1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовската криза ита кон ново насилство

Бахри Цани/бг17 февруари 2016

На осмата годишнина од независноста, на Косово му се закануваат големи немири. Опозицијата најави дека денешниот протест има за цел уривање на владата.

https://p.dw.com/p/1Hw8L
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Vitia

Претставниците на меѓународната заедница се шокирани поради насилството на Косово. „Насилството не смее да биде прифатено како легитимно средство за промена на владата“, рече Ернст Рајхел, опономоштеник на германското министерство за надворешни работи за Југоисточна Европа. „Уште полошо е што косовската опозиција не се дистанцираше од насилството. Дебатата во парламентот мора да се води со аргументи, а не со солзавец и молотови коктели“.

Од август минатата година, опозицијата ги попречува седниците на парламентот со фрлање солзавец и јајца, како и со свирежи. На почетокот на тој начин се обидуваше да ја принуди владата да го повлече договорот за формирање на Заедницата на српски општини. Со тој договор на српското малцинство му се гарантираат далекусежни автономни права. Опозицијата во истовреме бараше и владата да го повлече потписот од Договорот за државната граница меѓу Косово и Црна Гора. Паралелно со блокадите на парламентот, опозицијата организираше и повеќе протести, на кои имаше и насилство- пред зградите на парламентот и на владата во Приштина.

Оставка на владата!

Опозицијата сега бара оставка на владата и нови избори. На 9 јануари беа одржани најголемите протести по прогласувањето на независноста на Косово. Демонстрантите се судрија со полицијата и предизвикаа голема материјална штета. Имаше и многу повредени, а голем број опозициските пратеници и симпатизери беа уапсени.

Од партиите на владејачката коалиција, Демократската лига на Косово (ЛДК) на премиерот Иса Мустафа и Демократската партија (ПДК) на министерот за надворешни работи Хашим Тачи, ги одбиваат барањата за оставки. „Нови избори на Косово ќе бидат одржани во 2018 година, како што е предвидено со изборниот закон“, соопшти премиерот.

Isa Mustafa, Premierminister Kosovo
Косовскиот премиер Иса МустафаФотографија: DW/B. Cani

Експлозивна состојба

Сепак, состојбата останува експлозивна, сметаат набљудувачите. „Состојбата на Косово е загрижувачка. Сликите на насилство му предизвикаа голема штета на имиџот на Косово“, вели за ДВ, Сафет Герџалију, претседател на Стопанската комора на Косово. „Владее голем страв од социјални немири и демонстрации, бидејќи Косово има големи економски проблеми“.

Најмладата европска држава има стапка на невработеност од речиси 40 проценти. Етничките тензии меѓу косовските Албанци и Срби сѐ уште се големи. Спроведувањето на договорот со Србија напредува бавно. Косово досега е признато од 112 земји, но сѐ уште не од пет земји-членки на ЕУ, како и од Србија, Русија, Кина и Индија. Неодамна земјата беше одбиена за членство во Унеско. На косовските граѓани им е потребна виза за ЕУ. Тие веќе не веруваат дека состојбата набрзо ќе се подобри. Поради тоа, во последните две години речиси секој десетти граѓанин ја напушти земјата и побара подобра перспектива во Германија и други европски земји.

Спорен избор на претседател

Многу спорна тема е и изборот на новиот косовски претседател. Според коалицискиот договор меѓу ПДК и ЛДК, на таа функција треба да биде избран Хашим Тачи. За тоа ќе му биде потребно двотретинско мнозинство во парламентот во првите два круга, а во евентуалниот трет - просто мнозинство. Изборот на Тачи е спорен за многумина, не само за националистичката опозиција, туку и за некои пратеници на владејачкото мнозинство. Новиот претседател треба да биде избран до почетокот на март.

Safet Gerxhaliu
Сафет ГерџалијуФотографија: Privat

И покрај тоа, Герџалију смета дека сите проблеми можат да бидат решени за кратко време. „На патот кон европското семејство нема алтернатива за дијалогот, комуникацијата и партнерството. Косово мора да ги спроведе препораките на меѓународните пријатели од Берлин, Брисел, Вашингтон, Лондон, Париз и Ватикан. И американскиот амбасадор Грег Делави смета дека сите проблеми можат да бидат решени во парламентот“, вели Герџалију.

Претседателката Атифете Јахјага минатата недела организираше дебата на претставниците на власта и опозицијата. Но, безуспешно. „Се гледаме на 17 февруари“, порача опозицискиот лидер Рамуш Харадинај.

Од тоа се плашат сите во Приштина. Денеска, на осмата годишнина од прогласувањето на независноста, беа најавени најголемите демонстрации од крајот на војната во 1999 година. Набљудувачите сметаа дека е реално да се очекува дека ќе дојде до ново насилство.