Повици за бојкот на наставата или манипулација?
28 април 2021Не стивнуваат превирањата околу реформите во образованието кои се најавуваат за почетокот на новата учебна година во С. Македонија. Несогласувањата со идејата да се воведат дигитални учебници, коишто треба да ги заменат печатените, ескалираа со делумен бојкот во училиштата. Учениците и родителите деновиве се пожалија дека добиваат пораки во кои се повикуваат да ја бојкотираат наставата во основните и средните училишта. Такви пораки и понатаму циркулираат на социјалните мрежи, а од нив се оградија од Сојузот на средношколци, кои ваквите повици за бојкот ги оценија како манипулација која што може да им нанесе само штета. Во меѓувреме, група родители пред Министерството за образование и наука почнаа да собираат потписи против законот за учебници, а најавија и бојкот на наставата со цел да изразат револт против најавената дигитализација на учебниците. Станува збор за неформална група граѓани кои бараат да се организира јавна расправа за предложениот закон.
-повеќе на темата: МОН го демантира Милошоски - законот за учебници останува во Собрание
Од Министерството за образование (МОН) апелираат до учениците и родителите да продолжат со настава. „Бојкотот на наставата значи отпор кон промените што се креирани согласно времето и ерата на ИТ-технологијата во која младите живеат. Од интерес е за сите сегашни и идни генерации на ученици, македонскиот национален образовен систем да се развива, да напредува и фати чекор со трендовите и процесите во современиот образовен свет, меѓу кои е и дигитализацијата на материјалите за учење, што кај нас како промена ќе се случува етапно и во овој момент воопшто не ги засегнува средношколците“, велат од МОН.
Тие упатија апел до граѓаните да ги следат само официјалните информации и одговори на прашања и дилеми во врска со Законот за учебници. „Сите други извори не се релевантни, а многу често и информациите што се пласираат, особено по социјалните медиуми, имаат манипулативен карактер и цел да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства“, велат од МОН.
-повеќе на темата: Реформа на наш начин: Од вревата не се слушаат аргументите
Од Сојузот на средношколци велат дека не само што не стојат зад повиците за бојкот, туку и не го поддржуваат, бидејќи не наоѓа каква било оправданост за него.
„Тоа се лажни вести со кои одредени групи манипулираат со јавноста. Сојузот никогаш не организирал ниту, пак, повикал на бојкот поради дигитализацијата на учебниците. Нема потреба од такви појави. Дигитализацијата на учебниците се однесува само на четврто одделение, кои ќе бидат дигитални од септември, а многу години ќе поминат додека отпочне процесот на дигитализирањето на наставните материјали во средното образование“, е ставот на Сојузот на средношколци.
Дигиталните учебници треба да почнат да се употребуваат од учебната 2021/2022 година, најпрво во наставата за четврто одделение, а потоа етапно, во наредните пет години, и во сите погорни одделенија. Учениците до трето одделение ќе продолжат да учат од печатени учебници.