјади мртви е најсилно погодена земја во Европа.

Со денови бројот на заразени таму масовно расте. И бројот на пациенти со Ковид-19 на клиниките расте. Веќе една недела во Велика Британија важат заострени ограничувања за контакти. И тука како и секаде во Европа властите се обидуваат локално да се справуваат со заразата. Во Бирминген, Глазгов и други големи градови членови на различни домаќинства не смее да се среќаваат во затворени простории, а делумно ниту на отворено.

Научниците препорачуваат двонеделен карантин

Британски врвни научници од „Научната група советници за итни случаи” на владата ѝ препорачале да воведе двонеделна забрана за движење и контакти за време на есенскиот распуст. „Со оглед на тоа дека една недела секако не се учи, уште една дополнителна ќе има ограничено влијание врз образованието”, вели еден научник за „Фајненшал тајмс”. 

Втор целосен карантин како во Израел во Европа никој не посакува. Покрај локалните мерки за справување со короната, политичарите апелираат пред сѐ на дисциплината на граѓаните. „Нацијата е пред пресврт и ние имаме избор”, изјави министерот за здравство Хенкок за телевизијата Скај Њус во неделата. „Изборот е во тоа или сите да ги почитуваат мерките или ќе мора да преземеме нови”.