1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Која е Тереза Меј?

Самира Шакл / ЕМФ13 јули 2016

Тереза Меј е политичарка која им влева надеж дури и на оние кои не гласаат за конзервативците. Многумина веруваат дека таа може да ја води земјата во тешки времиња и да спаси што може да се спаси.

https://p.dw.com/p/1JO07
Фотографија: Reuters/N. Hall

Брзото назначување на Тереза Меј за лидер на британските конзервативци е одраз на пресвртот којшто се случува во Обединетото Кралство во изминатите неколку недели. Владејачката партија првично сакаше да си земе девет недели време за да се определи за нов лидер, а со тоа и премиер на земјата. Но, со изненадувачката оставка на Андреа Лидсом во понеделникот, внатрепартиската трка брзо заврши. Сега Меј има 48 часа за да состави нова влада.

„Притисокот врз Меј да им даде важни места во кабинетот на застапници на брегзит, ќе биде голем. Особено заради тоа што таа беше за останување во ЕУ“, оценува Алекс Форсајт, дописник за Би-Би-Си. Меј најави радикални социјални и економски реформи и со тоа ги подгреа шпекулациите за иднината на актуелните отслужени членови на владата.

„Со оглед на тоа што има малку време за тешките политички одлуки, новата премиерка ќе мора да балансира меѓу пресврт и континуитет. Притоа ќе мора да се обиде повторно да ги обедини конзервативците по пропаднатата кампања за ЕУ-референдумот“, смета Форсајт.

Тереза Меј (59 години) е министерка за внатрешни работи од 2010 година. Толку долго на таа функција досега бил ретко кој. Со години ѝ се припишуваат амбиции за некоја од лидерските позиции. Таа негува имиџ на решителна, коректна и во кризи искусна политичарка. Кога водачите на Брегзит-кампањата, Мајкл Гоув и Борис Џонсон, се истиснаа меѓусебно од трката за шефовска позиција во партијата, Меј рече дека таа е „сериозна и искусна“ кандидатка, која би можела да ја води Велика Британија низ немирни времиња.

Иако британските медиуми со наклонетост известуваат за шарените потпетици на нејзините чевли, Меј веќе 17 години е дел од малиот одбран круг жени во раководството на конзервативците. Како министерка за внатрешни работи таа си направи име со својата остра политика против доселувањето. Во 2015 година предизвика иритации со изјавата дека „имиграцијата го спречува процесот на градење заедништво во општеството“.

Дел од нејзината политика на застрашување беше и забраната за британските државјани кои заработуваат помалку од 18.600 фунти годишно да ги доведат во земјата и своите странски брачни партнери или деца. Притоа, примањата на брачните партнери кои не се Британци не се земаат предвид. Семејствата кои останаа поделени поради ваквото правило поднесоа тужба пред Уставниот суд.

„Политиката на Терезе Меј активно и директно го влоши животот на мигрантите во оваа земја“, вели Луси Вокер, која се грижи за бегалци во Лондон. „Со оглед на генерално растечкото непријателство кон странци, загрижена сум многу околу идната политика на премиерката.“

London Premier David Cameron verlässt Downing Street
По поразот на кампањата за останување во ЕУ, Дејвид Камерон си заминува од Даунинг стритФотографија: picture-alliance/PA Wire/P. Toscano

Друга контроверзна политичка мерка е од страна на Меј предложениот „душкало“-статут. Тој предвидува обврска за интернет-провајдерите и понудувачите на мобилна телефонија да ги меморираат интернет-страниците кои ги отворил секој корисник.

Иако либералните коментатори се единствени во ставот дека ваквите мерки имаат авторитарен карактер, Меј со својата политика е во хармонија со конзервативниот мејнстрим. „Многу од ставовите на Меј како министерка за внатрешни работи ѝ создадоа веродостојност кај десното партиско кило“, нагладува Метс Кол, доцент за историја на Универзитетот Бирмингем. „Дел од тоа се и ставот за протерувањето и за имиграцијата, нејзиниот стремеж за напуштање на Европската конвенција за човекови права и нејзината волја за јакнење на единството на федерацијата.“

Меѓутоа, Меј истовремено важи за прагматична, политичарка која во текот на својата кариера постојано има различни ставови. Во 2002 година таа во еден свој говор ги предупреди конзервативците дека важат за „грда партија“ и побара реформи. Застана зад истополови партнерства и неодамна предупреди од опасноста од т.н. „Racial Profiling“, при што властите ги делат лицата според етничката припадност.

На референдумот Меј гласаше за останување во ЕУ, но сепак потенцира: „Брегзит е брегзит“. Нема да има втор референдум. Меј вети и дека излегувањето од ЕУ ќе го „претвори во успех“. Освен тоа, таа најави радикални реформи за поттик на социјалната мобилност и поддршка на најзапоставените во општеството.

Смиреноста со која зрачи и нејзиното политичко искуство им даваат надеж на многумина дека таа ќе ја води земјата со цврста рака низ претстојните тешки времиња. „Јас не сум симпатизер на конзервативците, но ме смирува тоа што во ова хаотично време кормилото го презема некој со големо политичко искуство“, вели адвиокатот Мет Пемброук од Манчестер. „Не би сакал уште поголем немир во форма на некакво гласање. Сакам само да биде спасено нешто од работите во оваа катастрофа во која се наоѓаме.“