1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криминалот во Македонија „голта“ младешки судбини

18 јули 2010

Десет проценти од криминалните дела во Македонија ги извршуваат малолетници. Училишните клупи ги заменуваат со улицата и се развиваат во возрасни луѓе кои се девијантни. Како да се спречи малолетничкиот криминал?

https://p.dw.com/p/ODxM
Фотографија: picture-alliance / Tagesspiegel

Малолетници и младинци со ножеви и пиштоли во училишните чанти, кои повеќе планираат која трафика, или автомобил да ги ограбат, наместо каде да спортуваат. Десет отсто од сите видови криминал во последниве години во Македонија ги извршуваат малолетниците. Дојче веле ги праша експертите: што се случува со младите во земјата?

Зоран Киткањ, професор по малолетничко претстапништво во Институтот за дефектологија на Филозофскиот факултет на Државниот универзитет во Скопје, вели: „Главно, тоа се должи на незгриженоста, запоставеноста и на незадоволувањето на примарните развојни потреби кај децата за љубов, грижа, за заштита и самореализација. Отсуството на исполнувањето на овие развојни потреби создава простор децата да бидат препуштени самите на себе и на улицата, да започнат да пројавуваат девијантно однесување. Десетте проценти учество на малолетниците во вкупната маса на криминалитетот се должи и на нееднаквиот, на нерамноправниот старт на младите луѓе во животот.“

Насилните општествени опкружувања создаваат насилни млади личности

Symbolbild Jugendkriminalität Mädchen Gewalt
Фотографија: chromorange

Марија Ралева, професорка по детска и младинска психопатологија на Медицинскиот факултет на истиот универзитет, истакнува: „Младите се веројатно најранливата и најподложната категорија на можните влијанија. Растењето во насилно опкружување - а свесни сме дека насилството во Македонија во последниве 20-тина години е во пораст – се одразува најмногу врз младата генерација. Тие ги восприемаат токму таквите обрасци на однесување и според својата биолошка и конституционална предиспозиција се во ситуација да ги ’впиваат’ и да ги реактивираат тие исти модели на однесување. Значи, растење во насилни опкружувања произведува, дословно, насилни млади луѓе, кои немаат други алтернативи да ги практикуваат просоцијалните облици на однесување.“

Оливера Цветковска, психолог од Одделот за малолетничка деликвенција во Центарот за труд и социјална политика во Тетово, се надоврзува: „За разлика од минатите години, долната граница на возраста на извршителите на кражби и други кривични дела во Тетово сега се спушта се пониско. Има малолетници со 12, или 13 години, кои почнуваат со кражби, но, кои почнуваат и да експериментираат со дрогата. Обично, кражбите во Тетово ги вршат група на малолетници и тие се појавуваат како повратници. Имаат направено по 20, 30, па и по 50-тина кражби.“

Девијантните однесувања во детството и младоста го определуваат натамошниот развој на општеството

„Она што се случува сега со младите и тинејџерите во земјата ќе се одрази подоцна врз сето македонско општество“, предупредува професорката Ралева и продолжува: „ Треба да се укаже на недоволната родителска контрола, недоволната вклученост во училишниот систем, на непостоењето други алтернативи освен ’висење’ на улица и разменување такви искуства меѓу себе. Мора да се посочи и на учењето според моделите, кои се промовираат во медиумите, на телевизијата, меѓу партиите. Сето тоа директно ги ангажира младите во насилнички дејства. Од млади, кои се вклучени во насилнички дејства, стануваат возрасни лица, кои се насилници, возрасни кои се девијантни, кои се криминалци. Детството и младоста дословно го определуваат натамошниот развој на општеството.“

Deutschland Justiz Jugendkriminalität
Фотографија: AP

Во 12-те месеци лани судиите за малолетнички криминал постапувале против 1515 малолетни прекршители на законот. На 980 од нив им се изречени воспитни мерки, а затворски казни добиле 11 - мина.

Професорот Киткањ ги изнесува следниве согледувања од својот научен труд „Криминалитетот кај малолетните лица во Република Македонија во периодот од 1998 – 2007 година“: „Доминираат кривичните дела од имотна природа - преку 80 проценти. Меѓутоа, најдраматичен и навистина загрижувачки е фактот што расте бројот на кривичните дела со елементи на насилство. Тука станува збор за разбојништвото, за разбојничката кражба.“

Борба за секое дете, за секој млад човек

Во земјата постои државен Совет за превенција од малолетничкото престапништво, кој е конституиран во ноември минатата година. Тој има донесено програма за работа за следниот петгодишен период и Акционен план за работа во 2010 година.

Jugendgewalt
Фотографија: Christoph&Friends

Киткањ критички забележува: „Имаме несоодветна стратегија за спречување на факторите, условите и ситуациите, кои доведуваат до различни облици на престапничко однесување. Имаме отсуство на системски решенија, за кои е должна државата да ги спроведува соодветно преку своите институции. Тука мислам на навременото откривање и следење на децата, кои растат во социјално ризични семејства. Потребно е државата преку своите институции да овозможи рано откривање и навремено третирање на општествено неприспособените деца. Значи, на оние кои немаат капацитет да се приспособат кон условите кои ги поставува не само училишната, туку и пошироката општествена средина. Потребно е и постојано усовршување на стручните служби во надлежните институции да дизајнираат индивидуален план во третманот на ресоцијализацијата за секое малолетно лице. Многу е важно и заводите за воспитување, малолетничките затвори да понудат колку е можно повеќе занимања, за да можат децата, кои се наоѓаат таму, да се усвршуваат професионално, да здобијат некое занимање.“

Професорката Ралева посочува: „Ако ние не инвестираме во превентивни програми, во рани интервентни програми во однос на просоцијалниот раст и развој на децата, а и на младите, тогаш тешко дека ќе се сменат нештата. Напротив, тие ќе стануваат се посериозни и се подлабоки.“

Експертите предупредуваат дека се најитно потребни институционална заштита на младите, како и ефикасна превенција и ресоцијализација на престапниците – тинејџерите. Во меѓувреме, темниот свет на криминалот ќе продолжи да „голта“ се’ повеќе младешки судбини.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска