1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курц бара зајакнати ЕУ-граници

Барбара Везел
4 јули 2018

Да се заштити Европа! Но, од што? На почетокот на претседателството со ЕУ, австрискиот канцелар Курц ја скицираше својата политичка програма. Најважни теми: европската политика на азил и обезбедување на ЕУ-границите.

https://p.dw.com/p/30mVb
Sebastian Kurz
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Roge

Во Европскиот Парламент во Стразбур прва на ред беше дневната политика. Конкретно, на дневен ред беа реакциите на Австрија на согласноста што ја постигнаа германските партии на Унијата (ЦДУ и ЦСУ). „Доколку Германија посега по национални мерки, тогаш ние и останатите мора да реагираме“, рече кусо канцеларот Себастијан Курц, додавајќи дека очекува „јасна владина линија во Берлин“.

Австрија веќе вчера изутрина најави затворање на своите граници како реакција на можните германски мерки. Повеќе за таа тема Курц најави за подоцна во Виена, каде може да зборува како национален шеф на влада. Во Европскиот Парламент, како што вели, дошол за официјално да ги претстави темите на австриското претседателство со ЕУ.

Претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, пак објасни дека ѝ дал задача на правната служба да ги провери германските мерки и дека „на прв поглед“ согласноста постигната во Берлин е во согласност со европското право.

„Европа која заштитува“

Но, да се вратиме на програмата на Курц за претседателството со ЕУ. Тој во моментов е најмлад премиер во ЕУ и во својот прв говор направи обид да се наврати и на историјата. „Австрија отсекогаш била проевропска“, рече тој. Тоа тешко може да го продаде, зашто неговиот коалиционен партнер ФПО бара сојузници пред сѐ кај анти-Европејците во Италија и Франција.

Неколку големи зборови за европскиот проект, правна држава и демократија, се составен дел на почетокот на секое национално претседателство со Советот на ЕУ. Меѓутоа, одлучувачки е што една земја на крајот успеала да оствари. Курц постојано зборува за градење мостови. Во наредните шест месеци ќе мора да покаже дека тоа не е само флоскула.

Sebastian Kurz spricht vor dem EU-Parlament
Себастијан Курц во Европскиот ПарламентФотографија: Reuters/V. Kessler

Миграцијата во фокус

Со мотото „Европа која заштитува“ канцеларот прво мисли на спречување на натамошна илегална миграција. Станува збор за „заштита на населението“, една смена на парадигми во бегалската политика. Последниот самит во тој дел донесе важна промена на трендот.

Согласноста за „платформи за допловување“ и насоките за невладините организации се чекори во вистинска насока, смета Курц. Освен тоа, тој нагласува дека е неопходна подобра заштита на надворешните граници, за да може да се зачуваат отворените граници во внатрешноста на Шенгенскиот простор. И, уште еднаш побара поголема соработка со африканските земји, нешто што ЕУ се обидува да го направи од самитот со Африка во Малта пред три години, но досега со многу мал успех.

Австрија го поздравува почетокот на преговори за приклучување со Македонија и Албанија и пледира за скорешен прием на сите држави од Западниот Балкан во ЕУ. Тука се разликува многу од францускиот претседател, кој не стреми кон брзо проширување. Во тој дел градењето мостови веројатно ќе оди тешко.

Повеќе: 

Меркел се спаси со бегство во тврдината Европа

Мигрантите и ЕУ: Добрата волја да се поттикне со пари

Десните популисти во Европа го сечат стеблото на кое седиме сите

Повеќе од Виенска шницла

Претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер потсети дека плановите за европска заштита на надворешните граници се поднесени во Брисел уште пред повеќе години, но тогаш беа отфрлени од страна на „некои земји каде што се зборува германски јазик“. Таквите предлози беа долго блокирани, меѓу другото и затоа што Германија стравуваше од губење на националниот суверенитет. Во тој дел мислењата се променија.

Освен тоа, Јункер кусо го потсети австрискиот канцелар дека мора повеќе да се зборува за миграцијата и дека тој би морал да работи на компромиси за наредниот ЕУ-буџет, кој би требало да биде донесен во 2019 година: „На чинијата не може да има само Виенска шницла.“ Опомена спакувана како кулинарска шега.

На шефот на либералите во Европскиот Парламент, Ги Ферхофстат, воопшто не му беше до шега: „Воопшто не постои миграциска криза, ова е политичка криза врз грбот на мигрантите“, рече Ферхофстат. Тој укажа на „драматичното намалување“ на бројот на мигранти кои бараат азил во ЕУ. „Погледнете ги прво бројките, пред да ширите страв кај граѓаните“, побара тој.

Frankreich Straßburg EU Parlament Guy Verhofstadt
Ферхофстат: Воопшто не постои миграциска криза, ова е политичка криза врз грбот на мигрантитеФотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

Орбанизација на Европа

Таканаречената криза се должи само на едностраната одлука на италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини да ги затвори пристаништата за бродовите со бегалци, уверен е Ферхофстат. Салвини сака да ги пропушти бегалците кон соседните земји, кон Унгарија, Германија, Австрија, каде што се случува истото. Секој дејствува само национално, а единствен консензус е да нема бегалци „во мојот двор“, рече либералот во ЕП, оценувајќи дека тоа е вистински скандал.

И Филип Ламберц, заменик шеф на пратеничката група на Зелените во ЕП, смета дека насочувањето на ЕУ-политиката кон миграцијата во наредната половина година е еднострано. Во еден несигурен свет граѓаните навистина сакаат заштита, но од што? Се работи за заштита од терористичпки напади, од губење работни места, од сиромаштија и социјален пад, вели Ламберц.

Миграцијата е дури на четврто место во истражувањата на јавното мислење. „Наместо да им се служи на граѓаните, се шират стравови и бегалците се претвораат во виновници“, рече Ламберц, додавајќи дека сите десни екстремисти сега го сметаат Виктор Орбан за урнек, но на тој начин само се легитимираат неговиот јазик и цели и се загрозува срцето на демократијата.

Додека од десниот и конзервативниот спектар во ЕП доаѓа охрабрување за Себастијан Курц и се слушаат барања за побрзо дејствување и уште поостри мерки во делот на миграцијата, либералите, социјалдемократите и левицата сметаат дека е загрозена иднината на Европа: „Доживуваме ли орбанизација на Европа?“, праша пратеникот од СПД, Удо Булман и најверојатно и со поглед кон она што се случува во Берлин додаде дека целата работа „веќе нема ништо заедничко со разумот“.