Патот-убиец на магистралата „Струма“
23 ноември 2021Допрва ќе се расветлуваат причините за ужасната катастрофа на автопатот „Струма", која однесе најмалку 45 човечки животи, меѓу кои 12 деца. Според експертите, ќе бидат потребни најмалку 6 месеци за властите да утврдат дали трагедијата е предизвикана од човечка грешка или техничка неисправност. Не можеме да го игнорираме фактот дека на овој пат имаше и други несреќи.
Генерално, квалитетот на патиштата во Бугарија останува низок, а земјата е на второ место по бројот на жртви во несреќи во ЕУ – според податоците за 2019 година. Во 2020 година кога, поради Ковид-19, транспортот значително се намали, земјата падна на третото место на оваа мрачна ранг-листа, зад Романија и Латвија.
Добро е што надлежните веќе најавија дека експерти ќе го проверуваат квалитетот на патот. Патот-убиец одигра фатална улога во случајот со автобуската несреќа кај Своге во 2018 година, во која загинаа 20 лица. Првата реакција на надлежните тогаш беше да го посочат возачот на возилото како единствен виновник. Рано е да се извлекуваат заклучоци, но кога зборуваме за патиштата во Бугарија речиси секогаш доаѓаме до корупциски криминали при доделувањето на јавните договори.
Катастрофата може и треба да стане повод Бугарите и Македонците да се солидаризираат, да демонстрираат емпатија. Овој сериозен инцидент би можел уште повеќе да не подели, да разгори меѓусебни обвинувања, а можеби и спротивното - да не обедини. Оваа трагедијата со немилосрдна и студена јаснотија ни покажува дека смртта не ја интересира националната припадност, ниту споровите за јазикот и минатото. Добро е бугарските и македонските политичари да не го заборават тоа.