1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Терористите не се волци-самотници

Сандра Петерсман
20 март 2019

Терористичкиот напад во Крајстчрч, според досегашните сознанија на истрагата, е дело на еден извршител. Но, тој да се нарече „волк-самотник“ е чисто залажување, со оглед на плодното тло на десничарскиот екстремизам.

https://p.dw.com/p/3FIap
Neuseeland Terroranschlag auf Moscheen in Christchurch | Polizeipräsenz
Фотографија: Reuters/E. Su

Како прототип на волк-самотник важи норвешкиот терорист Андрес Брејвик, кој на 22 јули 2011 година уби 77 луѓе. „Европа сѐ повеќе се навикнува на напади на терористи, но делото на Брејвик од него направи најсмртоносен од сите т.н. волци-самотници („deadliest lone wolf attacker") во историјата на континентот“, напиша американскиот магазин  Њусвик во април 2016 година за Брејвик.

„Ниедна група не ми нареди убивање“

Истрагата за атентатот во Крајстчрч уште е на почеток. Уште не е јасно дали осомничениот терорист Брентон Терант сам го напишал манифестот на 74 страници, кратко пред нападот објавен на социјалните мрежи и преку меил испратен до канцеларијата на премиерката на Нов Зеланд, Џакинда Ардерн. Во него пишува: „Не сум директен член на ниедна организација или група, иако донирав средства за повеќе националистички групи и со уште повеќе бев во контакт...Ниедна група не ми нареди да дејствувам, одлуката ја донесов сам“.

Составувачот на манифестот нагласува: „Вкупниот број луѓе во тие организации брои милиони, а вкупниот број групи-илјадници“. Така, оној кој свесно се стилизира како поединец извршител, себе си се гледа за дел од големо движење. Волк -самотник?

Луѓето бараат сигурност во црни моменти. Кога еден терорист по злосторство несфатливо за човечкиот разум ќе го означиме за волк-самотник, значи животно кое го напуштило чопорот за да изврши сурова егзекуција, тоа ни обезбедува сигурна дистанца.

Одговорноста на идеолошката заднина

„Замислата дека терористите оперираат сами ни дозволува апстрахирање на врската меѓу насилниот чин и идеолошката заднина“, напиша новинарот Џејсон Бурке за британскиот весник Гардијан во 2017 година. Бурке е автор на бројни книги за тероризмот на припадниците на Исламска држава и Ал Каеда. Теоријата за волци-самотници ја јакне посакуваната човечка перцепција „дека одговорноста за насилен екстртемизам на поединци ја сноси исклучиво поединецот“.

Повеќе:

Теророт не прави разлика

Напади во Нов Зеланд: Проговори херојот од Крајстчрч

Српскиот цар Лазар и крстоносци го „инспирирале“ терористот од Крајстчрч

Терористите на модерното доба не сакаат во секој случај да припаѓаат на една терористичка група со јасен наслов како Ал Каеда или ИД или т.н. НСУ (Националсоцијалистичко подземје). Сепак, нивната радикализација се случува во општествената клима во која живеат. Интернет и социјалните мрежи им овозможуваат на денешните терористи досега невидено вмрежување и ширење, дури и пренос во живо на нивниот чин на Фејсбук.

Терористите се производ на своето време. Во претходните години се етаблираше општествен тренд, како на пример пораст на нетолеранцијата, распламтен од попитиката со растечки знаци на популизам. Токму тој копнеж по едноставни одговори поларизира. Неистомислениците се странци и непријатели. Етаблирањето на екстремизмот во општеството се зајакнува со дигитализацијата на човечкиот живот.

Општествената компонента на тероризмот

Реалните врски се заменуваат со виртуелни. Но, и виртуелните контакти имаат реални последици. Давид Сонболи, кој на 22 јули 2016 година во трговски центар во Минхен уби девет луѓе, интензивно се движел во виртуелниот свет на мрежата на ксенофоби. Сонболи свесно за датум на нападот ја избрал петгодишнината од терористичкиот напад на Андерс Брејвик. Во виртуелниот свет доби пофалби од истомислениците. Дури и џихадистичките атентатори, кои во Европа извршија напади како поединци-можни членови на ИД, пред атентатите имале непосредни контакти со членови на ИД во Сирија и Ирак. Како на пример Анис Амри, атентаторот од Берлин.

Norwegen Anders Behring Breivik im Gericht
Андерс Брејвик се смета за волк-самотникФотографија: picture-alliance/dpa/I. Aserud

„Тероризмот не е нешто што човек го прави сам, туку е општествена работа“, напиша Бурке. „Луѓето се интересираат за идеи, идеолигии и активности, па дури и ужасни, затоа што другите луѓе се интересираат за нив“. Значи, станува збор за тоа да се стане популарен со имитација на други.

Ако Австралиецот Терант е автор на манифестот од 74 страници, тогаш тој изричито се повикува на Андерс Брејвик и на Американецот Дилан Руф, кој во црква во Чарлстон уби девет Афроамериканци.

Брејвик во судницата поздрави со нацистички поздрав. Терант пак со палецот и показалецот направи круг, а ги испружи останатите три прста- што е знак меѓу белите десничарски екстремисти.

Докажани се контактите на Брејвик и Тернат со други десничарски екстремисти, како во земјата, така и во странство. На неговиот во меѓувреме избришан профил на Фејсбук, Терант ги споделувал десничарските идеи и написи за десничарски екстремизам, меѓу кои и најмалку еден текст на ДВ за десничарски екстремизам меѓу војниците на Бундесверот, кои очигедно за него се браќа според дух.

Брејвик и Терант себе си се гледаат како модерни крстоносци во борба за зачувување на чистата, и веројатно загрозена бела, европска раса. Тие двајцата во муслиманите гледаат наводни „освојувачи“ кои стремат кон инвазија во светот.

Идеологија на крв и земја

Овде идеолошки се вкрстуваат десничарскиот тероризам и општествениот мејнстрим на западниот свет. Исламофобијата, расизмот и белиот национализам се веќе одамна во парламентите на западните демократии, САД, Австралија, Европа.

Австралискиот сенатор од сојузната држава Квинсленд, Фрејзер Енинг, кој го мрази исламот, веднаш по нападот во Крајстчрч, напиша официјално соопштение: „Да бидеме јасни, иако денеска мусиманите беа жртви, тие сепак најчесто се извршители. Муслиманите ширум светот убиваат во индустриски размери во име на својата религија".

Christchurch Terroranschlag Anhörung Täter
Осомничениот терорист од Крајстчрч во судФотографија: picture-alliance/dpa/M. Mitchell

Десничарскиот популизам и десничарскиот екстремизам во иста мера се служат со идеологијата на крв и земја кога го дефинираат поимот на нација. Како и Брентон Терант, така и шефот на десничарската партија Алтернатива за Германија, Александар Гауланд, шират тези за наводни „размени на население“  во корист на муслиманите. Партијата АфД се раководи од политика на оградување поради наводна „промена на структурата на населението“ преку муслимански бегалци и миграти. „Нас не нѐ интересира да бидеме човештво, ние сакаме да останеме Германци“, изјави Гауланд во септември 2018 во Франкфурт.

Терористите не оперираат во изолација

Австралиецот Брентон Терант, осомничениот атентатор од Нов Зеланд, еднакво малку се радикализирал во општествениот вакуум како и германскиот конвертит Кристијан Лапе, кој го даде својот живот за ИД во Сирија. Или Уве Бенхарт, Уве Мундлос и Беате Чепе, кои убиваа во име на НСУ во Германија.

Во таа смисла, поучна литература е студијата за 119 терористи („волци-самотници“), објавена во февруари од Меѓународниот центар за терористички студии на Државниот универзитет Пенсилванија. Според студијата, големо мнозинство на терористите-поединци, чие однесување е истражувано во неа, „редовно се движело во препознатлив и видлив спектар кој вклучува однесување и активности на поширока интересна група, општествено движење или терористичка рганизација“.

Студијата доаѓа до драматичен заклучок. Кај околу две третини од испитуваните случаи, членови на семејството, пријатели или познаници знаеле за одредена екстремистичка идеологија следена од извршителите. Во 64 случаи, семејството и пријателите знаеле за намерата на поединец да учествува во некој терористички акт, зашто тоа и усно им го кажал.

Во таа смисла, комфорната теорија за волци-самотници не допира далеку. Терористите се дел од општеството. Оттаму, задача на целото општество е- да ги запре.