Крвав напад врз полициска академија во Пакистан
25 октомври 2016Повеќе десетици полициски кадети загинаа кога група напаѓачи со појаси со експлозив влегоа во центарот за обука на полицајци во западната пакистанска провинција Белуџистан.
Во подрачјето на центарот за обука и болницата од утрината е засилено обезбедувањето, а полицијата и безбедносните сили го расчистуваат подрачјето и бараат евентуални скриени напаѓачи.
Претставник на безбедносните власти кој не сакаше да биде именуван, изјави дека во нападот доцна ноќеска загинаа 60 лица, а според болнички информации ранети се уште најмалку 120 луѓе, главно полициски кадети и неколку припадници на пакистанските паравоени сили.
Напаѓачите во текот на вооружената драма земале заложници, кои потоа биле ослободени по интервенцијата на безбдносните сили. Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава. Провинцискиот министер за внатрешни работи, Сарфараз Бугти, изјави дека двајца напаѓачи загинале кога ги активирале појасите со експлозив, а оти еден од нив го убиле силите на безбедност. Во моментот на нападот во центарот за обука имало околу 700 кадети, изјави Бугти.
Нападот започнал кога помеѓу четири и шест напаѓачи влегле во центарот за полициска обука во главниот град Белуџистан, Куета и отвориле оган. Чуварите возвратиле со оган, а напаѓачите потоа го активирале експлозивот.
Во пакистанската покраина повеќе од една деценија трае побуната на сепаратистичката група Белуџи, а во делови од провиницијата кои се граничат со Авганистан се присутни и исламистички екстремисти.