1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Короната се крие во масните клетки

Александер Фројнд
8 јануари 2022

Нова студија покажува зошто дебелите луѓе може да имаат зголемен ризик од тежок ковид и постковид синдром: Короната е скриена во масните клетки.

https://p.dw.com/p/44DB8
Коронавирус Клиника Интензивна нега
Луѓето кои имаат вишок килограми се особено тешко погодени од коронавирусот. Фотографија: RONNY HARTMANN/AFP

Од самиот почеток на пандемијата, познато е дека дебелината претставува ризик за тежок облик на ковид и за постковид синдром. Од една страна, тоа се должи на полоша физичка состојба, поголем број на пропратни болести или механички проблеми со дишењето. 

Но, тоа не е сè: според една нова, сè уште неверификувана студија, се чини дека коронавирусот директно ги инфицира масните клетки. Покрај тоа, во тешки случаи на ковид, воспалението се јавува директно во масните клетки. 

„Податоците од нашата студија сугерираат дека инфекцијата на масното ткиво и поврзаниот инфламаторен одговор може да бидат една од причините зошто дебелите луѓе имаат толку тежок развој на болеста кога се инфицирани со САРС-КоВ-2“, рече Кетрин Блиш, професорка на Стенфорд и главен автор на студијата. 

Всушност, овие наоди не се сосема нови, бидејќи се чини дека и другите патогени, како што е вирусот на грипот, сакаат да се вгнездат во телесните масти. ACE2 рецепторите служат како влезна врата за продирање на новиот коронавирус САРС-КоВ-2 во клетките. А нив во масните клетки ги има повеќе отколку во другите клетки - дури и повеќе отколку во ткивото на белите дробови. 

Блиш и нејзиниот тим ги испитувале масните клетки на пациентите кои починале од Ковид-19. Се покажало дека коронавирусот многу ефикасно ги користи масните клетки како резервоар за прикривање - а со тоа и надмудрување на нашиот имунолошки систем. 

Зголемен ризик од постковид синдром 

Мастите во човечкото тело не се ограничени само на оние места што се видливи на прв поглед - тоа е опкружување во кое се наоѓаат и бројни внатрешни органи. Истражувачите открија дека инфицирањето на масните клетки со вирусот САРС-КоВ-2 активира низа воспаленија. Почнувајќи од маснотијата, може да се прошири на внатрешните органи и тоа на подолго време. 

Бидејќи на овој начин се пренесува на целото тело, според наодите од оваа студија, може да го зголеми ризикот пациентите да страдаат од постковид синдром со месеци по закрепнувањето од првата инфекција. 

„Ако масните клетки се резервоар за вирусни инфекции, дебелината може да придонесе не само за тешка акутна болест, туку и за долгорочен постковид синдром“, се вели во студијата.

Ова откритие може да влијае на стратегиите за вакцинација и методите на лекување, бидејќи телесните масти сè уште не се земени предвид во постоечките третмани. 

Можни методи на лекување 

Истражувачите откриле дека вирусот реагира и на антивирусна терапија (со ремдесивир) во масните клетки. Дополнително, може да се тестираат одредени лекови кои го намалуваат воспалението во масното ткиво. Истражувачите сугерираат дека салицилатите би можеле да ја преземат оваа задача. 

Аспирин
Салицилатите имаат аналгетски и антиинфламаторни својства, ја намалуваат температурата и спречуваат згрутчување на крвта. Фотографија: picture-alliance/dpa/empics/S.Kelly

Најпознатиот претставник на салицилатите е ацетилсалицилна киселина - или аспирин. Салицилатите имаат аналгетски и антиинфламаторни својства, ја намалуваат температурата и спречуваат згрутчување на крвта. 

Врз основа на новите резултати од истражувањето, мора да се утврди и дали дебелите луѓе треба да се вклучат во ризичните групи и да им се даде приоритет, на пример при вакцинацијата. 

Вознемирувачка дебелина 

Од почетокот на пандемијата, некои студии покажаа дека многу од најтешко погодените од Ковид-19 имаше вишок килограми. Првата мета-анализа беше објавена во август 2020 година - за неа истражувачи од целиот свет собраа податоци од 399.000 пациенти. 

Дебелите луѓе со корона имаат 113% поголема веројатност да завршат во болница, 74% поголеми шанси да завршат на интензивна нега и 48% поголема веројатност да починат од Ковид- 19. 

Кај овие луѓе, многу фактори често се спојуваат во сериозна болест. На пример, салото на стомакот ја притиска дијафрагмата, која пак ги притиска белите дробови. Ова го ограничува протокот на воздух и го намалува волуменот на белите дробови. 

Дополнителни фактори 

Покрај тоа, дебелите луѓе често имаат ослабен имунолошки систем, хронично воспаление и зголемен ризик за тромбоза. Ова може да биде ризично во случај на корона.

Покрај тоа, високиот крвен притисок, срцевите и белодробни заболувања и дијабетесот се многу чести кај дебелите луѓе. Сите овие се дополнителни фактори кои можат да го влошат текот на болеста. 

USA Symbolbild Übergewicht
Дебелите луѓе треба да бидат особено заштитени од инфекцииФотографија: Spencer Platt/Getty Images/AFP

Дебелите луѓе треба да бидат особено заштитени од инфекции. Бидејќи досега има многу малку податоци за тоа како да се третираат, меѓу другото затоа што овие луѓе често се исклучени од клиничките студии - токму поради прекумерната тежина. 

Со оглед на резултатите од ова истражување, би било од корист да се вклучат во идните истражувања луѓе со висок индекс на телесна маса (БМИ). Ако некој има БМИ од 25, тоа се нарекува блага дебелина, а кога БМИ е поголем од 30, тоа се нарекува дебелина. На пример, човек со висина од 170 см е дебел кога тежи повеќе од 86 килограми, а благата дебелина започнува кога тежи повеќе од 72 килограми.