Крај на поштедата за властите во Киев
7 декември 2015На украинскиот претседател Петро Порошенко му беше потребна повеќе од еднаипол година за барем да го направи првиот чекор во реализацијата на своето најважно предизборно ветување: на 1. декември беше назначен шеф на обвинителството задолжено за борба против корупцијата и тоа конечно ќе може да почне да работи.
Предоцна, сметаат во САД, каде го губат трпението во однос на владата во Киев. Дотолку повеќе бидејќи токму државниот обвинител Виктор Шокин - значи, човек близок на претседателот Порошенко - го одолговлекуваше решението. Американскиот амбасадор во Киев Џефри Пјат уште во септември дипломатски формулирано побара де факто смена на Шокин.
Шефот да си оди, обвинителството да се реформира
Но, Порошенко и натаму го поддржува Шокин, на кого му се префрлува дека е шеф на многу корумпиран орган на власта, кој ја одолговлекува за многумина Украинци емоционално толку важната обработката на револуцијата од Мајдан, во која пред 2 години загинаа околу 100 лица.
„Целото државно обвинителство мора итно да биде реформирано. Украина има долга историја на коруција“, се вели во Вашингтон. Колку многу е опаднат угледот на украинското раководство покажува и програмата на посетата на потпретседателот на САД Џо Бајден: таму прво стои средба со претставници на проевропското граѓанско општество, а дури потоа со украинскиот претседател Порошенко.
„Неодамна усвоените реформи против корупцијата мора да бидат спроведени“ е пораката што ја донесе Бајден од Вашингтон. Шокин мора да си оди од функцијата, како прв политички знак во однос на западните кредитори на Украина.
Испреплетени интереси на сите нивоа
Прашање е дали бараната реформа на правосудството навистина ќе биде брзо спроведена. Зад кулисите неодамна еден јапонски дипломат побара да бидат отпуштени од работа сите судии во Украина, оти во минатото било упадливо нивното постапување во интерес на олигарсите. Потоа, според предлогот од Токио, треба да се спроведе кампања за избор на нови судии „со интегритет“. Тоа веќе се случи со новата сообраќајна полиција, на која Јапонија и’ подари околу 1300 модерни хибридни автомобили. Тие патролираат низ главниот град Киев како надворешни знаци на промени, иако сега се покажа дека се како кулиси зад кои и натаму постојат многу испреплетени структури.
Истото се однесува и на владиниот апарат. Упадливо е колку е испреплетено директното опкружување на премиерот Арсениј Јацењук. Микола Мартиненко, човек од доверба на Јацењук, и натаму е претседател на парламентарната комисија за енергетика, иако во Швајцарија од пред најмалку половина година се води истрага против него. Тој е осомничен за примање мито во милионски износ на сметки во Швајцарија. Има место за сомневање дали украинското државно обвинителство на задоволителен начин им помогнало на Швајцарците во истрагата.
Конфликтот со Русија како изговор?
Осомничените реагираат рамнодушно на аферата; во други европски земји таа би предизвикала страв од последиците. Мартиненко зборува за заговор против него со руска заднина и навести дека ќе го врати мандатот. Но, досега тоа изостана.
Конфликтот со Русија воопшто многумина во Киев го користат како изговор за пасивност. Наместо Украина да биде модернизирана според волјата на револуционерите од Мајдан и политички да биде приближена кон ЕУ, испадна дека војната во источниот дел на земјата дури дејствува стабилизирачки за стариот систем од олигархија, непотизам и корупција. Тоа би значело дека рускиот претседател Владимир Путин ја постигнал целта и го запрел приближувањето на Украина кон Западот.
Критички настроен блогер и натаму в затвор
Од февруари во западниот дел на Украина во истражен затвор се наоѓа критички настроениот блогер Руслан Козаба. „Гревот“ на овој поранешен активист на украинскиот Хелсиншки комитет е што се изјасни против војната во источна Украина. Во еден видео-блог тој ги повика сонародниците да им се спротивстават на повиците за мобилизација од страна на армијата, оти раководството во Киев до ден-денес нема воведено воена состојба. „За мене е подобро да поминам две години в затвор, отколку да одам во граѓанската војна“, вели Козаба. Во видеото од крајот на јануари тој негира одговорност на Москва за убивањата во Донбас; 21 ден подоцна беше уапсен поради предавство на државата. На други места тоа се вика слобода на мислењето, велат поборници за човекови права во Киев. Постапката потсетува на однесувањето на руското правосудство.
Блогерот изгледа бил оцрнет кај моќната тајна служба СБУ од страна на некој украински доброволец, а службата потоа интервенирала. СБУ има 31 000 соработници и понекогаш се чини според влијанието дека е трет елемент на украинскиот правосуден систем, а традиционално се смета за упориште на интересите на олигарсите. Во Украина, покрај корупцијата, долга историја има и поврзаноста на олигарсите со политичкиот систем, вели врвен функционер во Вашингтон. Но, таму веќе не сакаат да бидат само неми набљудувачи: очигледно му дојде крајот на поштедувањето на украинската влада.