Косово: гласот на Милошевиќ не ги привлекува Албанците
8 март 2018Претставата „Слободан шоу“ ја имаше својата премиера во преполниот театар во Грачаница, град населен со Срби во близина на главниот град на Косово, Приштина. Изведбата беше на локална театарска група засилена со уметници од Србија.
Косовските Албанци ја бојкотираа претставата, рефлектирајќи ги постојаните етнички поделби во поранешната српска провинција која прогласи независност во 2008 година. Во бруталниот обид да го задушат нивниот бунт, трупите на Милошевиќ убија околу 10 илјади Албанци на Косово.
Независниот аналитичар Шкељзен Малиќи за весникот Експрес напиша дека „нема намера да го гледа шоуто“. „Не би сакал да слушам текст со цитати од Слобо“.
Претставата се занимава со ерата на Милошевиќ и со животите на обичните луѓе на Косово. Во неа се комбинираат историски настани, лични моменти меѓу Милошевиќ и неговата сопруга Мирјана Марковиќ, како и вистински приказни на актери, од кои повеќето потекнуваат од Косово.
Последното српско табу
Фокусирана на крајот на 1990-те години и насилствата во Косово, претставата во еден дел се занимава и со уривањето од власт на Милошевиќ во 2000-та година и неговото судење за воени злосторства во Хаг.
Режисерот Ненад Тодоровиќ, Србин од Косово, објаснува дека „темата на претставата е Милошевиќ затоа што тој е последното српско табу“.
Милошевиќ многумина го сметаат за главен архитект на крвавиот балкански конфликт, но Србите во Косово и Србија и натаму се поделени околу неговата историска улога иако неговото владеење им донесе голема економска стагнација, меѓународни санкции и пресметки со неистомислениците.
Десетици илјади Срби избегаа од Косово по војната, додека оние кои останаа живеат во мнозински српски енклави на северот или во внатрешноста на земјата.
Зачинета со хумор и музички изведби од хор, претставата за Милошевиќ насмеа дел од публиката, но и налути некои кои предвреме си заминаа. Оние кои останаа долго ѝ аплаудираа.
Во Приштина, Агим Селими, декан на Факултетот за уметност, вели дека „секоја тема може да добие уметнички третман“.
„Верувам дека секој, особено на Балканот, треба да ги дискутира позитивните и негативните страни на сѐ, затоа што тоа е многу важно за иднината на Балканот“, вели тој.
Милошевиќ почина во 2006 година, за време на судењето на кое беше обвинет за геноцид во Трибуналот за воени злосторства во Хаг, Холандија.
Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид