1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата станува менаџер и на приватните болници

ДТЗ /ДВ
19 ноември 2020

Владата до утре ќе воведе кризна состојба во траење од 30 дена. Државата еден месец ќе може да менаџира со приватниците болници кои ќе добијат компензација за лекување на болните.

https://p.dw.com/p/3lZ3C
Nord-Mazedonien | Treffen des mazedonischen Sicherheitsrates bei dem Präsidenten Stevo Pendarovski
Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Советот за безбедност ќе ѝ предложи на Владата да воведе кризна состојба на територија на целата земја во траење од 30 дена. Одлуката се очекува да биде прогласена најдоцна до утревечер. Воведувањето ваква кризна состојба нема никаква врска со воведување полициски час, ниту какви било други рестриктивни мерки, информираше државниот врв по денешната среба во Вилата Водно, каде се состана Советот за безбедност.
Ова е првпат на територијата на целата земја да биде прогласена кризна состојба. На почетокот на пандемијата во март годинава, Владата прогласи кризна состојба само на подрачјето на Дебар и Центар Жупа, каде со недели имаше ригорозни контроли за влез и излез од „корона-жариштето“.

„Во моментов имаме прогласено кризна состојба на северната и јужната граница во врска со илегалните преминувања на мигранти и бегалци и во тие подрачја војската и полицијата работат заедно. Сега таквата соработка, откако ќе биде декларирана кризна состојба, ќе биде овозможена буквално на целата територија на земјата“, посочи претседателот Стево Пендаровски. Тој вели дека и во моментов Армијата е активно вклучена во давањето поддршка и на полицијата и на здравствените институции во лимитиран обем, потпирајќи се само врз правниот основ кој доаѓа од законот за служба во армијата.

„Но, откако ќе биде прогласена кризна состојба тогаш Законот за одбрана и Законот за управување со кризи посебно даваат многу пошироки можности за поддршка на надлежните институции, пред се здравствените од страна на армијата“, додаде Пендаровски.

Државата ќе управува со приватните болници

Откако ќе биде прогласена кризна состојба во траење од 30 дена тогаш Законот за одбрана и Законот за управување со кризи посебно даваат многу пошироки можности за поддршка на надлежните институции, пред сѐ, здравствените од страна на армијата.

„Не станува збор за национализација на приватните болници, туку за управување со нив во битката против пандемијата на коронавирусот, таму кадешто Владата ќе процени дека треба“, вели Пендаровски. За сите услуги кои приватните здравствени установи ќе ги даваат ќе има компензирање. Државата ќе се јави во улога на менаџер во овој период и ќе покрие не повеќе од 30 проценти од пазарната вредност на трошоците за лекувањето во приватните клиники. 

-повеќе на темата: Вонредна или кризна состојба со „тенки“ ресурси?

Втората важна разлика што е дозволена во кризна состојба, според претседателот, е во законската можност Владата да управува со ресурсите на органите на државната управа и на јавните претпријатија на општините и на Градот Скопје.

Кризна состојба, а не полициски час

Премиерот Зоран Заев информираше дека кризната состојба ќе биде прогласена најдоцна до утревечер. „Владата и институциите се целосно подготвени на овој чекор. Ако бидат подготвени сите институции од формално-правен аспект, ние сме подготвени вечерва или најдоцна утре вечер да прогласиме кризна состојба“, рече Заев.

Премиерот вели дека не се размислува за полициски час или какво било затворање. „Кризната состојба нема никаква врска со полициски час, таа не го регулира или ограничува движењето на граѓаните. Останува препораката по 21 часот да не се движиме освен ако имаме некоја неопходна потреба, да ги почитуваме сите мерки, особено оние за лична заштита. Очекуваме луѓето да ја почитуваат сама по себе кризната состојба. Кога се прогласува кризна состојба има дебели причини зошто тоа се прави, истакна премиерот.

Што значи кризната состојба

Кризната состојба овозможува подобро менаџирање на сите ресурси.Таа му дава управувачки дел на Центарот за управување со кризи и директорот кој го води Централниот кризен штаб, а се формираат и општински и локални кризни штабови во сите 80 единици на локална самоуправа. Со самото тоа се добиваат дополнителни надлежности за управување со сите државни и приватни ресурси во државата за да се искористат сите капацитети во државата.

„Бројките насочуваат кон потреба од менаџирање на физичките капацитети во болниците и човечки преку медицинскиот персонал. Наместо како досега само во јавното здравство ќе може да се располага и со приватното здраство со една единствена цел да имаме доволно и човечки и физички капацитети, односно легла болници и слично“, рече Заев.

Мобилизиран целиот кадар во здравството

Министерот за здравство Венко Филипче по седницата на Советот на безбедност рече дека нé очекува период во кој бројот на дијагностицирани случаи ќе биде линеарен и ќе има потреба од болнички капацитети.

„Не очекува еден критичен период во којшто ќе има потреба од болнички капацитети. Тоа се случува насекаде во регионот. Ги гледаме и пратиме ситуациите во сите соседни земји - огромен пораст и покрај тоа што некои земји имаат дури и порестриктивни мерки на сила од нашите. Исто така, за жал пораст и на смртни случаи. Во таква една ситуација, целосно е мобилизиран целокупниот кадар во јавно-здравствените установи. Согласно нашиот план секој еден тим во сите интерни клиники да има одговорен и интернист, и анестезиолог. Сепак можно е да дојде во ситуација да се потребни дополнителни ресурси, како болнички капацитети во смисла на кревети за сместување, така и кадар“, изјави министерот Филипче.