1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој се „офајди“ од спасувачките фондови?

Бернд Ригерт12 мај 2013

Вкупно 532 милијарди евра помош добија пет европски земји кои беа најпогодени од финансиската криза: Кипар, Грција, Шпанија, Португалија и Ирска. Кој ги дава овие пари, и како тие се распоредени меѓу корисниците?

https://p.dw.com/p/18VKH
Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online/Ohde

Пет земји од еврозоната ќе добијат кредити кои ги финансираат останатите 12 членки на монетарната унија. Освен тоа, на располагање им стојат и кредити за итни случаи од ММФ како и билатерални кредити од државите кои се наоѓаат во позитива наменети за оние земји кои се во минус. Кој всушност колку добива за спасување на своите банки и за покривање на државните трошоци?

Кипар: 23 милијарди евра

Првите три од вкупно девет милијарди евра од Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ) во Никозија пристигнуваат уште овој месец. ЕСМ е постојан фонд за спасување на еврото врз кој е и најголемиот товар од мерките за спасување. Кипар добива уште една милијарда евра од ММФ во кој средства уплатуваат и земјите од ЕУ. Уште шест до 10 милијарди евра Кипар ќе собере преку експропријацијата на штедачите кои имаат повеќе од 100 илјади евра во некои банки. Русија на Кипар му ги намали каматите за кредитите. Севкупно, на Кипар му се потребни 23 милијарди евра. ЕСМ досега вети помош за следните три години.

Грција: најмалку 350 милијарди евра

ЕУ, поединечни држави и ММФ и ветија на Грција 240 милијарди евра. Далеку најголем дел од помошта ќе стигне преку ЕФСФ, привремениот претходник на фондот ЕСМ. Од ветените 142 милијарди ЕФСФ досега исплати 116 милијарди, а планирани се уште 28 милијарди евра. Од поединечните држави, Грција доби билатерални кредити во вкупен износ од 53 милијарди евра. ММФ досега и исплати уште 20 милијарди. Од давателите на кредити од приватниот сектор, Грција собра 107 милијарди евра, со што се доаѓа до конечната сума од 350 милијарди. Сегашната програма за спасување е финансиран до крајот на 2014 година. Дури во 2020. година Грција ќе успее да ги намали долговите до ниво кое ќе биде доволно ниско за да може самата да ги отплаќа.

Zypern Schuldenkrise Proteste Zwangsabgabe Rettungsdeal
Протести во Кипар против мерките за штедењеФотографија: Reuters

Ирска: 85 милијарди евра

Кон крајот на 2013. на Ирска и истекува програмата за помош. Тогаш земјата повторно ќе може да добива кредити на финансиските пазари. Од 85 милијарди евра, колку што беа потребни за да се исчисти банкарскиот сектор на поранешниот „келтски тигар“, Ирска самата обезбеди 17,5 милијарди евра преку државниот имот и пензиските фондови. Останатите 67,5 милијарди дојдоа од фондови. Од ЕУ- 22,5 милијарди, од ЕФСФ- 12,8 милијарди, од ММФ- 20 милијарди и кредит од Велика Британија во износ од 3,8 милијарди евра. Ирска не ги презеде сите средства кои и стојат на располагање, и кај ЕФСФ се уште има готовина во износ од 5 милијарди евра.

Португалија: 78 милијарди евра

Со оглед на бројот на населението, на Португалија му беше потребна најмала помош од меѓународната заедница. Кога одобрените 78 милијарди евра ќе се распоредат по глава на жител, тоа изнесува околу 7 илјади евра по лице. Колку за споредба, во Грција се работи за околу 30 илјади евра по глава на жител. Португалија досега искористи нешто повеќе од 60 милијарди евра од програмата за спасување која е рамномерно распоредена меѓу фондот ЕФСФ, ЕУ и ММФ, со по 26 милијарди евра.

Шпанија: специфичен случај со банките

За докапитализација на банките, Шпанија побара вкупно 100 милијарди евра од ЕСМ. Парите одат директно кај банките, а не во државниот буџет, па затоа Шпанија не мора да спроведува така остри мерки за штедење како другите ткн. „програмски земји“ како Ирска, Грција, Португалија и Кипар. Од одобрените 100 милијарди, Шпанија досега презеде околу 41 милијарди. Доколку банките не можат да ги вратат позајмените средства, шпанската влада, како гарант е должна да им ги врати на доверителите, односно на останатите 16 земји-членки на еврозоната.

Brüssel Christine Lagarde Eurozone Euro-Zone Treffen 26.11.2012
Шефицата на ММФ, Кристин ЛагардФотографија: Getty Images

Фондот за спасување се уште не е испразнет

Државите кои примаат помош од фондот за спасување повеќе не уплаќаат во него. Тоа значи дека колку повеќе држави побараат помош, повеќе пари во него ќе треба да уплаќаат другите членки на еврозоната. Германија е гарант на 27 отсто од кредитите, Франција- 20 отсто и Италија-18 проценти. Досега од двата фонда ЕФСФ и ЕСМ исплатени се вкупно 205 милијарди евра. Шефот на спасувачкиот фонд во Луксембург, Клаус Реглинг во април изјави дека во ЕСМ, дури и по исплатата на помошта за Кипар остануваат уште околу 90 проценти од предвидените средства од 500 милијарди евра. ЕСМ и самиот зема кредити врз основа на гаранциите на државите членки, а потоа истите пари, под поволни услови им ги дава на земјите во криза. На пример, кредитите на ЕСМ на Грција и се дадени со рок за исплата од 30 години. Дали овие пари некогаш ќе бидат вратени, останува отворено прашање.