Напади врз цркви и хотели во Шри Ланка
21 април 2019Нападите беа извршени врз три луксузни хотели и една црква во главниот град Коломбо, како и во две други цркви недалеку од Колобо, на истокот на Шри Ланка. Меѓу десетиците загинати има и најмалку 11 странци, соопшти полицијата.
Премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинге оцени дека нападите се „кукавички“.
Експлозиите во црквите се случиле за време на велигденските миси. Болнички извори зборуваат за повеќе стотици повредени.
Шефот на полицијата во земјата, Пуџут Џајасундара, пред десет дена предупреди на опасноста од самоубиствени напади од страна на радикалната исламистичка група НТЈ. Притоа тој се повика на информации на „странска тајна служба“
Во мнозински будистичката Шри Ланка само шест проценти од населението е со католичка вера.
Германската влада на нападите во Шри Ланка реагираше со ужаснатост. Портпаролот на германската канцеларка, Штефен Зајберт, на Твитер напиша: „Ужаснати сме од веста дека христијани на Шри Ланка биле нападнати и убиени за време на велигденски миси. Тагуваме и се молиме за повредените и семејствата. Тероризмот, верската омраза и нетолеранцијата не смеат да победат.“