Крвав напад врз машко училиште во Кабул
19 април 2022Во бомбашки напади врз училиште за момчиња во населба во Кабул која е мнозински населена со шиитски Хазари загинале најмалку шест лица, соопшти авганистанската полиција.
„Има жртви меѓу нашите шиитски браќа“, напиша на Твитер портпаролот на полицијата, Халид Задран. Тој потоа изјави дека уште 11 лица се повредени во нападите и оти станува збор за привремени бројки.
Три експлозии го потресоа училиштето Абдул Рахим Шахид во западната населба во градот, Дашт-е-Барчи, во моментот кога учениците излегувале од училниците во предпладневните часови, изјавил очевидец за новинската агенција Франс Прес.
Безбедносната состојба во Авганистан откако на власт дојдоа талибанците по повлекувањето на американските трупи по 20 години окупација значително се подобри, но сѐ уште има напади за кои одговорноста ја презема Исламска држава-Корасан (ИД-К), регионална гранка на Исламска држава.
Малцинските Хазари со векови се маргинализирани и прогонувани во мнозински сунитскиот Авганистан. Нивната населба во Кабул во последно време е цел на ИД-К, која ги смета за еретици.
Талибанците тврдат дека го сузбиле нивното делување, но аналитичарите оценуваат оти оваа екстремистичка група и натаму претставува голем предизвик за новата авганистанска власт.