Кој е кој во македонската политика
Предвремените парламентарни избори нема да понудат многу нови лица на македонската политичка сцена. Главната битка ќе ја водат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со своите коалиции. Изненадувања се можни во албанскиот политички блок.
Ѓорге Иванов- претседател на државата
Иванов е на средината на својот втор мандат. Некогаш почитуваниот професор на Правниот факултет во политиката често е предмет на остри критики, а и самиот е извор на бројни контроверзи. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.
Никола Груевски - ВМРО-ДПМНЕ
Беше избран за премиер во 2006 година како млад технократ кој најавуваше „Преродба“ на државата. Кормилото на ВМРО-ДПМНЕ го презеде во 2003. Боксер во детството, брокер во младоста, во меѓувреме стана политичар со најдолг премиерски стаж. Во јануари 2016 ја напушти функцијата жестоко притиснат по скандалот со прислушкувањето. Изборите во декември ќе ја одредат неговата, не само, политичка судбина.
Зоран Заев - СДСМ
Скандалот со прислушувањето го издигна Заев во водач на фронтот против власта. Долги години мина во сенка на Бранко Црвенковски во СДСМ, кој го аболираше за „случајот Глобал“, а Заев му се одолжи со времено „греење“ на партиската фотелја. Од 2005 е градоначалник на Струмица, а во мај 2013 беше избран за претседател на СДСМ. Неговата амбиција е градоначалничката функција да ја замени со премиерска.
Али Ахмети- ДУИ
Ахмети во 2002 година ја замени воената униформа на ОНА со интегративниот „костум“ во ДУИ. Со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година, неговата партија е постојан придружник во сите македонски влади. Ниту скандалот со прислушкувањето не го убеди да ја раскине коалицијата со Груевски. Гласањето за некои клучни закони во Собранието укажува дека Ахмети му останува верен на Груевски и натаму.
Мендух Тачи - ДПА
Иако формално, тој и неговата партија се во опозиција од 2008 година, прислушуваните разговори и начинот на делување на ДПА укажуваат дека Тачи е во постојан дослух со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Долги години во сенка на Арбен Џафери, по неговата смрт во 2012 целосно ја презеде партијата. Од медиумите и опозициските политичари во земјата ја доби титулата „војвода“ поради наводната блискост со ВМРО-ДПМНЕ.
Здравко Савески- Левица
Докторот на политички науки веќе со години е активен во политиката, не само како член на Президиумот на Левица, туку и како синдикалец и активист за човекови и социјални права. Во политичкото „СиВи“ запишано му е и едно апсење и повеќемесечен домашен притвор под обвинение за учество во толпа. Неговата Левица најави самостоен настап на изборите, со отворена можност таквата одлука да се преиспита.
Андреј Жерновски- ЛДП
Иако формално ја напушти лидерската позицијата во Либерал-демократската партија за да им се посвети на општинските задачи, се очекува градоначалникот на скопската општина Центар високо да котира на опозициските листи на парламентарните избори. Со победата во Центар, на изборите кои беа повеќе пати повторувани, доби шанса да стане симбол на движењето против власта.
Африм Гаши- Беса
Гаши е висок функционер и еден од иницијаторите за формирањето на Беса- партија која претендира да го урне „дуополот“ на ДУИ и ДПА кај албанската етничка заедница. Партискиот лидер Билал Касими веќе најави дека целта на партијата е да стане водечка кај Албанците, но и да иницира промена на Уставот за редефинирање на државата. Тој ги отфрла шпекулациите дека Беса се финансира од Турција.
Љубчо Георгиевски - ВМРО-НП
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена е активен единствено во пресрет на избори. Неговата ВМРО-Народна партија долго соработуваше со опозицијата и беше критична кон власта, но во пресрет на вонредните парламентарни избори одново ја актуелизираше можноста за соработка со некогашните сопартијци од ДПМНЕ. Малкумина ќе бидат изненадени доколку тоа се случи.
Ивон Величковски - Либерална партија
Претседателот на Либералната партија се обидува да игра меѓу „два огна“ позиционирајќи ја својата партија како алтернатива и на власта и на опозицијата. Остар критичар на власта, но и на пазарењата меѓу четирите водечки партии. Бараше опозициски договор за изолација на ВМРО-ДПМНЕ по изборите, но наиде на молк. Прашање е дали самостојниот настап на изборите на ЛП ќе и донесе пратеничко место?
Зијадин Села - Движење за реформи во ДПА
Специјалистот по интерна медицина го предводи Движењето за реформи во ДПА откако се одвои од матичната Демократска партија на Албанците и расчисти со некогашниот партиски соработник Мендух Тачи. Анкетите не и даваат големи шанси на неговата партија на изборите, но Села и натаму ќе може да управува со Струга како градоначалник.
Љубе Бошкоски- Обединети за Македонија
По излегувањето од затвор, Бошкоски не е многу активен на политичката сцена. Првите месеци ги мина во изолација, а сега најавува учество на неговата Обединети за Македонија на предвремените избори. Прашањето е само... со кого? Засега се најавува соработка со ВМРО-НП на Георгиевски, но никој со сигурност не ја исклучува можноста дека двајцата би можеле да се вратат во прегратките на Груевски.