Конзервативец стана претседател на Грција
19 февруари 2015Номинацијата на Павлопулос беше изненадување. До последен момент како убедлив фаворит беше сметан еврокомесарот Димитрис Аврамопулос, исто така конзервативец. Но, нагласениот поборник за либерална економија и потпретседател на конзервативната партија „Нова демократија“ очигледно не беше прифатлив за левичарското избирачко тело. Номинацијата на Павлопулос предизвика мал шок, известува весникот „Та неа“ од Атина. „Од претседателските избори во 1995 година во Грција стана демократска традиција партијата што е на власт за претседател на државата да предложи кандидат од редовите на опозицијата. Радува што и премиерот Ципрас ја продолжи таа традиција“, изјави политичкиот аналитичар Јанис Претендерис за телевизијата Мега.
Павлопулос го сметаат за близок човек од доверба на поранешниот премиер Костас Караманлис, кому му служеше како министер за внатрешни работи. Тоа пријателство беше толку блиско, што Павлопулос секогаш тврдеше дека би ја напуштил политиката ако Караманлис се повлече. Но, сепак не остана доследен: иако Караманлис ги загуби изборите во 2009 година и оттогаш не е во предните редови на политиката, Павлопулос остана во парламентот до изборите во јануари годинава. Павлопулос, правник со докторат од Франција,беше министер за внатрешни работи кога Грција на крајот од 2008 година ја зафати дотогаш невиден бран на насилство откако од полициски куршум во атинската населба Егзархија загина 15-годишниот Алексис Григоропулос. Тогаш на Павлопулос му беше префрлано дека не интервенирал доволно енергично против предизвикувачите на безредија. Тој самиот вели дека спроведувал тактика на деескалација, која се покажала успешна и спречила натамошни човечки жртви.
Столб на системот на клиентелизам?
Премиерот Ципрас му припиша на Павлопулос дека има „демократски инстинкт“ и „широка согласност во општеството и парламентот“.Таа согласнот била скапо платена, оти се чини дека тој играл битна улога во „пумпањето“ на грчкиот државен апарат: според едн извештај на „Та неа“ од јули 2013 година, за време додека Павлопулос бил министер е одговорен за вкупно 865 132 нови вработувања во јавните служби. По правило станувало збор за договори за дело или договори со ограничен рок, кои постојано биле продолжувани и грчката држава била соочена со повеќе тужби за претворање на договорниот во редовен работен однос. „Трошоците за тие вработувања до денес ги отежнуваат преговорите меѓу Грција и Тројката од ЕУ, ММФ и ЕЦБ“, извести телевизијата Скај од Атина.
Така останува да се сочека за да се види дали Павлопулос е вистинска симболична фигура за борбата против ислужените партиски и клиентелистички интереси, како што повеќепати се закани премиерот Ципрас. Професорот по управно право барем се обиде во 2005 година да го спречи, според неговото гледање, премногу тесното, нечесно испреплетување меѓу големите претприемачи и медиумите во Грција. Но, и тука тој не беше успешен: предлог-законот што тој го поднесе во парламентот и со кој требаше да биде пропишана горна граница за акционерски удел во медиумските претпријатија, Комисијата на ЕУ го прогласи за несврзлив со европското право. Тој до последен момент опстојуваше врз ставот дека грчкото уставно право има предност пред правото на ЕУ, но во Брисел очигледно со тоа гледиште не наиде на поголемо разбирање.
Дистанца спрема омразената Тројка
На допаѓање кај грчката левичарска партија веројатно ќе наиде фактот дека новиот претседател на државата во минатото постојано се дистанцираше во однос на наметнатото штедење од тековната финансиска програма за спасување на Грција. Кон крајот на 2014 година тој ја критикуваше Тројката на донаторите оти наводно таа интервенирала кај тогашниот конзервативен премиер Самарас и анулирала еден според закон за олеснување на долговите на приватни доверители. Освен тоа, Павлопулос го оцени како противуставен тогаш новововедениот данок за недвижности.
Самарас не беше злопамтило: веднаш по номинацијата на својот партиски колега за највисоката функција во државата јасно стави на знаење дека конзервативците при гласањето во парламентот „само по себе разбирливо“ ќе гласаат за Павлопулос. Со тоа гласањето во парламентот за избор на претседателот беше само формална работа.