Има ли Европа алтернатива за рускиот гас?
24 јануари 2022Вистинските размери на европската енергетска криза станаа јасни кога неделава германската банка Комерцбанк ги објави податоците за актуелните резерви на гас низ Европската Унија. Складиштата за гас се под половина од капацитетите и тоа во екот на побарувачката поради зимата – вели германската банка.
„Тековните залихи се околу 47% од вкупниот капацитет“, вели за ДВ, Бернд Вајденштајнер, виш економист во Комерцбанк во Франкфурт. „Во принцип за овој период е нормално тие да имаат исполнето 60% од капацитетите, што значи дека сега има значително помалку залихи.“
Графичкиот приказ кој на Твитер го објави банката покажува дека во претходните години залихите со гас во складиштата низ ЕУ во јануари се движеле меѓу 60% и 85%.
Европа веќе беше соочена со енергетска криза кога руската компанија за гас под капа на државата – Газпром, ја намали испораката на гас кон Унијата во октомври, со што веќе растечките цени, повторно се зголемија.
Москва која испорачува околу 40% од увезениот гас во Европа е обвинета дека ја користи испораката на енергенсот како адут во спорот околу Украина, преку која транзитира најголемиот дел од рускиот гас. Западот верува дека Русија планира целосна инвазија врз Украина, откако Кремљ распореди над 100.000 трупи долж границата со Украина во последниве два месеца.
Загрозена енергетската безбедност на Европа
Истовремено со предупредувањето од германските и американските дипломати на рускиот претседател Владимир Путин од ескалација на кризата, лидерите на двете страни од Атлантикот се сè повеќе загрижени за ранливоста на енергетската безбедност на Европа.
Ако Путин ја сопре испораката на природен гас поради воен конфликт или можни идни санкции од Западот, Вајденштајнер предупредува дека „некои (европски н.з) залихи може да паднат на екстремно ниско ниво.“
За да се намали јазот заради зголемената побарувачка на гас за греење и електрично напојување, минатиот месец околу десет контејнери со течен природен гас (ЛНГ) наменети за Азија беа пренасочени кон Европа.
Може ли ЛНГ да го пополни недостатокот?
Овој потег ја обнови дебатата за тоа дали ЛНГ може да биде подолгорочно решение за намалување на европската енергетска зависност од Русија. ЛНГ е природен гас кој се лади во течна форма и се намалува на 1/600ина од неговиот оригинален волумен. Течниот гас често се транспортира во големи бродови со специјални резервоари кои го држат гасот во течна состојба на -162 степени. Кога ќе се испорача течноста до корисникот таа повторно се претвора во гас (се регасифицира).
САД подолго време предупредува на опасноста од доминација на Русија во секторот со природен гас, делумно и за да ја зголеми испораката на ЛНГ во Европа. Благодарение на зголемениот број природни наоѓалишта на течен гас, САД е во моментов најголемиот извозник на ЛНГ.
Но, додека американските компании ги зголемуваат извозните капацитети за речиси 20%, на 13.9 милијарди кубици дневно, до крајот на годината, според Меѓународната агенција за енергетика тоа нема да биде доволно за да се „спаси“ Европа ако Путин ги затвори славините.
На извозниците на ЛНГ им треба време
На краток рок, „со ЛНГ нема да може целосно да се компензира било каков недостаток на природен гас од Русија,“ вели Вајденштајнер наведувајќи го „недостатокот од слободни капацитети за извоз кај најголемите извозници како САД и Катар.“
Економистот од Комерцбанк вели дека иако Европа се уште има капацитет да го процесира или регасифицира увезениот течен гас „ќе биде тешко тој да се испорача до крајните корисниците бидејќи мрежата за дистрибуција и инфраструктурата не се прилагодени за значително префрлање на ЛНГ.“
Друг знак за загрозеноста на европската енергетска безбедност е информацијата која ја објави агенцијата Ројтерс во неделата дека американската влада неодамна имала разговори со неколку меѓународни фирми околу можни вонредни планови за испорака на гас во Европа во случај да бидат нарушени испораките од Русија. Цитирајќи двајца официјални владини претставници и извори од индустријата, Ројтерс пишува дека претставници на Стејт департментот се обратиле до компаниите за да се распрашаат од каде би можело да се обезбедат дополнителни залихи доколку е потребно. Со тесните глобални испораки во моментов, им било кажано дека има многу малку достапен гас на располагање со кој би можело да се заменат големите количини од Русија, велат извори од индустријата.
Без да се вклучат и други лиферанти на природен гас или ЛНГ, Европа може да се соочи со најлошо сценарио доколку има недостаток на гас од Русија, предупредува Вајденштајнер.
Враќање на јаглен?
„Наместо ова може да се засилат електраните на јаглен, но тоа нема да им се допадне на екологистите,“ вели Вајденштајнер. Но според него тоа е единствената можност за надминување на кризата на краток рок.
Путин инсистира на тоа дека отворањето на новиот гасовод Северен Тек 2 од Русија кон Германија ќе помогне во смирување на енергетската криза во Европа. Гасоводот кој води под Балитчкото море беше завршен лани но се уште нема добиено оперативна дозвола од Германија. Додека германската влада вината за одлагањето ја гледа во неколку непредвидени регулаторни пречки, кризата во Украина го зголеми притисокот врз Берлин да го одложи давањето на дозвола за работа.
За Северен Тек 2 има отпор од САД и неколку европски земји, меѓу кои и Полска и Украина, кои велат дека со ова само дополнително ќе се зголеми моќта на Русија над Европа и ќе се намалат транзитните такси што ги заработува Украина од гасот што транзитира низ нивната територија. Вајденштајнер исто така смета дека олабавувањето на енергетската криза не зависи од отворањето на Северен Тек 2.
„Русија, ако сака, може да ја зголеми испораката на гас и преку веќе постоечките гасоводи. Мислам дека ова е повеќе поврзано со играта што ја игра Путин, а може да има врска и со проблеми со снабдувањето на руските полиња со гас. Навистина е нејасно,“ заклучува експертот.