Нова европска Унија
27 јуни 2016Ангела Меркел и Хорст Зехофер повторно се смирени. Разлики меѓу канцеларката и баварскиот премиер? Неупатените никогаш не би дошле на идеја дека меѓу двајцата понекогаш јазот е огромен. Човечки, но и политички. Најдобар пример за тоа е со многу мака кашираниот долготраен спор околу бегалците. По брегзит, меѓутоа, претседателката на Христијано-демократската унија (ЦДУ) и нејзиниот колега од баварската сестринска Христијанско-социјална унија (ЦСУ) ги збија редовите. Просторно и реторички. Наместо во Берлин или Минхен, тие за време на викендот се сретнаа на до некаде неутралeн терен - во Потсдам.
Вџашеност од излегувањето на Велика Британија од ЕУ може да се прочита на лицата на двајцата. Сериозноста делува автентично. Ниту трага од надменост, каква што Зехофер вообичаено покажува во однос на Меркел. А, и германската канцеларка си ја голтна фината иронија со која им парира на неговите напади. Зехофер овојпат за такво нешто не дава ниту повод. Двајцата се чини ја сфатиле сериозноста на ситуацијата. Доброволното збогување на Обединетото Кралство од ЕУ-семејството може да биде балсам за ранетиот семеен мир меѓу партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ).
„База на вредности“ и „пријателство“ со нов призвук
Меркел изјави дека со Зехофер водела „многу сериозни“ разговори. И Зехофер е „многу задоволен“ со текот на средбата, која официјално била работна. Дали партиите кои се нарекуваат христијански и нивниот раководен двоец во заминување навистина се освестиле, ќе мора да докажат веднаш. Нова кавга би била дотурање вода на воденицата на сите кои се уморни од ЕУ, па дури и на непријателските сили во Германија и Европа. Ако Меркел и Зехофер и натаму „си тегнат коси“ во услови на, од страна на популистите, подгреана атмосфера, ќе се огрешат од, и покрај брегзит, извонредната идеја за обединета Европа.
Нивните првични реакции на одлуката на Британците оставаат простор за надеж. „Базата на редности“ останува, нагласи Меркел, а останува и „пријателството“. Зборови кои пред драматичниот референдум звучеа рутинирано и полни со свесност за обврската. Меѓутоа, сега во нив провејува нова сериозност, па никој не би требало прерано да ги означи како „флоскули“. Европа, вели Зехофер, сега дури има „голема шанса“ за отворање нова епоха. Тоа што Меркел притоа, како што вели Зехофер има „неспорно лидерска позиција“, е апсолутно исправно. Но, и тој има влијание врз она како германската канцеларка ќе го дава тактот во концертот од во иднина 27-те земји членки на ЕУ.
Национална и меѓународна одговорност
Канцеларка која и по брегзит би била попречувана од барабаните на коалициониот партнер ЦСУ, во Европа би имала позиција на губитник. Зашто, оној кој дома не може да се погрижи за ред и дисциплина, не може да има ниту следбеници надвор од Германија.
Одговорноста на Меркел и Зехофер никогаш не била поголема отколку сега - како во национални рамки, така и во меѓународни. Каква иднина ќе има ЕУ, зависи многу од заедничката волја на нејзините членки. Притоа, Германија како политички и економски највлијателен партнер, игра одлучувачка улога. Неизбежен предуслов за тоа, пак, е една европски убедителна Унија (притоа се мисли на партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ, н.з.)