1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово станува регрутен центар на ИД

Б. Георгиевски/тгш/бр17 јуни 2015

Германските медиуми се загрижени дека Косово станува упориште и регрутен центар на „Исламската држава“. Во медиумите и критики за владиниот план за изградба на „специјални логори“ за балканските бегалци

https://p.dw.com/p/1FiPH
Фотографија: Propagandavideo Islamic State via Al Hayat/YouTube

Безнадежната состојба на Косово регрутира нови борци за Исламската држава, пишува весникот „Тагесшпигл“.

„Постојат многу причини што младите Косовци ја напуштаат својата земја. Во изминатите месеци илјадници се упатија кон западна Европа во потрага по подобар живот. Но, сѐ повеќе се приклучуваат и кон ткн. Исламска држава во војните во Ирак и во Сирија. Иако се работи за околу 230 луѓе, со оглед на популацијата од 1,8 милиони на Косово, тоа е еден од највисоките проценти.

Младите Косовци се особено подложни на екстремистичката пропаганда, затоа што за себе не гледаат никаква перспектива. Од прогласувањето на независноста во 2008 година, земјата не бележи никаков економски напредок. Повеќе од една третина од населението живее во сиромаштија, две-третини од младите до 25 години се без работа“.

Онаму каде што државата потфрла, пишува натаму „Тагесшпигл“, на сцена, слично како и на Блискиот исток, стапуваат исламистите кои преку хуманитарна помош успеваат да си изградат имиџ на чисти контра-институции наспроти корумпираниот државен апарат.

„Клучна улога притоа играат салафистичките групи, кои во истовреме регрутираат и борци за Исламската држава. Големо влијание на Косово има Саудиска Арабија, која успева офанзивно да шири конзервативни религиозни вредности во едно, досега, секуларно ориентирано општество“, го цитира весникот косовскиот аналитичар Шпенд Курсани.

„Косово и други муслимански балкански земји се почесто се етаблираат и како транзитни земји за европските борци на ИС. Безбедносните експерти се сомневаат дека регрутите на ИС на Балканот добиваат некој вид тренинг за војните на Блискиот исток. Тие на тоа гледаат со голема загриженост“, заклучува „Тагесшпигл“.

Логори за балканските бегалци

Веста дека централните и покраинските власти во Германија планираат изградба на логори за бегалците од балканските земји, предизвикаа бурни реакции од организацијата за заштита на човековите права Советот за бегалци на Баварија. Според објавените планови, во Германија треба да бидат изградени два до три „специјални логори“ со 3-5 илјади места за сместување на бегалците од Балканот.

Symbolbild Notstand deutscher Städte bei Flüchtlingsunterkünften
Архива: Протест во бегалски камп во Баден-Виртемберг во 2013 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

„Добрите бегалци ќе можат да останат, а 'лошите' ќе бидат сместувани во специјални логори и во најбрз можен рок враќани назад“, вели за Бајерише Рундфунк, Александер Тал од Советот за бегалци на Баварија.

„Она што го планираат државата и покраините, е продолжување на дискриминацијата против Ромите. Овојпат не со физичко насилство и отворено непријателство како на Балканот, туку со ладнокрвната пресметаност на германската бирократија. Оваа бесчуствителност во односот со потомците на жртвите на националсоцијалистичкиот геноцид е шокантен“, заклучуваат од Советот на бегалци.