1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курдите гласаат за независност

ЖА
25 септември 2017

Курдите во Ирак денеска на референдум гласаат за независност. Соседните држави и ирачката централна власт се против изјаснувањето. Турција изјави дека за неа референдумот е неважечки.

https://p.dw.com/p/2kdjp
Irak Unabhängigkeitsreferendum der Kurden im Nordirak
Фотографија: picture-alliance/AP - Photo/K. Mohammed

Преку 5,2 милиони гласачи треба да решат дали курдската автономна област во северен Ирак ќе се отцепи од остатокот на државата. Се очекува големо мнозинство на референдумот да гласа за независност на Курдистан. Но, против народното изјаснување има силни отпори, централната влада во Багдад смета дека е тоа противуставно.

И Турција и Иран се против референдумот и ја обвинуваат курдската влада за загрозување на мирот и стабилноста во Ирак и во целиот регион. Освен тоа, Анкара и Техеран стравуваат од јакнење на стремежите за курдска автономија во двете земји. За Турција изјаснувањето е „илегално и неважечко“ и се закани со санкции. Доколку дојде до загрозување на националната безбедност, владата во Анкара ќе посегне по сите дозволени мерки, во согласност со меѓународното право, соопшти Министерството за надворешни работи на Турција.

Кратко по почетокот на референдумот, според медиумите, е затворен граничниот премин од Турција кон северен Ирак. И САД и Германија се против гласањето на Курдите за независност. Исходот на изјаснувањето не е обврзувачки, но би требало на шефот на курдската регионална влада, Масуд Барзани да му обезбеди зајакнат мандат во преговорите со централната влада во Багдад и со соседните држави. Резултатот од референдумот би требало да биде познат за 72 часа.